КАКВА ШЛАКАНИЦА ОД ЕУ На Полска ѝ е изречена драконска казна – милион евра дневно!
Санкциите ќе траат додека Полска не ги исполни наредбите на Европскиот суд на правдата.
Врховниот суд на ЕУ ѝ нареди на Полска да плаќа казнa од еден милион евра дневно поради непочитување на европската пресуда за судските реформи во Варшава, пренесува Дојче веле.
Според соопштението на Судот на правдата, причина за тој потег е досегашното одбивање на земјата да ги спроведе одлуките на највисоките судови за контроверзните реформи во судството.
Поточно, се работи за наредба да се запре работата на спорното дисциплинско тело за казнување на судии. Според пресудите на Европскиот суд на правдата, таа активност не е компатибилна со правилата на ЕУ за независност и непристрасност на судството, пишува „Зидојче цајтунг“.
Европскиот суд на правдата рече дека казната е „неопходна за да се избегне сериозна и непоправлива штета на правниот поредок на Европската унија и вредностите на кои се заснова таа унија, особено владеењето на правото“.
На 9 септември комисијата на ЕУ одговорна за следење на владеењето на правото во ЕУ побара финансиски санкции против Полска.
Санкциите ќе траат додека Полска не ги исполни наредбите на Европскиот суд на правдата.
– Судските системи во целата Европска унија мора да бидат независни и праведни – ја критикуваше тогаш Полска шефицата на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
Полскиот министер за правда Збигњев Зиобро, пак, зборуваше за „агресија врз Полска“ и за „правна хибридна војна“.
На почетокот на овој месец, Уставниот суд на Полска пресуди дека одредени членови од Повелбата на ЕУ се неуставни во земјата, оспорувајќи го клучниот принцип на европската интеграција, а ЕУ ја обвини полската влада дека ги политизира полските судови, вклучително и Уставниот суд.
Полската влада предводена од партијата Право и правда (ПиС) се расправа со ЕУ за голем број прашања кои се однесуваат на судовите, слободата на медиумите, правата на ЛГБТ, објави Ројтерс.
– Полска нема проблеми со владеењето на правото, но некои членки на Европската унија не ги разбираат судските реформи во нашата земја – изјави минатата недела полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
На прес-конференцијата во Брисел по самитот на Европскиот совет, на која се разговараше за посветеноста на Полска за владеење на правото, Моравјецки додаде дека Европската унија има големи надлежности, но дека тие не се неограничени и дека Унијата може да функционира само во рамките на доделените надлежности.