КАКО ТОА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ МИСТЕРИОЗНО ИЗЛЕГУВААТ ОД ПОЛИЦИЈА И ЗАВРШУВААТ КАЈ АДВОКАТИ? Граѓаните се жртви на разработена мрежа за која наводно никој ништо не чул
Македонските граѓани, за жал, имаат ниска култура за своите граѓански права и поради тоа најчесто не ги ни бараат. Под мотото „ќути си, да не биде полошо“ поминуваат неказнето бројни престапи. Но, и покрај тоа што ваквите случаи не се пријавени ниту во полиција, ниту кај Агенцијата за заштита на податоци, ниту во Адвокатската комора, факт е дека граѓаните се изложени на несакани и неочекувани споделувања на нивните лични податоци на релација полиција-адвокати. Останува само прашањето дали обвинителството ќе преземе мерки за да ја истражи и разбие оваа добро разработена мрежа?
Како личните податоци што граѓаните ги оставаат во полицијата при пријава за каснување од куче или по сообраќајна несреќа завршуваат кај адвокатите само неколку дена по инцидентите? Голем број граѓани сведочат дека веднаш по пријавувањето на немилиот настан во полиција добиваат телефонски повици од адвокати кои им нудат правни услуги.
Прашањето е како адвокатите доаѓаат до овие податоци кои се дадени само на полициски службеници?
Неколку граѓани со лични сведоштва потврдуваат дека адвокат им се јавил со понуда да ги застапува откако им се случила некаква непријатност која ја прихавиле во полиција. Граѓаните се исплашени и зачудено прашуваат како е можно некој да ги споделува нивните лични податоци, особено лица вработени во полиција кои треба да ги штитат и нив и нивните податоци.
– Пред три дена мојот син направи сообраќајна несреќа, откако се излизгал со возилото. Се судрил со друг автомобил. Во несреќата имаше повредени, за среќа, сите полесно повредени. Јас сакав да ги дознам контактите од патниците од другото возило, за да се чуеме, да прашам како се итн, но од полицијата во никој случај не сакаа да ми ги дадат. Ми велеа дека ќе сме ги добиеле со записникот. А само после неколку часа, на син ми му се јави адвокат, за да му понуди да го застапува во врска со сообраќајката. Од каде го дозна адвокатот бројот на син ми, ако не од полиција? – прашува загрижената мајка, која побара да остане анонимна.
Слична ситуација ни раскажа и 34-годишен скопјанец кој пред речиси една година бил каснат од улично куче. Тој по инцидентот, заминал во болница на преглед, а оттаму се упатил во станица за да го пријави случајот. Скопјанецот раскажува дека ден-два подоцна добил дури 5 повици од адвокати или адвокатски канцеларии кои му се понудиле да бидат посредници во тужбата кон Град Скопје и ЈП „Лајка“.
– Ме касна улично куче и завршив во Градската болница, оттаму отидов на Инфективната клиника за да добијам медицински третман. Вработените ми рекоа дека со потврдата ќе можам да пријавам во полиција и да поднесам тужба за отштета. Па тоа и го сторив откако излегов од болница. Уредно пријавив во полициската станица во Аеродром, таму ми рекоа да им оставам телефонски број и дека за ден-два ќе ме контактираат да дојдам да ја земам потврдата со која може да ја поднесам тужбата. Веќе следниот ден добив 5 повици на мојот телефон од адвокати кои сакаа да ме застапуваат во овој случај, но јас ги одбив бидејќи си имам мој адвокат. Навистина ми беше чудно како може тие да го дознаат моето име и презиме, па и телефонски број и да ми се јавуваат. Потоа претпоставив дека најверојатно станува збор за некоја соработка меѓу полициските службеници и некои адвокатски канцелари, кои потоа ја делат наградата што треба да им се исплати по добивање на отштетата – вели скопјанецот.
Тој додава дека по добиената отштета од Град Скопје од 30.000 денари денари, 20 проценти или 6.000 денари, требало да му плати на адвокатот. Скопјанецот се сомнева дека адвокатите ја делат оваа сума со нивните „доушници“ од полицијата.
Трет случај кој се случи пред крајот на 2024 година е сообраќајка во Скопје во која имало двајца повредени од кои едно малолетно дете.
– Ми се јави сопругата од болница, целата испаничена и исплашена и ми кажа дека ѝ се јавил адвокат кој знаел буквално сѐ што се случило па дури и тоа како плачело нашето повредено дете кога се случила сообраќајката – сведочи скопјанец, кој и самиот не знаел каде да се обрати откако сфатил дека не е доволно заштитен од полицијата.
