КАМАТАТА ТРИ ПАТИ ПОГОЛЕМА ОД ДОЛГОТ! Граѓаните кај Омбудсманот најмногу се жалат на извршителите
Зибери најави дека ќе побара дислокација на малолетничките во затворот Идризово бидејќи тие биле загрозени од полнолетните осуденички.
Годишниот извештај на Народниот правобранител покажува дека една третина од претставките кои се однесуваат на правосудството и изминатата година биле за постапките на извршителите.
Од таму велат дека високите камати се еден од главните проблеми со кои се соочуваат ранливите категории во Македонија, а во социјална држава не е дозволиво каматата да биде три пати поголема од основниот долг. Најавија дека ќе бараат измени на законот со кој таа би се ограничила најмногу до 100% од основниот долг.
– Сведоци сме дека има граѓани кои заради основен долг и постојаното зголемување на каматата скоро цел живот стануваат должници према доверителите преку извршителите. Не се во состојба заради минималните примања да го исплатат долгот и износот на каматата и на тој начин тие стануваат цел живот должници – Насер Зибери.
Значаен број на претставки има и за казнето-поправните установи. Народниот правобранител Зибери вели во затворите и воспитно поправните домови поради високиот број на затвореници, голем дел од нив се принудени да спијат на душеци во ходници, а не била обезбедена основна здравствена заштита ниту пак образовна настава за малолетниците. Зибери најави дека ќе побара дислокација на малолетничките во затворот Идризово бидејќи тие биле загрозени од полнолетните осуденички.
– Условите во кои се задржани честопати ги прекршуваат елементарните законски правила, а тоа е контакт со возрасни осуденички, честопати доведени до ситуација да бидат и загрозени, заканети, а тука посебно изостанува и делот на овозможување на здравствена заштита бидејќи амбулантниот дел во затворот е во затворениот дел – вели Омбудсманот.
Непочитувањето на основните човекови права според извештајот на Народниот правобранител и минатата година останале главен проблем. Од вкупно 2.085 прифатени претставки во 755 било констатирано кршење на човековите права.