КАМИОНЏИИТЕ ВОЗАТ ПО РАБОТ НА РЕНТАБИЛНОСТА Само поврат на акцизата за гориво може да ги спаси превозниците
Во земјава 96 отсто од превозот на стоки се врши со камиони, односно патен превоз, а само 4 отсто се реализира преку железницата.
Превозниците работат на работ на рентабилноста поради високите цени на горивата. Тие алармираат дека ќе мора да ги запрат камионите, ако горивата продолжат да поскапуваат, а владата не преземе одредени мерки за да им помогне. Тие бараат пониска акцизата или поврат на дел од акцизата за погонското гориво за возилата на сите што вршат комерцијален превоз на стока и патници за да можат да ја обавуваат дејноста и во оваа кризна состојба. Од владата засега нема одговор околу ова барање на превозниците.
Цената на горивата во земјава расте секоја седмица, а како причина за тоа, од Регулаторната комисија за енергетика која ја утврдува, ги наведуваат зголемените референтни цени на горивата на светските берзи. При последното зголемување на цената на горивата РКЕ соопшти дека референтните цени кај бензинот во просек се повисоки за 4,856 отсто, кај дизелот за 4,802, кај екстра лесното масло за 4,821, и кај мазутот за 4,320 отсто.
Експертите во светот не прогнозираат намалување на цената на нафтата и во наредниот период бидејќи расте побарувачка како резултат на закрепнување на економиите. Меѓународната агенција за енергија (ИАЕА) проценува дека глобалната побарувачка за сурова нафта годинава ќе се зголеми во просек за 3,3 милиони барели дневно. Порастот на побарувачката за нафта, оценуваат оттаму, се должи и на зголемената побарувачка за јаглен и природен гас. Бидејќи нивните цени на светскиот пазар исто така растат, нафтата станува попривлечна како гориво на електраните.
Превозниците велат дека висината на цената на горивата учествува со 40 до 60 отсто во цената на превозот на стоката кај превозниците, но затоа пак високата конкуренција што ја имаат на меѓународниот пазар не им дозволува да ја зголемуваат цената бидејќи тоа ќе значи и запирање на камионите. Затоа се принудени да работат на работ на рентабилноста, но не можат да предвидат до кога ќе можат да издржат.
Во земјава 96 отсто од превозот на стоки се врши со камиони, односно патен превоз, а само 4 отсто се реализира преку железницата.
Од МАКАМТРАНС велат дека владата ќе треба да ги помогне превозниците со посебни мерки. Една од нив е да ја намали акцизата или да овозможи поврат на акцизата на горивата. Ова барање на превозниците се провлекува подолг период во лавиринтите на администрацијата. Сега од МАКАМТРАНС подготвуваат ново со кое ќе го запознаат и директно новиот премиер Димитар Ковачевски.
– Немаме одговор на нашето барање за поврат на акцизата со месеци. Деновиве подготвуваме ново со кое ќе го информираме и новиот премиер, па ќе видиме што ќе се случи. Со обезбедување на повртат на акцизата и по 1 денар за литар гориво ние ќе можеме реципрочно да бараме поврат и во земјите каде што веќе има таква мерка каде што возат нашите камиони. Со тоа ќе се ублажи притисокот што цената на нафтата го прави врз нашата превозна цена, но ќе се добијат и повеќе пари во буџетот од работата на превозниците во странство. Сега цената на горивото учествува со 40 до 60 отсто во цената на превозот зависно од километражата. Но, тука се и патарините и другите трошоци кои превозниците ги имаат за време на превозот, а да не зборуваме за амортизацијата на возилата и платите на возачите и другите обврски кон државата. Цените на превозот не можат толку бргу да ги следат сите промени на цената на горивата, ниту пак превозниците можат за секој превоз да бараат дополнителни средства. Според информациите со кои располагаме, во последниов период има одредено зголемување на цените на превозот, но тоа е далеку од реалните потреби и можностите за следење на растот на горивата, но и инфлацијата, која сѐ повеќе се чувствува и во оваа дејност – вели Муратовска од МАКАМТРАНС.
Дека ова барање на превозниците е можно, вели Муратовска, говори практиката на повеќе земји кои за време на пандемијата, но и пред тоа воведоа поврат на акцизата за горива. Таков е примерот со Србија и Црна Гора во поблиското опкружување, а ваква мерка има и во повеќе земји членки на ЕУ.
– Па и кај нас функционира повратот на акцизата за горива, но таа е стриктно наменета за гасното масло кое се користи за греење. При промената на Законот за акциза лани во април со новиот член 98-а се дозволува поврат на акциза за гасното масло за греење, и покрај тоа што ова масло е голем загадувач на животната средина, а не се дозволува поврат на акцизата за превозниците. Ова масло се користи за греење во домаќинствата како и за греење во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата. За нив е обезбеден поврат на платената акциза во висина од 6 денари за литар – вели Муратовска.
Таа додава дека владата односно соодветните министерства ќе треба да направат добра анализа околу ова прашање и да размислат за ефектите кои ќе ги има врз буџетот повратот на акцизата за горива за превозниците бидејќи тие се основниот превоз на стоки од странство и кон странство.
Превозниците имаат забелешка и на еко таксата која се наплаќа преку цената на горивата.
– Сега имате состојба кога со оваа такса еколошка такса се казнуваат и превозниците кои поседуваат возила со Еуростандард 6. Ние предлагаме оваа такса да ја плаќаат само превозниците кои имаат возила со понизок Еуростандард од дозволеното во ЕУ. Но, за надминување и на проблемот на загадување ќе треба да се воведат субвенции за обнова на возниот парк – вели Муратовска.
Муратовска вели дека ги подготвуваат сите забелешки и на Законот за патен сообраќај како и Уредбата за распределба на лиценците за превоз.
– Веќе работиме на нов текст на уредбата и очекуваме да биде прифатена од Министерството за транспорт и врски. Заедно со овој текст ги подготвуваме текстуално сите наши барања дадени до владата во изминатиот период. Писмено ќе го известиме и новиот премиер,со надеж дека ќе има поинакво мислење од претходниците и ќе преземе некои активности – вели Муратовска.
Од владата засега нема одговор за барањата на превозниците.