Како сами да направите заштитна маска и заштитен визир за лицето (ВИДЕО)
Кога веќе нема начин да ги набавите овие заштитни средства, можеби не е лоша идејата да се обидете да ги направите сами. Еве две видеа и неколку совети за тоа.
Нема подобар начин да се заштитите од заразата од коронавирусот од тоа да останете дома. Но сепак, некои од вас мора да излегуваат надвор – некој оди на работа, некој до продавница, некој до аптека… Кога сме кај аптеките, таму се уште нема заштитни маски и ракавици во слободна продажба.
И затоа, кога веќе нема начин да ги набавите овие заштитни средства, можеби не е лоша идејата да се обидете да ги направите сами. На интернет има многу совети и видеа како да го сторите тоа, но ние ги одбравме овие две видеа.
Првото видео е креативно решение на персоналот на Здравствениот систем Хенри Форд. Специјалисти ви покажуваат начини за конструирање домашни маски за лице и заштита на очите:
Второто видео ќе ви даде идеја како да направите заштитен визир за лицето. Секако, доколку во домот поседувате малку пластична фолија што одговара за таа намена. Погледнете го видеото и ќе разберете за што станува збор.
Што се однесува до заштитните маски, има многу начини што се предлагаат за изработка (не мора да се има машина за шиење), но две работи се важни: да изберете добар материјал и маската да биде доволно голема за да ги опфати и носот и устата.
Има различни мислења за тоа каква ткаенина треба да употребите за да сошиете заштитна маска. Најдобро е сепак да се употреби чист, стопроцентен памук. И секако, битно е да се најдат две парчиња и да се сошијат едно врз друго, за заштитата да биде поефикасна.
Каква маска и да сошиете, мора често да ја перете во врела вода и добро да ја пеглате. Тоа е, всушност, начин маската да се дезинфицира.
Имајте на ум дека сиве овие решенија се само корисни импровизации до моментот додека не си набавите квалитетна заштитна опрема. Која, пак, не смее да ве мами да излегувате надвор ако за тоа нема потреба.
ОСТАНЕТЕ ДОМА!