Камчиња во свој чевел

Tотално е лудо самите да не си го користиме членот 7, што е еден од поретките членови на тој договор кај што јасно стои дека секоја страна си го задржува правото да ги користи термините Македонија и македонски во своја смисла. Новата (и нашата прва) претседателка и новиот премиер го користат овој член паметно, повикувајќи се и на редица меѓународни акти за човековите права, како и на правото на самоопределување и самоидентификување.

1,464

Како камчиња во чевел ги доживувам постизборниве кампањи од опозициските редови „за доследно почитување на уставното име од Претседателката и Премиерот“ или „за итни уставни измени“, совршено координирани со изјавите на соседските високи политичари, кои безобразно ни се закануваат дека ќе ни го закочеле патот кон ЕУ. Па тие тоа го прават веќе три децении, со здушна поддршка од европските бирократи! И еве нѐ, живи сме, измачени како грешни ѓаволи, расфрлани по светот, со болка од неправдите, но и со повторно роден пркос и потреба за гордост што сме она што сме. Без правдање и без автоцензура.

Никогаш не разбрав зошто како Македонци и македонски граѓани сами си ставаме камчиња во чевлите, за да нѐ бодат, разрануваат и да ни го сопираат чекорот. Забораваме дека само со свои нозе, во свои чевли, можеме да стигнеме онаму кај што посакуваме, кон подобро денес и утре за Македонија.






И немаат логика за мене ваквите слепи кампањи, со кои некој ги поддржува, или афирмира безобразните закани, преку политички ставови, новинарски прашања или анализи, сеедно. Тоа е како да си ја сече гранката на која седи, заедно со сите нас, неговите/нејзините сограѓани. И останува неодговорено прашањето: Добро, зошто?

И тотално е лудо самите да не си го користиме членот 7, што е еден од поретките членови на тој договор кај што јасно стои дека секоја страна си го задржува правото да ги користи термините Македонија и македонски во своја смисла. Новата (и нашата прва) претседателка и новиот премиер го користат овој член паметно, повикувајќи се и на редица меѓународни акти за човековите права, како и на правото на самоопределување и самоидентификување.

Очигледно е дека огромен број луѓе во и надвор од Македонија го поздравуваат овој нов, здраворазумен и природен пристап на новите избраници, со чуvство дека си ја враќаат Македонија и нормалноста на нештата. Има уште пат, ама трасиран е. Да не фрламе камења и отпад врз него, туку да помогнеме да се расчисти и да остане таков!

И да престанеме да бидеме наивни. Верувам дека и нашите јужни соседи се свесни дека тој договор е неодржлив на долг рок, но им служи во одреден период за да излезат од политичкото клопче околу македонското име, што самите го сплеткале. Па белким не мислат дека Македонците ќе почнат по дома да се нарекуваат со таа грда бирократска формула и дека ќе ја повторат асимилацијата на Македонците од Егејска Македонија за време на фашистичката диктатура на Метаксас од 1936-та?

Потешко ќе сфатат нашите источни соседи дека постоиме со сета наша меморија, записи и одлучност како Македонци. За огромен дел од нив тоа е еден вид ерес и предавство на себството, зашто така се воспитани многу генерации, во Сан-Стефански дух на голема империја. И многу од нив искрено веруваат дека сме едно и треба да се обединиме. Ќе останат разочарани, ама секој ќе треба да се справува со своите лични проблеми, а сите заедно на Балканов ќе мора да најдеме начин за пристојна  комуникација во заеднички интерес.

Ни фали поголема солидарност меѓу себе, независно од партиска афилијација или каква и да е припадност. Да сме на јасно: со новата политичка гарнитура имаме за што да се расправаме, да дискутираме и аргументираме, да бараме најдобри решенија. Не е и нема да биде секој владин предлог идеален, но добро би било да критикуваме конкретно, тематски, секој според својата стручност и афинитет.

За мене, фокус се екологијата и решавање на загадувањето, како и јакнењето и вклучувањето на жените во сите општествени текови. И овие теми ќе ги следам и ќе реагирам. Еве за крај, воопшто не сум задоволна со малиот број предложени министерки и очекувам сериозно промислување при предлагањето заменици министри/министерки и директори/директорки!

Не оди (прва) жена претседателка на држава со Влада од машкуданци околу себе! Има способни жени, свртете се околу Вас, аман!

 

Поврзани содржини