КАМЧЕВ ГО ОТФРЛИ ОБВИНЕНИЕТО Ми монтираат случај за да ми се одмаздат за аферата „Рекет”
Ќе докажам дека јас, Јордан Камчев и мојата мајка Ратка Куноска Камчева на возраст од 77 години, досега немаме сторено ниту едно кривично дело, во оваа постапка ќе останеме чисти затоа што не сме го сторило ова измислено кривично дело познато само на обвинителството, рече пред судот бизнисменот Камчев.
Бизнисменот Јордан Камчев денеска во својот исказ пред Судечкиот совет во случајот „Плацеви на Водно“ истакна дека обвинителниот акт против него и против неговата мајка Ратка Камчева е монтиран, направен е груб фалсификат од страна на обвинителката, манипулација кон судиите што го оценувале обвинителниот акт и е уште еден доказ за војната што обвинителството ја води против него поради предметот ,,Рекет“.
-„Рекет“ ѝ е добро познат на јавноста, но сега со уште пожестоко темпо – со обвинение на една страница и две реченици за кое шест месеци сум во притвор. За обвинение во кое што дејството кое ми се препишува мене и на мојата мајка е изведено после изјавата на првоoбвинетиот во случајов Никола Груевски и тоа цели четири месеци. Овој обвинителен акт е толку конфузен и спакуван што би се засрамил и студент на Правниот факултет да го прочита во дејствијата во вториот дел кои се однесуваат за фирмата ,,Орка Холдинг’’ за мене и за мојата мајка. Во самиот акт ниту има време, ниту има место како тоа ние сме помогнале во наводното перење пари. Во актот имате два збора, предлог и пример – рече Камчев.
Тој му се обрати на судијата и на Судечкиот совет прашувајќи ги, како може да се пренесе и да се прими нешто што сте го платиле 1 милион и 535.000 евра, званични пари од сметката на ,,Орка Холдинг’’ во Скопје.
– Толку дрско се лаже во обвинителниот акт и се манипулира, иако беа доставени докази во месец јануари до Обвинителството за организиран криминал дека уделите се комплетно платени, се продолжува со измислувањето дека е фиктивно пренесен уделот на компанијата ,,Сирах’’ на лицето Ирена Самсоненко без да се платат парите. Доставените докази во Обвинителството воопшто не се земени предвид, а се работи за уплата од 1 милион и 800.000 евра и добивка на компанијата ,,Орка Холдинг’’ од околу 350.000 евра, за во Обвинителниот акт тоа да не се спомне, туку да се напише дека се фиктивно пренесени удели. Фиктивно не може да се пренесат удели кои што се платени, пари за кои што е платен данок на добивка, платен е вредност на имот и ДДВ. Фиктивно ,значи дека се префрлени без да се платат. Истите докази беа доставени до обвинителството, никогаш не беа земени предвид – рече Камчев.
Тој додаде дека во текот на постапката ќе се докаже и тоа дека обвинителката не ги зема предвид двете продажби на земјиштето на ,,Сирах“.
Зошто едниот правен субјект воопшто не се третира во ова прашање, а само се третира лицето Ирена Самсоненко?, праша бизнисменот Камчев.
– Во 21 век веројатно ова е единственото рочиште во светот каде што за обвинение за перење пари во кое сум вклучен, а и бивш премиер на држава, бивш шеф на служба, бизнисмени и во кое јавноста целокупно е вклучена, вие имате поднесен обвинителен акт без финансиско вештачење за перење пари. Па тоа не може да се случи во ниту една нормална држава! Ние со мојата одбрана спремивме финансиско вештачење, како што доликува и го доставивме до Судот. И со дополнение ќе добиете уште едно финансиско вештачење. Затоа што перење пари, првата работа, основна е финансиско вештачење. Јас сум економист и тоа многу добро го знам, ниту вие како судија ќе можете да оцените доколку немате такво вештачење во однос на тоа да видите како се одвивала трансакцијата на парите. Затоа што оваа измислена приказна на обвинителката со илјадници грешки во неа, и тоа сериозни грешки, кои ќе ги доставиме потоа со докази во постапката, со пермутации на износи, со пермутации на зборови за да добие впечаток јавноста, затоа што најбитно е кога ќе излезете надвор да се сликате пред камерите и да кажете дека тој е во притвор, дека направил тоа и дека украл толку и слично. Не е битна суштината на делото на измислената приказна, тука е битно дека сте осудени со самото тоа што сте во влезени во притвор и што е покренат обвинителен акт – рече Камчев.
Тој се пожали дека никој не ги гледа доказите, затоа заедно со адвокатот ќе ја докажат вистината и од ова судење ќе излезат со чист образ.
– Дали било фиктивно или не фиктивно за мојата компанија ,,Орка Холдинг’’ не може да збори така обвинителката, бидејќи плацот е купен со намена, за ,,Систина’’ да изгради дом за стари лица бидејќи локацијата беше перфектна. Блиску до државна болница, во шума, идеална за тоа место. За истата има направена физибилити студија, има комплетна проектна документација, но заради инфраструктурните проблеми со општината кои потоа со сведоците кои ќе дојдат и ќе ги покажат и докажат не се остварил одобрениот проект. Уште една работа што обвинителството си ја зима туку-така. Воопшто, не се почитува Законот за трговски друштва во овој предмет. Според Законот за трговски друштва се знае што е акционерско друштво и како тоа се управува и се знае што се трговски друштва. Кои се органите на управување и кои одлуки ги носи кој орган на управување. Овде тоа воопшто не е земено предвид. Исто така во доказниот материјал ќе биде доставен до судот, комплетниот статут и комплетната поставеност на ,,Орка Холдинг’’. Исто така се тврди дека се имитирал негов потпис без да се достави никакво вештачење – вели Камчев.
Тој тврди дека ниту еден материјален доказ не е доставен до судот, ниту за него ниту за неговата мајка.
– Ниту еден сведок, ниту еден материјален доказ…Конструкција напишaна на страница и пол. Али пазете, се штити фирма која што купила, тука имот од познати причини веројатно само на обвинителката, а тоа ќе го дознае јавноста, зашто се прави. Сите овие мои наоди ние ќе ги докажеме со докази на судот преку сведоци. Ќе докажам дека јас, Јордан Камчев и мојата мајка Ратка Куноска Камчева на 77 години возраст, досега немаме сторено ниту едно кривично дело, во оваа постапка ќе останеме чисти заради тоа што не сме го сторило ова измислено кривично дело познато само на обвинителството. За крај, тоа го должам и на мојот покоен татко кој после 42 години ја остави оваа фирма, како и на моите деца за да докажам дека не сум криминалец, туку сум човек кој во оваа држава создава и вработува 3.000 луѓе, плаќа дваесетина милиони евра даноци и лежи 6 месеци во притвор поради измислено обвинение од страна на монструозното обвинителство на Р. Македонија – рече Камчев во својот исказ пред судот.