Каква измама: Членство во ЕУ до 2030!

Сите факти и аргументи потврдуваат дека Македонија не може да влезе во Унијата во следните 20 а веројатно и 30 години. Затоа, брзата промена на Уставот би била катастрофална грешка. Зошто би менувале нешто што нема да донесе никаков ќар за помалку од 20 или 30 години?

858

Помалку или повеќе, свесно или не, факт е дека сите политичари, и секаде – лажат. Најмногу, пред избори. Неспорно е дека за некои ветувања не се создаваат услови за реализација, ама тоа важи за малку случаи. Другите се – лаги со намера. Кај нас, најчесто, лагите на политичарите немаат граници. Најстрашно е што тие се резултат на лични интереси и срамни калкулации за добивање или одржување на власта.

Класичен случај за тешка измама се повторувањата, од највисоко ниво, дека е реално Македонија да влезе во Унијата – во 2030 година! Оваа гарнитура на власт, нема ниту еден друг аргумент пред народот за некаков успех, за постигнати резултати, и затоа максимално го експлоатира членството во ЕУ. Во петте години разорно владеење, единствен исклучок, или нивен „успех“, е огромното задолжување со што државата е доведена до финансиски колапс и прашање е само кога ќе банкротира, не дали. Сѐ друго е девалвирано и растурено до таков степен, што државата стана непрепознатлива.






Народот се крсти и не сака да верува дека ова, што ни се случува, е – можно. Ама, не реагира. Докажуваме дека навистина сме сите трпе(вци) и трај(чевци), спремни да толерираме секакви понижувања, што никако не ни служи на чест. А власта манифестира таква неспособност и некадарност, што човек помислува дека се работи за свесна саботажа!? Сѐ се движи во погрешна насока. Се наметнува и прашањето – како можеше вакви копуци да ја земат власта?

Во светот, веќе е докажано дека тие, што не ги бива за ништо позитивно, се мајстори за лаги, измислици, манипулации, подметнувања, капитулации, предавства… Атрактивноста на Европската Унија не е спорна за народот и, се разбира, власта налудничаво игра на таа карта. За да ја задржи позицијата, спремна е сѐ да жртвува. Народ, држава… Свесни се дека отворањето на некаква перспектива кон Брисел, по која било цена, им е единствен начин да опстанат. Токму за таа цел се направени монструозните отстапки прво кон Грција а сега кон Бугарија, коишто продолжуваат. Намерно се создава впечаток дека, заради ЕУ, треба и мора сѐ да се жртвува. Овие политики, меѓутоа, се тешки историски грешки, за коишто еден ден ќе мора да се одговара. Кривично, не политички. Во прашање е најтешка злоупотреба на службена должност и тоа за тесни интереси. Кога е земјата нападната, а ние сме подолго време под тешка бугарска политичка агресија, основна должност на политичкиот врв е да ја брани државата.

Распродажбата на фундаменталните интереси на македонскиот народ, и неговото, засега, само политичко бришење, коешто на подолга патека неизбежно ќе води и во физичко уништување, не може да остане неказнето. Политичарите, коишто ги прават тие злосторства, не се глупи. Сосема се свесни за катастрофата којашто ја предизвикале во Македонија и затоа се спремни да се фатат и за последната сламка, за да останат на политичката сцена. Јасно им е дека, откако ќе ја изгубат власта, црно им се пишува.

Сламката за која се фаќаат е Унијата. Таа треба да биде компензацијата за сите нивни мизерии. Народот сака да биде дел од неа, лажно убедуван дека тоа ќе му ги реши сите проблеми. Затоа, безмилосно му се ветува дека таму го водат по брза трака, и дека сме близу до целта. Тоа е чиста измама. Нема никаква основа за такви приказни. Напротив, со своите погрешни политики кон Бугарија, власта само ја оддалечува Македонија од Брисел. Ние ѝ дадовме целосно право на Софија да ни прави што сака, и тоа прескапо (ќе) го плаќаме. Ако вака продолжат, и ако нема скоро избори, коишто ќе донесат радикална промена на политиките, многу е реално дека никогаш нема да стигнеме до Брисел.

Веќе е историја колку пати, божем, ги започнавме преговорите за членство во ЕУ. Откако се прифати поразителниот предлог, наречен „француски“, којшто ниту една одговорна влада никогаш не би го потпишала, повторно нѐ известија дека преговорите се започнати. Тоа апсолутно не е точно. Започната е само ПРОЦЕДУРАТА ЗА ОТВОРАЊЕ НА ПРЕГОВОРИТЕ, којашто, според реалната ситуација, не мора никогаш да заврши. Оваа процедура, пак, е надвор од сите досегашни правила и пракси на Унијата. Благодарејќи на Софија, таа ни е наметната на еден налудничав начин, којшто беше прифатен од нашите политички таленти.

Уште пострашна измама е најавата на 2030 година, како рок до којшто би станале дел од Унијата. Повторувано од врвните политичари, тоа може да се смета дури и како ветување. А тие, сигурно знаат дека шансите Македонија да влезе во Унијата до 2030 година, се еден спрема милион, можеби и помали. Очигледно, тоа не ги спречува да лажат. Впрочем, дури 2030 да е и реален термин, а не е, до тогаш има цели осум години, во коишто се можни безброј (негативни) промени!

