КАКО ПАДНА СИСТЕМОТ НА МЕПСО? Со напорна работа за еден час се нормализираше струјата
Во неделата, во моментот на дефектот, поради грешка во секундарните кругови за напојување на опремата во ТС Скопје 4, се случила неселективност и за само 0,9 секунди проработеле системските заштити во околните трафостаници на 110 kV напонско ниво а за 2,5 секунди се активирале заштитите на 400/110 kV трансформатори во ТС Скопје 4.
АД МЕПСО формираше работна група од стручни лица вработени во компанијата со цел да се лоцираат причините за прекинот во снабдувањето со електрична енергија поради кој неколку општини во Скопје, делови од Велес и Овчеполието, беа без напојување 40-тина минути.
„До прекин со напојување на поголем дел од Скопје дојде како резултат на исклучување на двата енергетски трансформатора во трансформаторската станица Скопје 4, како последица на дефект кој се појави на изолаторска верига на 110 kV далекувод кој ја напојува трафостаницата Бунарџик преку трансформаторската станица Скопје 4. Во оваа прилика појаснуваме дека во нормални услови кога настанува дефект на далекувод, за изолирање на настанатата грешка, заштитата и прекинувачот го исклучуваат далекуводот на кој се појавува дефектот, со што без напојување остануваат само потрошувачите кои се врзани на трафостаницата напојувана од конкретниот далекувод“, објаснуваат од МЕПСО.
Оттаму додаваат дека во неделата, во моментот на дефектот, поради грешка во секундарните кругови за напојување на опремата во ТС Скопје 4, се случила неселективност и за само 0,9 секунди проработеле системските заштити во околните трафостаници на 110 kV напонско ниво а за 2,5 секунди се активирале заштитите на 400/110 kV трансформатори во ТС Скопје 4.
„На овој начин се дава налог до прекинувачите да ги исклучат двата енергетски 400/110kV трансформатори, преку кои се напојува најголем дел од Скопје и околината. Во согласност со процедурата при дефект, дежурните екипи од АД МЕПСО веднаш извршија проверки и прегледи во ТС Скопје 4, и во координација со Националниот диспечерски центар при АД МЕПСО, започнаа постапка за вклучување на елементите од мрежата. Со напорна работа тие успеаја за еден час да воспостават напонска состојба и да се нормализира напојувањето на градот и околината“, соопштија од МЕПСО.
Паралелно со активностите кои се вршеле во ТС Скопје 4, далекуводните екипи на АД МЕПСО до доцните ноќни часови работеле на отстранување на дефектот на далекуводот 145/1 ТС Скопје 4-ТС Бунарџик, со цел жителите на Бунарџик, како и индустриската зона да добијат напојување со електрична енергија. Во 03:35 часот, далекуводот 145/1 од ТС Скопје 4 до ТС Бунарџик бил поправен и вклучен под напон, со што се нормализирало напојувањето и на ТС Бунарџик.
Од МЕПСО велат дека технички проблеми на електромрежата од секаков тип можат да се случат секаде и во секој дел од денот и најважно во таквите моменти е што побрзо да се стабилизира системот а граѓаните и стопанството да бидат снабдени со електрична енергија. Работната група работи интензивно на терен и веднаш по добивањето на прелиминарните сознанија ќе ги сподели со јавноста.