КАКО ТРГНАЛЕ, САМИ ЌЕ СЕ БУГАРИЗИРАМЕ Македонските партии во самоубиствена пресметка

Во ситуација на македонско национално единство за најважните идентитетски прашања, кое во политичките кавги ретко кој го регистрира, СДСМ тргна во една многу опасна и штетна авантура на жигосување на ВМРО-ДПМНЕ по „бугарска основа“. Да биде штетата поголема, ВМРО-ДПМНЕ реши да возвраќа со истото, самоубиствено оружје.

777

Ако нешто може да се нарече добро во оваа траума што Бугарија ни ја приредува во последниве година-две, со блокадата за преговори во ЕУ и со константните провокации, е тоа што успеа сите политички сили во Македонија да ги обедини на една иста, чисто македонска национална линија.

Со мали разлики во поглед на тоа како да се поставиме кон оваа бугарска политичко-идентитетска агресија, сите партии здушно се ставија во одбрана на македонската национална посебност, посебноста на македонскиот јазик, како и на македонскиот национален антифашистички наратив. Надвор од овој одред останаа маргинални партии, како таа на Бугарите во Македонија, која е невидлива во политичкиот спектар, а дури и ВМРО-Народна, која има најмногу дилеми по овие прашања, мудро е стивната.






Доброто во злото

Во овој период најважните партии дури се натпреваруваат меѓу себе која поцврсто и порешително ќе ја брани македонската кауза, а нив силна конкуренција им се и разните здруженија на граѓани, групи на интелектуалци, историчари и јавни личности од разни маштапи, па дури и МАНУ.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, под водство на Христијан Мицкоски, мора да се признае, без резерва и без пардон застана на страната на македонските национални интереси, иако во нејзините редови има „кадри“ и тоа на истурени позиции, кои по прашањето на Бугарија во младоста пееле друга песна. Но, нападот од Бугарија беше таков што и тие брзо се престроија и сега „гинат“ за Македонија и за нејзината вистина. Што е добро.

Накусо, бугарскиот напад го мобилизираше, како што се вели, македонското национално ткиво. И тоа е најголема придобивка од ова зло, зашто во секое зло мора да има и нешто добро.

Штетно жигосување

И сега, во една таква ситуација на македонско национално единство, кое во политичките кавги ретко кој го регистрира, СДСМ тргна во една многу опасна и штетна стратегија на жигосување на ВМРО-ДПМНЕ по „бугарска основа“. Таа нова стратегија стана видлива по симпозиумот на ВМРО-ДПМНЕ на кој зборувал Христијан Мицкоски. Еве со кои зборови тоа го искоментира СДСМ:

„Христијан Мицкоски е докажан лицемер, додека јавно го осудува клубот ‘Ванчо Михајлов’ во Охрид, неговата партија се повикува на континуитетот на делата на Михајлов. Мицкоски лично го потврди континуитетот на Ванчо Махајлов на неодамнешнит таканаречен Симпозиум на ВМРО-ДПМНЕ, кога зборуваше и се повикуваше на континуитетот. ВМРО-ДПМНЕ во чест на Ванчо Михаилов изгради спомен куќа во Штип и постави восочна фигура во природна големина во музејот во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ денеска е партија којашто е идеолошки поклоник на луѓето кои што биле извршители на Третиот Рајх“.

Дека ова не е испад, плод на вжештена инспирација, туку дел од стратегија, говорат и симултаните настапи на пратеници на СДСМ во Собранието, кои од нигде-никаде го уфрлаат Ванчо Михајлов во секој напад врз опозицијата.

„Ние сме дел од НАТО, ќе станеме дел од ЕУ, меѓутоа за жал вие сте заглавени со Ванчо Михајлов чиј континуитет сте како партија“ – му рече пратеникот на СДСМ Мартин Костовски на својот колега од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, во расправа за интерконеторот за гас и енергетските проблеми на земјава.

