КАКВИ ЌЕ БИДАТ РЕЛИГИИТЕ ЗА 100 ГОДИНИ? Блокчејн верата, НЛО и сингуларноста се само дел од она што нè чека

Можностите на вештачката интелигенција лесно можат да ја направат еден вид авторитет, од типот на висок научник, политичар, или можеби бог...

395

Никој не може да предвиди во што ќе веруваат нашите внуци од годината 2100, но она што е сигурно е дека денешните религии ќе имаат голема конкуренција во многу нови „религии“. Вербата во вонземјани, во религија на криптовалутите, во сингуларноста на вештачката интелигенција го менуваат штофот врз којшто седиме.

Без гајле. Нема да исчезнат ни сегашните водечки религии. Напротив, според едно истражување на Истражувачкиот центар Пеу од 2015 година, бројот на атеисти и агностици во светот до годината 2050-та ќе се намалува, додека бројот на христијани и муслимани ќе се изедначи. Во Европа муслиманите ќе сочинуваат 10 отсто од населението. Дали можеби ќе имаме христијанско-исламска црква како во научнофантастичната новела „Божествена инвазија“ на Филип К. Дик?






Според истото истражување хиндуистите и Евреите ќе ги има повеќе во светот, додека будистите ќе бидат со сличен број…

Но, старите религии ќе мораат некако да се справат со напливот на технологијата. Тука е ерата на вештачката интелигенција која Бил Гејтс ја нарекува нова ера, различна од дигиталната револуција од 90-тите години. Можностите на вештачката интелигенција лесно можат да ја направат таа да биде еден вид авторитет, од типот на висок научник, политичар, или можеби бог…

Хиндуистичката роботска рака

Во 2017 година, една технолошка фирма во Индија воведе роботска рака за изведување на хиндуистичкиот ритуал наречен „аарти“, пишува Футуризам. Во ритуалот приврзаник му нуди на божеството ламба со масло за да го симболизира отстранувањето на темнината.

Оттогаш, таа роботска вештачка рака инспирираше неколку прототипови, од кои неколку продолжуваат редовно да го изведуваат ритуалот низ Индија денес, заедно со различни други религиозни роботи низ Источна Азија и Јужна Азија.

Фолклористот Адриен Мајор забележува дека религиозните приказни за механизирани икони од хинду еповите, како што се механичките воени коли на хиндуистичкиот инженерски бог Висвакарман, често се сметаат за родоначалници на религиозните роботи денес.

Будизмот и херметицизмот, рака под рака со трансхуманизмот

Дали источните религии се поспремни да ги прифатат новите технологии? Дали тие себеси веќе се гледаат како трансхуманистички? Познато е дека будизмот на пример, е централна религија во која се обединуваат многу елементи од денешното њу-ејџ движење. Секако, во таа мешавина од верувања често се зема и европскиот херметицизам, езотеричните учења на европските тајни друштва, масоните, розенкрац и во сета таа холистичка каша технологијата не е забранета.

Барем не експлицитно.

Можно е ли да имаме ера во која учења како научниот спиритуализам, или некои други, како скиентизмот ќе преовладаат?

фото: pixabay.com

Вонземјаните како замена за Господ

Ако ништо друго, бројот на Американци кои веруваат во интелигентен вонземски живот сега е приближно ист како и бројот на тие кои веруваат во Бог, а Дијана Пасулка не мисли дека тоа е случајност. Таа е професорка по религиозни студии на Универзитетот во Северна Каролина и авторка на „ Американ космик“, новообјавената книга во која вели дека луѓето можеби се надеваат дека вонземјаните ќе бидат спасител на човештвото.

Во едно фасцинантно интервју Пасулка опишува како таа го гледа човечкиот однос со вонземјаните:  нешто надвор од човечкото царство комуницира со една личност, а таа личност го споделува своето искуство и ете, се појавува нова религија. Луѓето би биле спремни да ја прифатат религијата бидејќи веруваат дека нашата планета се движи кон катастрофа.

Ако бројот на религиозни луѓе се зголемува во иднината дали тоа значи дека ќе живееме во некоја нова форма на среден век, нешто што се нарекува Тео-техно-кратија? И дали овојпат, бидејќи имаме технологија тој „среден век“ ќе биде светол, наместо мрачен? Ќе постои ли Инквизиција?

Религија на чиповите и на психоделичните супстанци

Една од новите технологии која сигурно ќе промени многу нешта се чиповите кои ги развива компанијата Неуралинк на Илон Маск и Макс Ходак. Но, освен што целта ќе биде преку мисловна команда ние да управуваме со електронски уреди, па дури и да отвориме Фејсбук само мислејќи на тоа, Ходак смета дека тука лежи потенцијал за цела религија. Со тоа и се пофалил на Твитер.

На пример, што ако преку тој чип можат да се симулираат искуствата од земање психоактивни дроги како ЛСД, ајахуаски и други и тоа за духовни цели? Меѓу другото, би можеле да бидат симулирани идеите за мноштво и единство и визуелно да му се доближи идејата на Бог на човекот.

Ходак смета дека религијата би била основана на математика, а преку овие искуства луѓето би можеле да го искусат оној научен начин на размислување, што подразбира размислување во повеќе места наеднаш, децентрализирано.

Блокчејн религија каде секој ќе може да биде „папа“

Кога сме кај децентрализираниот свет, ни криптовалутите не изостануваат во религиозната приказна. Блокчејн-религија заснована на валутата Етереум веќе е предложена. Според Мет Листон, нејзиниот основач, идејата е дека блокчејнот има моќ да ги разубеди луѓето дека постои само еден авторитет, еден бог или само еден Папа или еден Далај Лама.

Идејата е дека, исто како кај криптовалутите, нема да постои хиерархија, па така еден обичен верник, во оваа религија ќе биде еднаков со „папата“ и ќе може самиот да предлага нови нешта или измени.

Листон веќе дистрибуирал 40 копии од „светата книга“ на оваа религија, списа која ја нарекува  „огнена хартија“.  Самата религија пак ја нарекува 0xΩ, каде 0 е нула, а симболот Ω е грчката буква омега. Останува да замислиме како илјадници следбеници на оваа религија ќе можат во реал-тајм да ја уредуваат оваа „библија“, секој поединечно, според новите идеи, слично како што се уредуваат текстовите на Википедија.

Па, во најмала рака 21 век ќе биде поле каде религијата и науката допрва ќе се пресметуваат. Она што можеби никој не го очекуваше е дека тие можеби и ќе соработуваат во еден нов, необичен свет.

Поврзани содржини