КАКО СЕ ПОВРЗАНИ УЧЕНИКОТ СО НОЖОТ И КОСТА К.? Чудна случајност во новиот инцидент во белградското училиште „Владислав Рибникар“
Таткото на осмоодделенецот кај кого во петокот беше најден нож во училишниот ранец за време на наставата во ОУ „Владислав Рибникар“, наводно бил инспекторот што го вештачел телефонот на Коста К. по масовното убиство во мај минатата година.
Белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ во кое во мај минатата година тогаш 13-годишниот Коста К. уби 9 ученици и чуварот на училиштето, деновиве одново се најде во фокусот со нов инцидент кој ја крена јавноста на нозе. Кај ученик од 8 одделение најден е нож во ранецот.
Настанот се случил на третиот час од попладневната смена кога еден од учениците се посомневал дека неговиот другар има ладно оружје во ранецот и за тоа ја известил директорката на училиштето. Во ранецот на осмоодделенецот бил најден нож.
Случајот што внесе нов страв и вознемиреност и кај децата и кај родителите сè уште се истражува.
– Без разлика на паниката која завладеа во еден момент и не е ни чудо што завладеа, бидејќи тоа е траума и за учениците и за наставниците, релативно брзо сите надлежни соодветно реагираа на таа ситуација. Директорот го повикал училишниот полицаец, тој го изнел ученикот, го однел во канцеларијата за внатрешни работи. Утврдено е дека тој навистина имал нож во ранецот. Од каде се нашол тој нож тука? Во тек се постапки со кои ќе се откријат тие детали и ќе ги знаат пред се родителите и децата колку што е дозволено со законските рамки – истакна српската министерка за просвета Славица Ѓукиќ Дејановиќ.
Министерката истака дека покрај детето кое донело нож на училиште, виновни се и неговите родители.
– За вакво оружје нема место во училиште, во ранец на ученик. Ако детето донело нож од дома, секако дека ќе биде санкциониран и родителот – вели министерката за образование.
Она што внесува дополнителна паника и загриженост е фактот што го поврзува новиот инцидент со масакрот што го изврши Коста К. во мај минатата година. Како што пренесуваат српските медиуми, врската меѓу едниот и другиот случај е таткото на ученикот со ножот за кого наводно се дознало дека бил инспекторот што го вештачел телефонот на Коста К. по масовното убиство.
– Во петокот во основното училиште „Владслав Рибникар“ беа преземени сите потребни мерки. Ако детето донело нож од дома, секако дека ќе има одредена санкција и за родителот – истакна министерката Ѓукиќ Дејановиќ.