„КАКО ВАРДАР ЌЕ ДОТЕЧАМ И ЃУБРЕ ЌЕ ДОВЛЕЧАМ“ Герила акција во центарот на Велес
Пластично шише, гума од автомобил, олук, цевка - Ф100, цевка за водовод, чизми, фрижидер, пластична мрежа, црево, тврда пластика, чорапи се дел од „уловот“ на еко-активистите на реката Вардар.
Уметникот и скулптор Андреј Миневски и Клубот за младински активизам при Младинскиот образовен форум (МОФ) денеска направија уметничка герила акција во Младинскиот парк, во центарот на Велес, насловена „Како Вардар ќе потечам и ѓубре ќе довлечам“.
Тие ги изложија „пронајдоците“ уловени од реката со јадица. Пластично шише, гума од автомобил, олук, цевка – Ф100, цевка за водовод, чизми, фрижидер, пластична мрежа, црево, тврда пластика, чорапи се дел од еко-системот на реката Вардар.
– За да ги уловиме не ни беше потребно многу време – велат активистите, кои посветиле цел ден за „рибарење“ на отпадот кој се довлекува од цела Македонија.
Целта на акцијата е да ја подигне свеста на луѓето и да ги алармира институциите за загадувањето на животната средина, конкретно во коритата на Вардар, најголемата река во Македонија.
– Ѓубрето е од домашно производство. Но, до кога и колку можат граѓаните да фрлаат? Можат ли претпријатијата да соберат онолку колку што луѓето можат да остават зад себе? Имаат ли надлежните капацитет, кадар и опрема за да ги опслужуваат граѓаните, а притоа да се најде начин овој ѓубреџиски круг да не продолжи? Кој ќе го сопре тоа – прашуваат активистите и креативците.
Заедно со „пронајдоците“ претставени се и времето потребно за разградување на пронајдениот отпад и како тој влијае врз животната средина. За да се разложи еден фрижидер потребни се повеќе од 500 години, за да се разложи цевката Ф100 потребни се 450 години, колку што се потребни и за разложување на една водоводна цевка и на тврдата пластика.
Според Државниот завод за статистика, во Македонија во 2021 година се собрани 632.087, а создадени се дури 896.066 тони комунален отпад. Ова значи дека речиси четвртина од отпадот, 260 тони, не е собран, односно нема информации каде завршува.
– Едно е сигурно, голем дел завршува во Вардар, или на некоја дива депонија, каде надлежните органи немаат капацитет, услови или волја да го соберат – велат активистите.
Дури 522.914 тони од собраното ѓубре е измешан комунален отпад, отпад кој без никакво селектирање се фрла во депониите во земјава.