Камчев добива третман како сите притворени, тврди Управата за извршување на санкции
Притвореното лице е сместено само, а досега врз него се направени вкупно шест медицински прегледи, од кои еднаш била повика и Брзата помош - се вели во реакцијата.
Притвореникот Орце Камчев добива третман како секое друго притворено лице во Северна Македонија, тврдат од Управата за извршување на санкции во реакцијата по информациите за негов наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето.
– Управата за извршување на санкции најкатегорично ги демантира информациите за наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето на притвореникот Орце Камчев. Притвореното лице е сместено само, а досега врз него се направени вкупно шест медицински прегледи, од кои еднаш била повика и Брзата помош – се вели во реакцијата.
Дополнително, додаваат од Управата, на 21 март притвореникот Камчев бил однесен и на специјалистички кардиолошки преглед каде е констатирано дека тој нема медицински проблеми кои би значеле негово лекување, по што е вратен на издржување на мерката притвор.