Како речникот на СДСМ го убива имиџот на партијата

Во почетокот на декември, кога СДСМ почна со иронизирање и козериски пристап во соопштенијата, владееше впечатакот дека партијата малку експериментира во обид да изгради нов, поубедлив начин на комуникација со јавноста. Тоа траеше кратко. Потоа се префрли на „серијал“, со кој, во речиси секој повод за реакција ја ставаше владејачката ВМРО-ДПМНЕ во контекст на т.н. српски свет, но и почна да прозива медиуми и новинари, во пакет со дискредитации.

141

Кој ги креира соопштенијата на СДСМ? Кој сака таков партиски начин на комуникација со јавноста и со другите партии? Дали е тоа вистинскиот комуникациски јазик со кој социјалдемократите ќе ја вратат довербата во нивната партија? Речиси еден месец се поставуваат овие прашања, откако дојде невообичаен комуникациски пресврт од Прес-центарот на СДСМ.

Во почетокот на декември, кога СДСМ почна со иронизирање и козериски пристап во соопштенијата, владееше впечатакот дека партијата малку експериментира во обид да изгради нов, поубедлив начин на комуникација со јавноста. Тоа траеше кратко. Потоа се префрли на „серијал“, со кој, во речиси секој повод за реакција ја ставаше владејачката ВМРО-ДПМНЕ во контекст на т.н. српски свет, но и почна да прозива медиуми и новинари, во пакет со дискредитации.






Резултат на нервоза

„Не знам до каде ќе дотераме со ваква јавна комуникација“, вели за Дојче веле член на партијата. Тој е еден од оние кои не сакаат јавно да говорат за ова прашање и објаснува зошто.

„Не сакам да правам алиби, да бидам ‘виновникот’ дека со моја изјава сум наштетил на партијата, во време кога таа самата си прави најмногу штета со вакви ‘комуникациски’ потези“, вели тој.

Според впечатокот на некои од соговорниците, причината зошто се случува оваа помена во реториката и спуштање на нивото, лежи во нервозата кај партиското раководство заради лошата реакција на јавноста во однос на последните „кадровски освежувања”. Бидејќи имаше големи најави и очекувања за кадровско зајакнување, а новиот тим не беше така доживеан меѓу дел од членството и поддржувачите, впечатокот е дека раководството по секоја цена се обидува да добие внимание од јавноста, но за жал, вниманието што го добива е многу негативно.

Пристојноста не смее да има алтернатива

Јован Деспотовски, член и поранешен функционер на СДСМ, прашан за коментар на оваа тема, потсетува дека градењето политичка култура отсекогаш било во поширокиот фокус на залагањата на СДСМ.

„Во рамки на ваквата култура, едно од клучните места зема токму комуникацијата со јавноста. Во право сте кога забележувате промени во последно време. За жал, не се само новинарите, односно медиумите, тие што генерално го забележуваат тоа, туку и поширок круг на наши сограѓани. Нема да коментирам одделни случаи, изнесени политички ставови, ниту ‘цели’ на овие соопштенија. Но, отворено ќе кажам дека јазикот што сега се користи, помалку личи на оној СДСМ, кој сите искрени членови и поддржувачи, па и пошироката јавност сака да го види повторно“, вели Деспотовски.

Деспотовски не сака да шпекулира за причините за оваа промена и за отстапувањето од поставените рамки на политичка пристојност.

„За сите ставови има и може да се најдат најразлични аргументи и „аргументи“. Но за пристојноста, односно за нивото на култура во комуникациите, навистина не смее да има алтернатива, посебно не за партија како СДСМ. И никако не смееме со сопственото однесување да им даваме дополнителна муниција на сите оние кои сакаат овој СДСМ сега да го анализираат и прикажат во значително полошо светло од СДСМ во минатото, посебно во делот на нивото и на политиките, но и на луѓето и комуникациите“, објаснува тој.

Тоа не е вистинскиот пат

Деспотовски има јасен одговор на прашањето – дали ова е вистинскиот пат на СДСМ за повторно градење на довербата со граѓаните?

„Секако не. Првиот чекор во градење, односно обнова на довербата, е да ги натераме луѓето најпрво да слушнат што имаме да кажеме. А, тоа не се прави со изборот на зборови и пораки какви што може да се сретнат во дел од комуникациите деновиве. Ниту мислам дека ова изгледа на некаква ‘агресивна’ или ‘воена’ реторика, бидејќи и таму отсекогаш постојат стандарди за СДСМ. Токму на тие, можеби високи, но сепак постоечки правила и стандарди, е граден угледот на партијата кај клучните групи наши поддржувачи. Ако сега тоа го менуваме, можеби имаме одреден нов пристап, нови цели, за кои би слушнале од актуелниот партиски врв. Еве, да оставиме време да видиме дали е тоа навистина така“, вели Деспотовски.