„Јавната тајна“ не стигнала до МВР и до Адвокатската комора
Иако ова е честа појава за која граѓаните коментираат дека ја почувствувале на своја кожа, од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Адвокатската комора засега негираат дека има ваква појава. Но, јавната тајна дека личните податоци се злоупотребуваат за нечија ситна лична корист отвора бројни прашања за тоа како функционира системот и како државата ги штити податоците на граѓаните. Ова отвора сомнежи за кривични дела и ја намалува довербата на граѓаните во полицијата.
Плусинфо побара одговори од Адвокатската комора на Македонија за тоа како адвокатите и адвокатските канцеларии добиваат информации за лица кои биле каснати од кучиња или имале сообраќајни незгоди и потоа им нудат свои услуги и дали при тоа се прекршува Законот за заштита на личните податоци?
Оттаму добивме многу кус одговор:
„Адвокатската комора на Република Северна Македонија не располага со сознанија дали и кој дава лични податоци на лица кои биле каснати од куче или кои имале сообраќајни незгоди. Досега до Комората не се поднесени пријави од граѓани дека им е нанесена штета по овој основ. Крајно, изборот на адвокат е лична определба на секој ѓраѓанин“.
Во врска со сомнежите дека полициски службеници можеби злоупотребуваат лични податоци на граѓани, Плусинфо побара одговори од Министерството за внатрешни работи. Министерството не одговори како ги штити личните податоци на граѓаните кои пријавиле некаков инцидент и дали има механизми за контрола и спречување на нивна евентуална злоупотреба. Ниту одговори дали досега имало пријави за злоупотреба на лични податоци од страна на полициски службеници и какви мерки се преземени.
„Ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, во своите евиденции не располага со наведените податоци“, рекоа од МВР за Плусинфо.
Се поставува прашањето дали на „свиркачите“ им се прогледува низ присти или полицијата нема начин да ги заштити личните податоци на граѓаните.
И Агенцијата за заштита на лични податоци не добила поплаки
„Личните податоци на физичките лица може да се обработуваат само под строго дефинирани услови, како што се согласност од лицето, исполнување на законска обврска, легитимен интерес или јавен интерес, меѓу другото. Доколку не се исполнет најмалку еден од условите утврдени во Законот за заштита на личните податоци, обработката се смета за незаконита и лицето има право да поднесе барање до Агенцијата за утврдување на повреда на неговите права“, велат од Агенцијата.
Оттаму додаваат дека во тековниот период немаат регистрирано пријави за незаконска обработка на лични податоци преку понуди за адвокатски услуги од страна на адвокатите и адвокатските канцеларии.
Во Агенцијата досега немаат добиено поплаки за овие случаи.
„Немаме примиено поплаки за незаконска обработка на лични податоци поврзани со адвокатски услуги. Сепак, Агенцијата спроведува редовна супервизија за заштитата на личните податоци и продолжува да ги истражува сите барања и поплаки во согласност со Законот“, нѐ информираат оттаму.
Агенцијата им препорачува на граѓаните да не споделуваат лични податоци со непознати лица, да бидат внимателни со документи и информации што ги даваат, да го искористат правото на пристап до личните податоци што се обработуваат од институции и компании, и да не даваат информации за платежни картички преку телефон или во лични разговори. Доколку се случи злоупотреба на лични податоци, граѓаните треба да ги известат надлежните институции и компаниите кои ги обработуваат податоците за да се спречат понатамошни штетни последици.
Македонските граѓани, за жал, имаат ниска култура за своите граѓански права и поради тоа најчесто не ги ни бараат. Под мотото „ќути си, да не биде полошо“ поминуваат неказнето бројни престапи. Но, и покрај тоа што ваквите случаи не се пријавени ниту во полиција, ниту кај Агенцијата за заштита на податоци, ниту во Адвокатската комора, факт е дека граѓаните се изложени на несакани и неочекувани споделувања на нивните лични податоци на релација полиција-адвокати. Останува само прашањето дали обвинителството ќе преземе мерки за да ја истражи и разбие оваа добро разработена мрежа?
КАКВИ СЕ КАЗНИТЕ ЗА СПОДЕЛУВАЊЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ?
Според правните експерти, во вакви случаи најчесто станува збор за следните кривични дела:
Злоупотреба на службена положба и овластување
Член 353 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија
Казна: Затвор од 6 месеци до 3 години, а доколку е направена значителна материјална штета или корист, казната може да биде до 5 години.
Неовластено откривање на лични податоци
Член 149 од Кривичниот законик
Казна: Парична казна или затвор до 1 година. Ако со делото е причинета значителна штета, казната може да биде затвор до 3 години.
Примање награда за противзаконито влијание
Член 359 од Кривичниот законик
Казна: Затвор од 1 до 5 години.
Кривично дело здружување заради вршење кривични дела
Член 394 од Кривичниот законик
Казна: Затвор од 1 до 10 години, зависно од тежината на делата извршени во рамки на здружението.