А Македонија, ниту теоретски не би можела да влезе во ЕУ до 2030 година, и да нема никакви проблеми со соседите, коишто крволочно ќе ги попречуваат нашите евентуални преговори. Дури, Унијата да биде и заинтересирана за проширување, што не е. Еве и зошто. Ако скринингот трае до крајот на 2023, преговорите можат да започнат од 2024. Во Србија, меѓу скринингот и преговорите, речиси девет месеци имаше празен од. За да станеме членка во 2030, преговорите мора да завршат во 2028, значи за пет години. Во последните две години, во случајов 2029 и 2030, треба да се ратификува договорот во парламентите на земјите членки. Колку е реално Македонија да ги заврши преговорите за пет години, покажуваат следните примери. Податоците се од Брисел.

Црна Гора, која нема никакви сопки од никого, вклучувајќи ги и соседите, преговара веќе 11-та година, од јуни 2012. Во октомври 2022, состојбата е следна: отворени се сите 33 поглавја; затворени се три; добри резултати има во осум; умерена подготвеност во 17; на почеток се пет. До сега, процесот на преговори е комплетиран со 9,1 процент.

Србија преговара речиси девет години, од почетокот на 2014. Отворени се 22 поглавја; неотворени се 12 (заедно со Косово, Србија има 34); затворени се две; добри резултати има во шест; умерена подготвеност во 22; на почеток шест. Преговорите се комплетирани со 5,9 проценти.

Може ли некој да објасни на кој начин, и како, Македонија ќе ги заврши преговорите за ПЕТ години? Да не забораваме дека Турција преговара од 2005 година, има затворено само едно поглавје и сите знаат дека нема никогаш да ја примат. Истата судбина може да ја снајде и Србија бидејќи германската МНР, сега веќе јавно, ѝ порачува дека нема членство без признавање на Косово.

За да нема дилеми каде се наоѓаме, и за да спречиме нови бедни проигрувања со македонскиот народ, и со сите други етнички заедници со коишто заедно живееме, ќе ја цитираме бугарската потпретседателка, Јотова. Според плусинфо.мк, од 28/10/2022, таа изјавила: „Скопје и Софија имаат уште многу проблеми за решавање, а Бугарија може да стави вето во кое било време“.

Грчкиот премиер, Мицотакис, пак, според Канал 5, од 14/2/2022, рекол „не сме задоволни со договорот од Нивици заради јазикот и идентитетот. Тоа ќе го расчистиме во преговорите на Македонија за членство во ЕУ, колку што ќе биде можно во процесот“. И тоа не е сѐ. По средбата со Пендаровски, во Атина, претседателката на Грција изјави „Препознаваме дека од … Македонија се направени позитивни чекори, но сепак постојат многу нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка“!

Треба ли други докази дека, поради Атина и Софија, нашите преговори за членство во ЕУ ќе бидат крвава касапница за тоа малку што ни остана од македонизмот?

Од друга страна, само лаиците не знаат дека Унијата нема уште подолго време да се проширува. Можеби и цели 10 години. За таа цел, францускиот претседател, Макрон, измисли и нова методологија за преговори, којашто е речиси непремостлива за балканските кандидати. На 28/8/2022, пак, германскиот канцелар, Шолц, изјави „За да може Унијата да го издржи влезот на нови членки, таа мора прво да пројде низ сериозни реформи“. Ако двата мотора на Унијата, Германија и Франција, се против проширувањето, бидејќи нивните народи не го сакаат тоа, сами одлучите по која логика ќе ја примат Македонија, дури и преку ред?

Сите факти и аргументи потврдуваат дека Македонија не може да влезе во Унијата во следните 20 а веројатно и 30 години. Затоа, брзата промена на Уставот би била катастрофална грешка. Зошто би менувале нешто што нема да донесе никаков ќар за помалку од 20 или 30 години?

Ситуацијата е кристално јасна: ако го смениме Уставот, веќе утредента ќе следат нови бугарски и грчки уцени, блокади и ултиматуми… Клучно е што Софија НИКОГАШ нема да дозволи да влеземе во Унијата како македонски народ, со македонски јазик, историја… На крајот од преговорите, дали ќе нѐ примат, или не – ќе одлучува нивното Собрание. Крајно време е и ние да ја свртиме страницата и да започнеме да се бориме за своите универзални права. Тоа значи дека прво мора да се откаже договорот за (не)пријателство, и да се почнат нови преговори за рамноправен договор со Софија. Паралелно, мора да се инсистира во Брисел да се започнат преговори, без уцените од Софија. Тоа е реална можност, доколку сме способни да се избориме за своите права.

Француска државна секретарка, која деновиве беше во посета (ја прими претседателот, а со премиерот имаше прес конференција, што е надвор од сите протоколарни норми), јасно ни кажа дека 2030 е „малку амбициозна цел“ ама, божем – „остварлива“. На дипломатски јазик, тоа значи – не си правете бајрам на умот!

Поврзани содржини