Каматната стапка на вкупните кредити во мај се намали на 4,56 отсто

Каматите на вкупните кредитите на фирмите сега изнесуваат 3,31 отсто, а кај домаќинствата 5,35 отсто.

159

Во мај продолжи трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити и се сведе на ниво од 4,56 отсто, соопшти Народната банка (НБ).

Анализите покажуваат дека каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата забележа месечно намалување од 0,02 процентни поени и се сведе на 5,35 отсто.






Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,54 процентни поени на месечно ниво и изнесува 3,31 отсто. Надолната промена е резултат на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула, како и на каматните стапки на кредитите во странска валута. Во споредба со мај претходната година, оваа каматна стапка е пониска за 0,40 процентни поени.

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата во мај забележа месечно намалување од 0,02 процентни поени и се сведе на 5,35 проценти. Анализирано според валутната структура, намалувањето во целост е резултат на падот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула, додека каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута не остварија месечна промена. Во споредба со мај 2020 година, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,29 процентни поени.

„Во мај, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесува 4,61 отсто, што претставува раст од 0,12 процентни поени на месечно ниво. Нагорното поместување произлегува од зголемувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула, при остварен пад на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула. Оваа каматна стапка забележа раст од 0,18 процентни поени на годишна основа“, наведува НБ.

 

Поврзани содржини