КАКО ТОА АВТОБУСИТЕ НА „БЕСА ТРАНС“ НЕПРЕЧЕНО ЈА НАПУШТАЛЕ ДРЖАВАТА? Опозицијата предлага нови мерки за контрола
Власта не кажува како е можно конкретниот автобус во кој загинаа 45 лица, без лиценца за меѓународен транспорт да ја напушти државата? Тоа е исто како човек без соодветен документ да ја помине границата и да отиде во друга држава. Патем да биде уште посомнително е како овој автобус од „Беса Транс“ поминал во 2020 и 2021 година вкупно 135 пати по нашите гранични премини.
Пет дена од катастрофата со автобусот на Беса Транс во кој загинаа 45 граѓани на Македонија, власта нема конкретни одговори, а камо ли пак одговорност, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Власта не кажува како е можно конкретниот автобус во кој загинаа 45 лица, без лиценца за меѓународен транспорт да ја напушти државата? Тоа е исто како човек без соодветен документ да ја помине границата и да отиде во друга држава. Патем да биде уште посомнително е како овој автобус од Беса Транс поминал во 2020 и 2021 година вкупно 135 пати по нашите гранични премини.
Како е возможно Царинската управа на кобното патување овој автобус и останатите три од конвојот да не ги евидентирале во системот? Тука има и уште една контрадикторност. Министерот Бочварски тврди дека според неговите информации во конвојот патувал само еден автобус на Беса транс, а другите три биле изнајмени, а директорката на Царина Кутиров посочува дека сите автобуси биле од една иста компанија? Ако сите автобуси биле од една иста компанија, тогаш како може на толку далечно патување да се испратат четири автобуси, од кој еден не ни имал лиценца, а компанијата да има пријавено само четири возачи?
За какво владеење на правото можеме да зборуваме кога надлежниот Државен инспекторат за транспорт воден од Руфат Хусеини, поранешен градоначалник на Зајас, не може да влезе во Беса транс и тоа да го правда дека немало кој да им отвори?
Како е возможно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да забранува прашања за оваа несреќа во која животите ги изгубија 45 лица и како се’ да е нормално да држи пресови за буџетот?
Овде веќе се работи за низа пропусти во системот, сомнежи за злоупотреби, криминал и корупција.
Додека директорката на царина крева раменици, додека Бочварски се препелка во лаги, додека директорот на инспекторатот Хусеини не може да отвори една вратa, додека Спасовски бега од прашања, граѓаните бараат се повеќе одговори и одговорност. Ова е веќе безобразно однесување на власта. Сите овие гореспоменати да имаа грам морал ќе поднесеа веќе оставка.
Беса транс не можела да вози на диво без заштита од врвот на власта. Кој ќарувал од овој криминал? Кој ќарувал од заштитата на системот на мафијата?
ВМРО-ДПМНЕ бара одговори и одговорност од власта, но и итни вонредни мерки со цел да се превенира за да не се случат слични катастрофи. Воедно од партијата предложија нови мерки со цел да се избегнат слични трагедии во иднина.
- Вонреден технички преглед на сите патнички автобуси и средства за јавен траспорт на патници на трошок на државата. Да се провери во какви услови се превезуваат луѓето.
- Вонредна контрола на станиците за технички преглед, во поглед на условите и начинот на работа.
- Истрага за тоа како поминал автобусот на граница без да е впишан во регистарот на автобуси. Неприфатливо е префрлањето на одговорност царина-полиција-инспекторат.
- Јавно објавување на регистарот на автобуси и негов најнов апдејт.
- Во иднина сите автобуси постари од 8 години наместо 2 задолжителни технички прегледи годишно да имаат најмалку 3, а автобусите постари од 12 години да имаат 4.
Дополнителните мерки, надвор од редовните мерки, да бидат на товар на државата, додаваат од опозициската партија.