Случајот „Рекет“ и донесената пресуда се доказ за злоупотреба на постапката и „Империја“ според сите правни и судски одредби не треба да продолжи, смета универзитетскиот професор Гордан Калајџиев кој вчера гостуваше во емисијата „Што не е јасно“.
Тој направи правна споредба при водењето на случаите во земјава со земјите кои како што вели имаат сигурен правен поредок и здраво судство.
– Сега СЈО повторно го отвори, пред 2 години, искочија со прес изназбореа – презумпција на невиност – нула, изназбореа како краделе, што правеле.. Притвор, замрзнување. Поминаа 2 години, каде се? Каде е обвинението? И сега, финалето е со судска пресуда дека овој предмет излегува дека е злоупотребен, како што тврди и самиот Камчев. Дека е измислен, изваден од фиока за да му се земат пари.
И да не е така, самиот факт дека е злоупотребена постапката, барани се пари, има пресуда за тоа – овој предмет мора да се затвори. Тоа се вика Аbuse of justice, имате злоупотреба на правото. Предмети што и така се водат 2-3 години, а не може да почнат, нема материјал, во нормален свет има, врзано со брзото судење, судење во разумен рок, во повеќе западни држави, во САД и Европа, имате граници. Ако во Холандија за 2 години нема обвинение, готово со тој случај.
А, овде имате плус и злоупотреба. И допрва ништо, сите се ситат и допрва ќе се истражува предметот. Тоа е несигурно, правната сигурност покрај правдата и вистината се многу важни за еден правен поредок – рече Калајџиев.
Вчера во фокусот на јавноста беше првостепената судска пресуда за случајот „Рекет“, во која првообинетиот Бојан Јовановски Боки 13-ка доби 9 години затвор, а второобвинетата поранешна специјална обвинителка Катица Јанева доби седум години затвор. Но, дали со оваа донесена пресуда мега аферата „Рекет“ ја доби својата разврска?
Професорот Калајџиев во емисијата „Што не е јасно“ зборуваше и за тоа зошто јавноста се сомнева во затворањето на случајот „Империја“, како и за пресудите, реформите во судството и активностите на разузнавачките служби потенцирајќи ја недовербата во веродостојноста на поврзаните случаи. Во врска со отворените случаи и активностите на СЈО за време на мандатот како и причината зошто голем број не беа ни стигнати да бидат почнати, а се отвораа други предмети, Калајџиев смета:
– СЈО требаше да ги заврши предметите што им беа приоритет. Отворија дури и повеќе предмети и немаа дури капацитети да ги затворат. Прво матичниот, главниот – кој прислушкувал, брука е да помине еден цел период, една нова Влада, ова почна уште кога беше Груевски на власт, 5 години од аферата со прислушкување и сите приказни од главниот предмет, да не е ни почнат.
Според него, нескромните тактики на СЈО, односно отворањето нови предмети пред завршување или воопшто започнување на старите довело до пораз на сите фронтови кои го отворило ова обвинителство. Практично, со отворањето на новите предмети СЈО го прекршило и рокот од Членот 22 од Специјалниот закон кој според него е сѐ уште сериозно проблематично правно прашање.
По истекот на тие први 18 месеци, во еден момент се решија на тој погрешен чекор да се направат „на Тошо“, како што рече, за рокот од Членот 22 од Специјалниот закон кој, како што додаде, уште е проблематичен бидејќи сега Владата се надева дека излегла попаметна од Врховниот суд и дека донела нов закон, го згаснала обвинителството и тој веќе нема да важи.
– Ако некои предмети требало по некој закон важечки да завршат и да бидат сопрени, а вие со сила ги продолжите отпосле, тоа е проблем. Исто како што ќе биде проблем, вие се сеќавате и СЈО кога беа, беа сериозен правен проблем и ќе бидат пред Стразбур помилувањата – додаде Калајџиев.