КАМЕРИТЕ ГО СНИМИЈА РЕКОРДЕРОТ – ВОЗЕЛ СО 231 КМ НА ЧАС!? „Сејф сити“ допрва ќе ни открие какви „таленти“ имаме
Податоците кои се добија за само три дена од пробното пуштање на системот, ја потврдуваат потребата од негово воведување, велат соговорниците од МВР.
Камерите од системот „Сејф сити“ го регистрираа рекордерот во брзо возење – 231 км/ч на скопската обиколница на први декември, открија во гостувањето на ТВ Телма началничката на Секторот за сообраќајни работи во МВР, Маја Арсовска Манов и државниот советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Владимир Велковски.
Податоците кои се добија за само три дена од пробното пуштање на системот, ја потврдуваат потребата од негово воведување, а со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, нагласија соговорниците.
За потсетување, системот „Безбеден град“ во првиот тест период за 24 часа на 1 декември регистрирал 110 илјади прекршоци, додека според информациите од МВР на 2 декември регистрирани се вкупно 50.652 прекршоци, што претставува преполовување на бројот на регистрирани прекршоци. Од нив 48.861 се прекршоци за брзина, 1.366 за црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.
Најмногу – 4.300 прекршоци за брзо возење се регистрирани на излез од Скопје кон Тетово, како и на булевар „Никола Карев “ – 3.000 прекршоци.