„КАКО СТАНАВМЕ УВОЗНО ЗАВИСНИ ЗА ХРАНА?“ Трипуновски најави грантови за младите земјоделци

Во системот кој го води министерството за земјоделство, има околу 65.000 земјоделци, иако таа бројка пред 10 години беше двојно поголема од ова што е денеска, затоа што овие негативни политики, задоцнети мерки и негрижа на институциите доведоа до тоа да се занимаваат со земјоделство само тие кои едноставно мораат или се по традиција земјоделци, меѓутоа нема и свежа работна сила, вели министерот за земјоделство.

164

Во рамки на денешната трибина ,„Како станавме увозно зависни за храна“, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, истакна дека за да се задржат младите во Македонија, важно е да се обезбеди поддршка за нив во земјоделството. Во таа насока, најави кофинансирање на инвестиции во земјоделски задруги и грантови за млади земјоделци, кои ќе ги мотивираат да влезат во процесот на производство.

Исто така, Владата ќе продолжи со спроведување на ИПАРТ мерки, кои обезбедуваат финансиска поддршка за модернизација на земјоделството и зголемување на конкурентноста. Овие мерки се клучни за враќање на довербата во институциите и стимулирање на земјоделското производство.






– Имаме земјоделци кои се над 55 години старост, премногу малку или воопшто нема влез на свежа енергија, работна сила, млади земјоделци кои ќе го продолжат процесот на производство на земјоделски производи. Во системот кој го води министерството, имаме некаде околу 65.000 земјоделци, иако таа бројка пред 10 години беше двојно поголема од ова што е денеска, затоа што овие негативни политики, задоцнети мерки и негрижа на институциите доведоа до тоа да се занимаваат со земјоделство само тие кои едноставно мораат или се по традиција земјоделци, меѓутоа нема и свежа работна сила. Имаме празни села, сериозна миграција на младите луѓе, не само во поголемите градови, туку и надвор од државата, затоа што гледаат дека нивното семејство кое ги одгледало од земјоделство, нема просперитет, нема економска оправданост, и тука настанува тој процес на прекинување на алката во делот на продолжување на оваа традиција – изјави Трипуновски.

Трипуновски нагласи дека ако Македонија не обезбеди нова работна сила во земјоделството, ќе го прекине производствениот процес. Тој истакна дека за Македонија да стане повторно аграрна држава, потребна е поголема поддршка од институциите и Владата. Тој додаде дека во последните седум месеци, ВМРО-ДПМНЕ постигна историски највисока цена за земјоделците, покажувајќи дека со заеднички напори може да се постигнат резултати и да се врати довербата во институциите.

– Во програмата за финансиска поддршка за 2025 година и програмата за рурален развој за 2025 година, имаме акцент на битните земјоделски култури кои се важни за Македонија, како што се тутунопроизводството, лозарството, градинарството, млекопродукцијата. Исто така, земјоделците ќе добијат дополнителна поддршка, што ќе значи сериозна помош во овие тешки моменти, за да се врати довербата во институциите и да се спречи негативниот тренд на падот на земјоделското производство. Во делот на програмата за рурален развој ќе се осврнеме на два елементи: грантови за млади луѓе кои ќе влезат во процесот на земјоделско производство и кофинансирање на проекти за кои ќе аплицираат. Вториот сегмент е во делот на задругарството, бидејќи сметаме дека задругите се еден од клучевите во решавањето на проблемот со конкурентноста на македонските земјоделци – заклучи Трипуновски.

Поврзани содржини