Каква е ситуацијата со изборните резултати во САД?
Во моментов демократскиот кандидат Џо Бајден има 248 електорални гласови, додека актуелниот претседател републиканецот Доналд Трамп е со освоени 213 електорални гласови, односно 214, откако вечерва му беше впишан и еден глас од сојузната држава Мејн.
Исходот од американските претседателски избори се сведе на шест држави во кои гласовите и денеска се уште се пребројуваат, а трката е премногу рамноправна за да може некој од кандидатите да се прогласи за победник.
Во моментов демократскиот кандидат Џо Бајден има 248 електорални гласови, додека актуелниот претседател републиканецот Доналд Трамп е со освоени 213 електорални гласови, односно 214, откако вечерва му беше впишан и еден глас од сојузната држава Мејн.
За прогласување победа на изборите и влез во Белата куќа на секој од кандидатите му се потребни 270 електорални гласа.
Мичиген
Државата дава 16 гласачи на изборниот колеџ.
Во оваа индустриска држава на северот од САД, каде Доналд Трамп во 2016 година тесно ја победи демократката Хилари Клинтон, преброени се 96 проценти од гласовите и според досегашниот резултат Џо Бајден има мала предност пред Трамп (49,7 проценти наспроти 48,8 проценти).
Американските медиуми пишуваат дека гласовите што се уште треба да се избројат, особено оние испратени по пошта, може да отидат на контото на демократскиот кандидат.
Конечниот резултат може да се знае доцна вечерва.
Висконсин
Оваа држава дава 10 електорални гласа. Во неа, како уште една држава од северот, претежно земјоделска, каде Доналд Трамп победи пред четири години со многу мала разлика, вечерва штабот на Бајден прогласи победа, но штабот на Трамп веднаш побара рикаунтинг или ново преборјување на гласовите.
Невада
Државата дава шест гласа.
Во оваа пустинска држава на западот од САД, каде во 2016 година победи Хилари Клинтон преброени се 67 проценти од гласовите и таму досега води Џо Бајден (49,3 проценти), додека Доналд Трамп има освоено 48,7 проценти.
Локалните изборни власти во утринава соопштија дека пребројувањето е прекинато и нема да продолжи до четврток.
Со освојување на гласачите во Мичиген, Висконсин и Невада (16 + 10 + шест), Џо Бајден би добил 32 изборни гласа, колку што му требаат да дојде до „магичната бројка“ од 270.
Џорџија
Оваа држава од југоистокот на САД дава 16 гласа, и во неа традиционално се гласа за кандидатот на републиканците, а досега се преброени 95 проценти од гласовите.
Доналд Трамп во моментов има мала предност (50,3 проценти) во однос на Џо Бајден (48,7 проценти), но разликата може да се намали, предвидуваат американските медиуми.
Конечниот резултат се очекува во текот на денот.
Северна Каролина
Оваа сојузна држава на југоистоикот од земјата дава 15 гласа и таа, исто така, традиционално избира републиканци за претседател на САД, а во неа досега се преброени 94 проценти од гласовите.
Во моментов таму води Доналд Трамп (50,1 процент) пред Џо Бајден (48,7 проценти), но гласачките ливчиња испратени најдоцна до денот на изборите се прифаќаат до 12 ноември.
Пенсилванија
Оваа индустриска држава во „Појасот на ‘рѓата“ на североисток од земјата дава 20 електорални гласа , а во неа и двајцата кандидати водеа жестока кампања. Досега се преброени 64 проценти од гласовите.
Доналд Трамп во моментов има солидна предност (53,5 проценти наспроти 45,4 проценти за Џо Бајден), но американските медиуми пишуваат дека најголем број од гласовите што се пристигнати по пошта ќе бидат за кандидат од Демократска партија, кој е роден во Пенсилванија.
Локалните власти веќе соопштија дека конечниот резултат од гласањето ќе биде познат до петок.