Опасна лажна вест

Неколку дена потоа, во неделата, една лажна вест го обиколи македонскиот интернет простор со брзина на молња. Група ученици од средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“, предводени од директорката и заменик директорот, биле во Софија, на „предавања“ за Бугарската национална гарда. За ова се пофали фондацијата „Бугарско паметење“ од Софија, чиј основач Милан Врабевски е познат како финансиер на бугарските клубови во Битола и Охрид. Учениците пригодно беа наречени „истомисленици на членовите на бугарскиот клуб Ванчо Михајлов“ од Битола, а беше објавена и нивна фотографија.

Уште веста не се излади, СДСМ излезе со соопштение во кое без пардон ги обвини „кадрите на ВМРО-ДПМНЕ“, која има свој градоначалник во Битола, за злоупотреба на учениците во средното техничко училиште „во интерес на бугарскиот клуб Ванчо Михајлов”.

„Лицемерот и спинерот Мицкоски, да излезе веднаш и да побара отчет од неговиот градоначалник Коњановски и одговорност, од него и од директорката поставена од ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти СДСМ.

Директорката Жанета Сервини набргу ја демантираше веста, посочи дека на обајвената фотографија не се ученици на ова училиште и објасни дека во Софија била сама, со нејзиниот заменик, за некаква европска „Еразмус плус“ соработка. Фондацијата набргу ја тргна фотографијата и избриша дел од текстот, каде нивните посетители, кои и да биле, беа поврзувани со средното техничко училиште.

СДСМ упорно обвинува

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека „шири лажни вести“ и си игра со „најчувствителните теми за Република Македонија“. Овие напади на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ги објаснува како потреба да се намали ефектот на вчерашната посета на Христијан Мицкоски на Благоевград, каде тој учествуваше на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.

„Почитувани, целта на СДСМ е да го намали значењето на пораката која ја испраќа ВМРО-ДПМНЕ за обединување на македонската јавност за стратешките национални интереси на државата. Со ваквите гротескни лаги СДСМ сее збунетост и раздор меѓу населението, со што токму така, им штети на македонските национални интереси. Ве повикуваме да не подлегнувате на лажните вести и сите заедно да опстоиме во одбрана на нашето, кое насилно сакаат да ни го одземат“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо да ретерира, откако веста беше демантирана, СДСМ денеска продолжи со обвинувањата во иста насока. СДСМ сега тврди дека ВМРО-ДПМНЕ е „директно поврзана со бугарските клубови отворени во Битола и Охрид, кои носат имиња на контроверзни и провокативни историски личности.“

„Самиот Мицкоски го потврди континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ во своето делување со Ванчо Михајлов, соработник на Третиот рајх. Припадници на ВМРО-ДПМНЕ учествуваа на отворањето на бугарскиот клуб во Битола, а Мицкоски се слика со основачите на бугарскиот клуб во Охрид“, тврди СДСМ.

Не со тие куршуми

За да биде штетата поголема, сега и ВМРО-ДПМНЕ прибегна кон истата стратегија – обвинување за „пробугарство“. Еве што се вели во најновото соопштение од оваа партија:

„СДС е партијата која потпиша предавнички договор со Бугарите, и се смета за побугарска и од најбугарската партија. Во напорот да бидат поголеми Бугари од Бугарите, нека не заборават, ова е 2022 година, и народот гледа се и добро знае и не смее да се потценува. Веќе не проаѓаат трикови со бугарски летоци како во 1990-тите, ама СДС очигледно мисли дека може да манипулира и да се глупира на јавна сцена и тоа да пројде неказнето од народот. Политиките кои донесоа понижување и негација на македонскиот идентитет, јазик и историја се последица на СДС, Заев и Ковачевски.“

Што да се каже на сево ова?

Прво, дека СДСМ прибегна кон една многу неодговорна, кратковидна и погубна стратегија, која мора итно да биде напуштена, додека не земе замав. Националното единство сега ни е најпотребно. И дека ВМРО-ДПМНЕ не смее да подлегнува, па да враќа со истото оружје. Зашто на крајот, штетата ќе ја имаат и едните и другите, а сите заедно им прават услуга на Бугарите, кои можат само задоволно да тријат раце – ако продолжат обвинувањата кој е поголем Бугарин од Бугарите, само може да се потврдат нивните тези.

Поврзани содржини