Каква глупост!

1,805

Пред кусо време, двајца учесници во дебатна ТВ емисија на Канал 5, сегашен и поранешен висок државен функционер, верглаа дека со внесувањето на Бугарите во Уставот, ќе сме докажеле дека сме два посебни народа! Така, ќе сме го анулирале бугарското негирање на македонскиот народ! Тие тврдат дека штом Софија бара Бугарите да влезат во македонскиот Устав, практично признава дека Македонците се друг народ. Срамно е, ама оваа глупост често ја повторуваат и од самите политички врвови. Тоа е обична измама и тешка политичка манипулација со народот.

Така би било само доколку ние ги негираме Бугарите, а не тие нас. Со еден ваков (не дај Боже!) чекор, би потврдиле само дека бугарскиот народ не е спорен за нас. Ништо повеќе. Сосема поинаку, ако Софија ги внесе Македонците во нивниот устав, дури тогаш тие ќе признаат и прифатат дека сме два народа. А не еден, бугарски, туку дека постои и македонски народ којшто тие, со векови го негираат. А тоа, бидете уверени, Софија нема никогаш да го направи.






Каква проста замена на тези! Се заборава и дека Софија не бара Бугари како малцинство, туку како конститутивен народ, што е огромна разлика. Тоа е нивната замисла, зад која се кријат опасни намери и планови.

Еве, да потсетиме и зошто. Прво, современата македонска држава е создадена во Втората светска војна, а партизаните се бореа токму против бугарските фашистички окупатори. И, како може сега тие, фашисти, да бидат нејзин конститутивен дел, поточно – основачи? Едното со другото, никако не оди.

Второ, со сите сили и без да избира средства, Софија се обидува да докаже дека тие биле администратори во Втората светска војна, а не окупатори. Со нивното внесување во Уставот, ние токму тоа и би го потврдиле. Тоа е нивна долгорочна политика и, со текот на времето, изразот „администратори“, треба да „прерасне“ во – „ослободители“. Чии? Наши, бидејќи тие подметнуваат дека сме биле Бугари, сѐ до 1945 година.

Трето, Софија не крие дека ние сме за нив втора бугарска држава. На најширок политички, ама и на научен план (БАН), сметаат дека не постои одвоен македонски народ и, затоа, во процесот на нашето зачленување во ЕУ, ќе направат сѐ, за да нѐ разнебитат како таков. Тоа е нивна последна шанса.

Токму преку вклучувањето на Бугарите во нашиот Устав, свесна дека бришењето на македонизмот не оди лесно, Софија сака процесот да го промовира и внатре во државава. Тоа е нивна цел, којашто не ја кријат. Човековите права, на коишто се повикуваат, се само параван и чиста бесмислица.

Денес, секому треба да му биде јасно дека Бугарија и Бугарите се жестоки непријатели на Македонија и Македонците. Жртви сме на нивна отворена агресија, со значајна помош на меѓународната заедница. Сакаат да покажат и докажат дека потеклото ни е бугарско. Ова се евидентни факти. Ако е така, а така е, мора да се прашаме – дали некој нормален става непријатели во својот устав?

Значи, уцената за внесувањето на Бугарите во Уставот е подмолно минирање на Македонија. Ќе следат безбројни барања за нивна „праведна“ застапеност во сите институции, ќе уценуваат за – одреден број пратеници, прецизирани со закон (како на Косово), министер/и во владата, отворање на школи на бугарски – до универзитет, свои стопански комори, издавачки куќи… Тие нема да бидат Тројански коњ во државава, туку цела ергела, со паралелно купување на нови и нови „Бугари“.

Зад сето тоа ќе стои бугарската држава која нема да штеди. Најнов доказ – некоја тамошна будалетинка, секако во име на власта, нуди по 300 евра за да си ги менуваме презимињата…

Такви „иницијативи“ и „проекти“ ќе има секојдневно. Бугарски клубови веќе се најавени во секое село… Во прашање е долгорочна бугарска државна стратегија. Затоа, мораме да бидеме крајно внимателни што правиме и во која насока се движиме. Во овој случај, промената на уставот воопшто не е техничко прашање, како што нѐ уверуваат нашите врвни политичари. Тие или ништо не разбираат или се предавници.

Сѐ заедно, оваа длабоко осмислена и добро координирана политика има за цел да го забрза процесот на бугаризација на Македонците. Најопасното е што Софија располага со голема поддршка од Вашингтон, чиишто интерес е клучен, следен од Брисел. ЕУ целосно застана зад бугарските фантазмагории и историски синдроми и, преку катастрофалната преговарачка рамка, нѐ направи мета за постојани уцени.

На почетокот, Софија проба, ама не успеа да докаже дека ние не постоиме како посебен народ. Беше преамбициозна. Кога видоа дека тоа не поминува, до истата цел сега сакаат да дојдат на индиректен начин. Затоа, сега манипулираат со нашето потекло.

Дека сето ова не е обична измислица, ни го потврди лично премиерот на ЕУ, Фон дер Лајен (во Скопје, на крајот на октомври 2023). Многу прецизно, таа ни порача дека нашиот идентитет е уникатен! И, апсолутно беше во право! На светот нема друг народ којшто е паднат од Марс и, потоа, измислен од Тито! Нема, ниту ќе има. Затоа, само ние сме уникатни.

Најверојатно е чиста случајност што сите наши „стратегиски партнери“, (речиси) никогаш не спомнуваат дека ние сме Македонци. А дипломатите упорно тврдат дека случајни, случајности – не се случуваат? Кому да веруваш?

Засега, никој кај нас не тврди дека, во Втората светска војна, Бугарија ја ослободи Македонија. Меѓутоа, како тргнале работите, и тоа треба да следува. Веќе прифативме „бугарските фашисти“ да ги избришеме од сите споменици, се менуваат учебниците по диктат на Софија, се преговара чии се доајените на борбата за слобода на македонскиот народ… Сѐ е на маса. Сите тие се само чекори кон амбисот, кон којшто се движиме со голема брзина.

Не треба да има никаква дилеми дека, со внесување на Бугарите во Уставот, ние активно би се вклучиле во процес на сопствено разнебитување. Тоа за никого не треба да биде спорно. Бугарите, не може да се споредуваат со ниту едно друго малцинство во државава. Кое и да е тоа. Сите тие се од народи кои се пријателски расположени кон Македонија и Македонците. Во голем број од тие земји и Македонците се вклучени во нивните устави, што е чист реципроцитет.

Кога и Софија ќе ги внесе тамошните стотици илјади вековно обесправени и малтретирани Македонци во својот устав, нема да има никаков проблем за ист третман и на Бугарите кај нас. Реципроцитетот е основен принцип во меѓународните односи.

Место заклучок, да повториме – клучен за Македонија не е ниту почетокот на преговорите за членство во ЕУ, ниту внесувањето на Бугарите во Уставот, туку срамно утврдената преговарачка рамка. Со неа, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Таму се вклучени сите бугарски фантазмагории и историски синдроми и, под дадените услови, Софија нема никогаш да дозволи да станеме дел од ЕУ. Се разбира, ако не прифатиме дека нашето потекло е – бугарско, дека јазикот ни е нивен дијалект, дека имаме заедничка (бугарска) сторија…

Излез од тунелот – има: итно мора да се откаже договорот за (не)пријателство со Бугарија и двата катастрофални протокола, коишто се исто така дел од условите за наше членство во ЕУ. Со тоа, автоматски станува неупотреблива и преговарачката рамка, што значи дека ќе мора да има нова.

По кој знае кој пат, ние сме на потег.

Поврзани содржини