Денес е Светски ден за превенција од самоубиство, ден кој освен на социјалните мрежи врви без некое поголемо значење од медиумите и од институциите кои долго време ги занемаруваат проблемите со менталното здравје.
Според предвидувањата, за некоја година самоубиството ќе е меѓу најголемите три причини за смрт на планетата. Пандемијата на депресија и безнадежност, барем кај нас, се става под тепих. Водени од некоја глупава традиција дека „ништо не ти е”, „ти најде да се жалиш”, „има полошо”, “ајде расположи се”… Живееме во времиња кои се стресни и траорни за сите нас, а сите различно го доживуваат тоа, кај некои оставаат поголеми лузни и траги, повеќе ги афектираат.
Скоро секој ден слушаме или читаме по некоја вест од два три реда, со иницијали, дека некој си го одзел животот. Тоа не се само пиксели на телефонот, тоа е човечко суштество, крв, месо, надежи, сништа, обиди, разочарувања, болка… Згаснат универзум под преголемиот товар на плеќите кој станал претежок за носење.
Немојте да судите на другите, многумина од тие судови стигнаа до раб на самоубиство, некои и го поминаа. Секој се труди само да ја намали болката на начин на кој му помага, начин кој можеби е различен од вашиот. Пробајте да ги сфатите луѓето. Некогаш е потребен само мил поглед, добар збор, мало внимание за некому да му се разубави денот, а поголем подарок од тоа нема.
Некаде прочитав: „Самоубиството не е желба да се умре туку желба да престане болката која станува неподнослива”. Да сме подобри едни кон други, човек кон човека и ако не можеме да си помагаме, барем да не си нанесуваме болка. Има доволно болка на овој свет за да нанесуваме дополнителна.
И ако се чувствувате суицидално, консултирајте се со стручно лице! Не е срамота, исто како што не е срамота да одиш на лекар кога имаш грип.
(ФБ статус на авторот)