КАМИОНЏИИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ПОВТОРНО ЌЕ ГИ БЛОКИРААТ ГРАНИЦИТЕ Здруженијата од Србија, БиХ и од Црна Гора ги објавија датумите
Последниот предлог е преодно решение кое предвидува билатерални договори на земјите од Западен Балкан со земјите членки да договорат издавање национални Д-визи, наместо воведување единствен европски статус за професионалните возачи.
Превозниците од Србија Босна и Херцеговина и од Црна Гора најавија нови блокади на граничните премини кон Шенген зоната со барање итно да се усвои преодно решение што ќе овозможи нормален живот и работа на професионалните возачи и превозниците од Западен Балкан .
Засега термините на блокадите меѓу поединечните здруженија на превозниците не се усогласени.
Управниот одбор на Бизнис асоцијацијата „Меѓународен транспорт“ на Србија најави дека новиот протест ќе се одржи на 14 април.
Здружението изјави дека таквата одлука е донесена имајќи предвид дека се одржани неколку состаноци на Техничката работна група со претставници на Европската комисија (ЕК), како и дека, според претставниците на ЕК, сите предлози за промена на ставот кон професионалните возачи на Западен Балкан од страна на земјите-членки биле отфрлени и дека, како што наведоа, продолжува „понатамошниот терор врз возачите“, што вклучува апсења, депортации и забрани за влез во Шенген зоната.
Превозниците додаваат дека протестот нема да биде прекинат сè додека не добијат задоволителен писмен одговор од Европската комисија за понатамошен похуман третман на професионалните возачи и дека во наредниот период ќе се договорат за деталите за заедничко појавување на протестите со колегите од регионот.
Денеска и здружението на меѓународни превозници на товар на Црна Гора најави дека повторно ќе организира блокади на патиштата во близина на граничните премини на 12 или 13 март и најави договор со другите здруженија на превозници од регионот. Тие нzведуваат дека протестот е за нерешеното прашање со Европската Унија, но и нерешените прашања договорени со црногорската влада.
Здружението на превозници од Босна и Херцеговина веќе донесе одлука да ги блокира сите гранични премини на таа земја од 12 март доколку барањето за изземање на регионот од новите Шенген правила не биде исполнето до 10 март.
Европската комисија како решение на проблемот ја посочи новата визна стратегија за чие донесување се потребни најмалку 2 години, па на маса се стави преодно решение кое предвидува билатерални договори на земјите од Западен Балкан со земјите членки да договорат издавање национални Д-визи, наместо воведување единствен европски статус за професионалните возачи. На овој начин возачите би можеле да престојуваат подолго од досегашните 90 дена во рамки на правилото 90/180.
Предлогот бил инициран од хрватскиот претставник во работната група, кој посочил дека во Хрватска веќе е започнат процес за измени на законската рамка што го регулира издавањето Д-визи за лица од трети земји кои немаат работодавач во сопствената држава. Овој модел, според информациите од состаноците, би можел да се примени и во други земји членки преку прилагодување на националните прописи.