Каква врска имаат Боки 13, неговиот „историски гивавеј“, неговите спонзори и кравите во „Пелагонија“?
Како на комбинатот „Пелагонија“ му се помага да ги преброди проблемите, со тоа што компаниите „Пелистерка“ и „Млекара Здравје“ се јавуваат како генерални спонзори на „најголемиот и историски гивавеј“, во кој Боки 13 доделува стан во Скопје, 7 автомобили, 15 ајфони, вредности ваучери и многу други вредни награди? Трите компании имаат ист доминантен сопственик, мојот пријател Цветан Панделески.
Добро е. Чинам дека на ниво на фактографија некако се разбравме со земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и со неговиот доминантен сопственик Цветан Панделевски, со кого се познавам најмалку 30 години.
Плусинфо го објави демантот на „Пелагонија“, ја повлече спорната објава и ги прецизираше информациите поврзани со предлогот на „Бетон“ од Штип да се поведе стечајна постапка за комбинатот.
Кого го интересираат деталите за оваа наша преписка, тука се линковите:
Инаку, со Целе се гледам ретко. Нашите средби секогаш се пријатни. И секогаш една од главните теми на разговорите е она за што се согласуваме двајцата – државата навистина мора многу посериозно, системски и одлучно да го поддржи домашното производство на храна. Комбинатот „Пелагонија“, како и другите македонски производители на храна, се соочуваат со многу проблеми, кои доведуваат до финансиски проблеми и до намалена ликвидност.
Комбинатот тоа го кажува и во комуникацијата со Плусинфо и апелира државата, но и банките, да помогнат. Јас безрезервно се приклучувам кон овој апел, бидејќи производството на храна е еден од клучните предуслови една држава да биде самоодржлива и просперитетна.
Но, нека ми прости Целе, ама тука пак нешто не ми е јасно…
Се прашувам, дали меѓу субјектите од кои тој со полно право очекува да му помогнат на битолскиот комбинат, се и самиот комбинат „Пелагонија“ и тој лично, односно другите компании во кои тој е доминантен сопственик?
Мене ме учеле дека ако сам не си помогнеш, не треба да очекуваш некој друг да ти помогне.
Од тука произлегува и едно друго, многу важно прашање, кое е поврзано и со темите за бизнис етиката и за општествената одговорност – како на комбинатот „Пелагонија“ му се помага да ги преброди проблемите и намалената финансиска неликвидност, со тоа што компаниите „Пелистерка“ и „Млекара Здравје“ се јавуваат како генерални спонзори на „најголемиот и историски гивавеј“, во кој нашиот водечки инфлуенсер и затвореник на хроничен привремен отпуст, Боки 13, доделува стан во Скопје, 7 автомобили, 15 ајфони, вредности ваучери и многу други вредни награди?
Погледнете ја објавата за овој „историски“ настан:
View this post on Instagram
Се разбира, мене ми е драго што го гледам Боки 13 во добро здравје и во уште подобро расположение. И нема да прашам како тоа човекот се шета слободно, прави разни „ивенти“, ја забавува јавноста, а во затвор е. Јас би сакал Боки 13 некако да успее веќе никогаш да не се врати во „Идризово“, а како што гледам, човекот е успешен и натаму оди работата…
Исто така, во оваа прилика нема да ја проблематизирам темата како може оваа „историска работа“ да се третира како „гивавеј“ а не како наградна игра, за која е потребна посебна дозвола од Министерството за финансии и слично. Овие прашања веќе ги поставивме до Управата за јавни приходи и до Министерството за финансии, но до сега не добивме никакви одговори. Некои луѓе ми рекоа дека тоа е така, затоа што Боки 13 и неговите генерални спонзори имаат некои моќни пријатели во власта (ми кажаа и конкретни имиња), па им се можело.
Браос, ако е така…
Нејсе, тоа е друга приказна. Која еден ден можеби некој ќе мора да ја раскаже.
Прашањето ми беше – што добива ЗК „Пелагонија“, во која доминантен сопственик е Цветан Панделески, од тоа што две фирми, во кои тој исто така е алфа и омега, го спонзорираат Боки 13 да подарува стан, автомобили, ајфони и други подароци? А и третата фирма генерален спонзор е поврзана со Панделески…
Јас знам што добива инфлуенсерот и во секој случај му честитам на тоа што успева да си обезбеди поддршка, пари и влијание. Успешен беше и во времето на Заев, а гледам, богами успешен е и сега. Човекот очигледно е талентиран магионичар. Секоја чест!
Но, да повторам – добива ли од тоа нешто ЗК „Пелагонија“?
Дали тоа ќе ја подобри финансиската ликвидност на комбинатот?
Дали тоа ќе ги мотивира државата и банките да му помогнат?
Дали тоа ќе придонесе за зголемување на производството на храна во Македонија?
ПС. За крај, една информација, која можеби ќе биде значајна за генералните спонзори, за државните институции, а можеби и за самите организатори на „историскиот гивавеј“. Ако добро ги разбрав новите правила на Мета, компанијата сопственик на Фејсбук и на Инстаграм, веќе нема да бидат дозволени вакви подарувања. Новите правила треба да стапат во сила од 1 јануари. Ама сигурно ќе се најде некој адвокат да ѝ објасни на Мета дека правилата не смеат да важат ретроактивно, особено кога станува збор за „историски“ настани и личности од Македонија…