Несвојствено за СДСМ

За оваа промена разговаравме и со д-р Јасна Бачовска Недиќ, редовен професор на Правниот факултет на УКИМ. Таа потенцира дека политичките партии се одлучувачкиот фактор за креирање на политичката комуникација на општествено ниво. Начинот на комуницирање (наративите, управувањето со наративите реториката, однесувањето) помеѓу партиите и помеѓу партиите и гласачите, директно влијае на политичката култура, толеранцијата, политичката социјализација на сите граѓани.

„Што се однесува за Социјалдемократскиот сојуз, како лидер на опозицијата, веќе подолго време се забележува изменетиот стил на комуникација, кој не беше својствен за социјалдемократите во минатото. Тоа се забележува во сите аспекти на комуникација – соопштенија за јавноста, пресови, гостувања во емисии, настапите во Собрание, однесувањето на нивните претставници, до автентичноста и невербалните аспекти. Се употребуваат дисквалификации на личност, се употребува директната потпаролска пресметка, се занемарува пристојната дистанца во комуникацијата, како на пример, ‘господинот’, ‘госпоѓата’, ‘претставниците на позицијата’ итн. Ја потикнуваат и поларизацијата во медиумите и новинарите, која постои, но на некој начин ‘се загрева'”, вели д-р Бачовска Недиќ.

Криза на идеолошкиот идентитет

Примери за тоа има во секое соопштение, во пакет со нови „именувања“, како на пример, ВМРО- Ванчовистичка (за ВМРО-ДПМНЕ), или став „наскоро очекуваме ВМРО Ванчовистичка да го додаде и она „СНС“ помеѓу ДПМНЕ”. Не им недостига ниту производство на нови прекари и епитети како „Манасије српски“ или „Манасије АИ” (за портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски) „Фрљо”, „Геро АИ” или „Св. Геро заштитник на сите ВМРО-ботови” (за новинарот Бранко Героски) и други квалификации за медиуми.

Но највидлива промена е – агресивниот тон во комуникацијата.

„Ваквиот начин на комуникација ја зголемува поларизацијата помеѓу граѓаните, ја намалува толеранцијата и довербата, не само во лидерите и политичките партии, туку и довербата во институциите на државата“, укажува д-р Бачовска Недиќ.

„Агресивниот, нетолерантниот стил на комуникација е типичен радикалните политички опции и не е примерен за социјалдемократите. Социјалдемократите не би требало да се нечиј пандан и да дејствуваат акција-реакција, па и во комуникацијата, затоа што мислам дека тоа нема да им донесе поени или да го подобри имиџот. Напротив, наштетува на рејтингот на партијата и говори за криза на идеолошкиот идентитет. Веројатно треба да подразмислат за поинакви комуникациски стратегии, нови и свежи, кои ќе демонстрираат повисок степен на општествена одговорност, толку неопходна во време на кризи и исполитизираност“, посочува професорката.

ЗНМ: Неприфатлив тип на комуникација

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера упати допис до СДСМ по објавеното соопштение со наслов „Фрљо – последната линија на одбрана на ВМРО!“, во која на навредлив, омаловажувачки и деградирачки начин се таргетира новинар.

„ЗНМ изрази сериозна загриженост дека ваквиот тип на комуникација од страна на политички партии е неприфатлив во демократско општество, ја поткопува довербата во медиумите и создава атмосфера на стигматизација и притисок врз новинарската професија. Особено е проблематично кога овие објави доаѓаат од партии со значајно влијание во јавниот простор, бидејќи можат да поттикнат онлајн напади, говор на омраза и небезбедна средина за новинарите“, е наведно во дописот.

ЗНМ потсетува дека евентуални забелешки за работата на новинарите треба да се изразуваат преку постојните механизми за саморегулација, како што се Советот за етика во медиумите и Советот на честа при ЗНМ, а не преку јавни дискредитации. Здружението апелира до политичките партии нивните битки да ги водат меѓусебно, а не на грбот на новинарите. Од ЗНМ бараат да се покаже одговорност во јавната комуникација, партиите да се воздржат од навреди и омаловажување и да го почитуваат интегритетот на новинарите и медиумските работници, како предуслов за слободен, плуралистички и демократски јавен простор.

 

Поврзани содржини