КАКО ВЛАДАТА СЕ СПРАВУВАШЕ СО КОВИД-19? Битиќи смета дека тоа го покажа растот на економијата годинава

Вицепремиерот за економски прашања рече дека со една од мерките беа одложени вкупен износ од 2,4 милијарди евра од банкарски заеми на граѓаните и компаниите, околу 4,5 милиони евра за данокот на добивка и 160.000 евра за плаќање кирија за социјални станови

198

Ковид-19 бараше брзо приспособување и носење  одлуки кои ќе одговорат на предизвиците од пандемијата која го погоди целиот свет. Владата имаше навремена реакција за ефикасно да одговори на ситуацијата, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во видеообраќање на отворањето на Меѓународната економска летна школа „Направи разлика: Научете како да го процените економското влијание на пандемијата од ковид-19“ што денеска ја организира Економскиот факултет на „Универзитетот Св. Кирил и Методиј“.

Тој рече дека меѓу главните економски приоритети за сите граѓани и бизниси и на почетокот на кризата и во целото времетрење,  е да се одржи ликвидноста на компаниите и на граѓаните. тој посочи дека заедно со Народната банка е донесена мерка со која дозволи одложување на ратите на кредитите, како и одложено плаќање на даноците.






-Во бројки – беа одложени вкупен износ од 2,4 милијарди евра од банкарски заеми на граѓаните и компаниите, околу 4,5 милиони евра за данокот на добивка и 160.000 евра за плаќање кирија за социјални станови. Интеревениравме брзо и спречивме отпуштања на граѓаните со мерки во вредност од 140 милиони евра, а за оние кои, за жал, ги изгубија своите работни места, наменивме дополнителни 1 милион евра преку системот за социјална заштита. Пандемијата влијаеше посилно на одредени гранки и поради самата нејзина природа одредени дејности навистина останаа без работа: музичарите, туристички водичи, компаниите од угостителската дејност, градинките, фитнес-центрите, туристичките агенции, хотелите, организаторите на настани, фото-студијата и некои други дејности, за кои наменивме најсилна поддршка со економските мерки – рече Битиќи.

Тој додаде дека резултатот од спроведените шест пакети мерки е очигледен и тоа, може да се забележи преку анализата на основните макроекономски индикатори.

– Бројките за активности на пазарот на трудот се прилочно стабилни, процентот на невработеност е стабилен. Имавме уште една историски ниска стапка на крајот на вториот квартал со 15,9 отсто невработеност, проследено со постојан раст на стапката на вработеност, која изнесува 47,3 отсто на крајот на вториот квартал од 2021 година. Нашите компании добро се опоравуваат, па дури и покажуваат тенденција на раст, при што извозот е дури и поголем во досегашниот дел од 2021 година споредено со истиот период во 2019 година. Во вториот квартал од 2021 година бележиме голем раст на бруто домашниот производ од 13,1 отсто. Сето ова е позитивно, но ние сакавме да гледаме и подалеку, да направиме разлика и во посткризниот период и паралелно со мерките за намалување на ефектите од кризата, креиравме и мерки кои ќе направат поголем раст и побрз развој на домашната економија на среден рок – нагласи Битиќи.

Вицепремиерот зборуваше и за Интервентниот план за инвестиции, кој се однесува на седум години и има вкупен планиран износ од 8,2 милијарди евра.

Покрај вицепремиерот Битиќи, Меѓународната економска летна школа со обраќања ја отворија и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Предраг Трпески, и претседателот на организацискиот одбор на 11. Летна економска школа, проф д-р Игор Ивановски

Поврзани содржини