КАКВА БОРБА ВОДИМЕ ПРОТИВ ПУШЕЊЕ КОГА СЕКАДЕ СЕ ПУШИ? Зголемен е ризикот од нагла смрт кај млади поврзана со електронски цигари

Кардиологот Кедев предупреди дека аеросолите од електронските цигари содржат утрафини партикли, никотин во непредвилива концентрација, тешки метали, токсични алдехиди и дека нема дилема дека не смееме да бидеме жртви на правото на некој да пуши електронски цигари, а да го загрозува здравјето на младата популација.

273

Бројот на активни пушачи во земјата изнесува 40,4 отсто, а само пет проценти од пушачите успеале да се откажат од цигарите во последните години, покажуваат истражувањата на Институтот за јавно здравје. Македонија губи околу 4.000 животи годишно како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Според податок од Светската здравствена организација (СЗО), 40 проценти од младите на возраст од 14 години веќе пушат.

Сеопфатните закони за средини без чад, нивно ефикасно спроведување, достапни услуги за откажување од пушењето, оданочување и строга регулација на сите никотински производи доведуваат до намалување на хоспитализацијата од срцев и од мозочен удар.






Ова беше истакнато на денешната јавна расправа на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето“, организирана од собраниската Комисија за здравство.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши во обраќањето пред учесниците на расправата рече дека општеството кое не ги штити децата од познатите ризици ја доведува во прашање сопствената иднина.

Министерот за здравство Азир Алиу рече дека здраво општество не се мери само со модерни болници и инфраструктура, тоа се мери со чист воздух, заштита на децата и младите и долгорочна визија за општеството.

– Користењето на тутунот и производи со никотин продолжуваат да се главни причинители за смртност во светски рамки. Здравјето е човечки капитал, а човечкиот капитал е највреден ресурс на секоја држава – додаде Алиу.

Македонија губи околу 4.000 животи годишно поради пушење

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски рече дека според проценките, Македонија губи околу 4.000 животи годишно како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Според податоците, 7 од 10 корисници на тутун и тутунски производи почнуваат да ги користат во малолетна возраст.

– Ние од малолетни деца создаваме доживотни зависници кои водат во висока смртност. Само пет отсто од зависниците од тутун успеале да ја надминат зависноста самостојно. Од лично искуство можам да говорам колку е значајно да излезме од таа зависност. Без промена на нашите животни стилови, без 30 минути пешачење, без сузбивање на пушењето, алкохолот, ние неминовно ќе се соочиме со неодржлива ситуација на здравственото осигурување. Ако еден просечен пушач во Македонија пуши околу 275 цигари годишно, тоа е умерено пушење, троши на цигари над 500 евра годишно, односно издвојува повеќе отколку за здравствено осигурување. Заради сите овие причини, мора да ја подигнеме ситуацијата на повисоко ниво, да ја третираме како национална итност и соодветно да постапуваме – додаде Клековски.

Доктор Глигор Тофоски, специјалист, акушер, рече дека според податок од СЗО, 40 проценти од младите на возраст од 14 години веќе пушат, а имаме закон според кој не смее да се продаваат цигари на малолетници.

– Имаме закон според кој пушењето е забрането и во здравствени установи, кафулиња, ресторани. Кога излегуваме од кафулиња и ресторани мирисаме на цигари, затоа што таму има квази тераси на кои може да се пуши. Пасивното пушење е исто така здравствен проблем – истакна д-р Тофоски.

Изложеноста на пасивен чад носи значаен ризик

– Процентуалната застапеност на населението кое употребува тутун ја става Македонија во државите со најголеми стапки на активни пушачи. Според истражувањата на Институтот за јавно здравје, бројот на активни пушачи во земјата изнесува 40,4 отсто односно само пет проценти успеале да се откажат од цигарите во последните години. Во просек активен пушач консумира до 18 цигари дневно. Загрижувачки е што децата и младите се изложени на чад од тутун во домовите и јавните простори во период кога нивниот кардиоваскуларен систем е во развој, што создава трајни оштетувања и го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања во младата возраст. Изложеноста на пасивен тутунски чад носи значаен кардиоваскуларен ризик – рече кардиологот Саша Ќаева Атанасова.

Таа појасни дека кај непушачите дури и краткотрајната изложеност на чад доведува до воспаление на ѕидот на крвниот сад, зголемена активација на тромбоците, што го зголемува ризикот за коронарна срцева болест и за мозочен удар.

– Од аспект на јавни политики, контролата на тутунот претставува една од најисплатливите стратегии за кардиоваскуларна превенција. Сеопфатните закони за средини без чад, ефикасно спроведување, достапни услуги за откажување од пушењето, оданочување и строга регулација на сите никотински производи доведуваат до намалување на хоспитализацијата од срцев и мозочен удар – додаде Ќаева Атанасова.

Зголемен ризик од нагла смрт асоцирана со електронски цигари

Кардиологот Сашко Кедев рече дека има можеби еден алармантен сигнал дека има сигнификантно зголемен ризик од нагла смрт кај млади луѓе без никакво образложение, нагла смрт кај млад човек асоцирана со електронски цигари. Тоа, посочи д-р Кедев, не смееме да си дозволиме да не го заштитиме нашиот најмлад дел од популацијата.

– Втор аспект кој е многу важен е дека пасивното пушење, не зборуваме за конвенционалното пушење, тоа е расчистено, исто така е сигнификантно асоцирано со последици, бидејќи тој чад, тие аеросоли од електронските цигари содржат утрафини партикли, никотин во непредвилива концентрација, тешки метали, токсични алдехиди и нема дилема дека не смееме да бидеме жртви на правото на некој да пуши електронски цигари, а да го загрозува здравјето пред сѐ на младата популација, меѓутоа и на сите останати. Најверојатно во овој процес пред сѐ здравствени авторитети ќе бидат под голем притисок. Владата ќе биде под голем притисок. Влоговите се огромни, таа индустрија е многу силна. Бизнис заедницата која ја поддржува таа индустрија е многу влијателна и кај здравствените авторитети и во Владата и во Парламентот. Треба да им дадеме голема поддршка во овој нивен би рекол многу херојски чин и акт да го поминат и спроведат овој закон – рече д-р Кедев.

Од правните аспекти, додаде тој, дел ќе бидеме нападнати во однос на ограничување на слободите и правата на избор на пушачите.

 

Поврзани содржини