Како некои мерки од „регулаторната гилотина“ се закануваат да ни ја откинат главата?

Наместо да имаме здрави компании со неколку стотици или илјади вработени кои ќе даваат интегрирани услуги како резултат на синергијата од имањето под една капа тимови од способни проектанти, градежни инженери и изведувачи на градежни работи, со сета потребна опрема и механизација, надзор и сѐ што е потребно за градба до „клуч на рака“ за заинтересираните инвеститори, лабавата законска регулатива со дупки како швајцарско сирење придонела раздробен сектор меѓу илјадници субјекти од кои повеќе стотини, ако не и илјади, опстојувале единствено на сметка на кршење на законските прописи.

2,422

Во 2008 година како министер за финансии во тогашната влада со скепса гледав на ентузијазмот на мојот колега кој го „туркаше“ проектот со јакобински речник „регулаторна гилотина“. Покрај позитивните резултати во отстранување на некои регулативи, сѐ уште присутни од поранешниот систем, се отиде во друга крајност – преголема либерализација на „влезот“ (леснотијата за основање фирма) во некои дејности.

Одамна се забележани т.н. „непредвидени последици“ (unintended consequences) од таквата либерализација во повеќе сектори, од кои би ги издвоил сега актуелните угостителство и градежништво, а од поодамна и приредувањето игри на среќа, т.е. коцкањето.






Во областа на угостителството се чини дека најпроблематични се одредбите за добивање лиценци за ноќни клубови, кабареа и дискотеки. Со презентирањето на регулативата, нејзиното толкување и фактите кои деновиве ни беа предочени од страна на надлежните, јавноста е со право вџашена.

Дознаваме фрапантни факти дека некои објекти работат со лиценци, но без задоволени минимални технички услови; некои се со фалсификувани и истечени лиценци; има и такви кои функционираат „на диво“, без никаква дозвола за работа; а посебен проблем е што повеќе субјекти, меќу кои и „шталата“ во Кочани, долги години работеле во објекти што не одговараат на намената пропишана во деталниот урбанистички план.

Морам да признам дека никогаш во живот не сум бил во кабаре, во доцни утрински часови, што се испостави дека кај нас било привилегија на многумина, вклучително и на малолетници, понекогаш заедно со нивните наставници. Мојата претстава за кабаре е од филмовите и од настапите на легендарните Марлена Дитрих и Лајза Минели („Њујорк, Њујорк“), каде се забавуваат возрасни лица, со поприлично пари во џебот, а не малолетници изложени на опасност по нивното здравје и живот.

Од министерот за транспорт и врски дознаваме дека во земја со околу 1,8 милиони жители со лиценци за работа располагаат 3-4 илјади субјекти во областа на градежништвото (градежни компании и човек-фирми, проектантски бироа и сл.) Ова е една од трагичните последици од регулаторната гилотина!

Наместо да имаме здрави компании со неколку стотици или илјади вработени кои ќе даваат интегрирани услуги како резултат на синергијата од имањето под една капа тимови од способни проектанти, градежни инженери и изведувачи на градежни работи, со сета потребна опрема и механизација, надзор и сѐ што е потребно за градба до „клуч на рака“ за заинтересираните инвеститори, лабавата законска регулатива со дупки како швајцарско сирење придонела раздробен сектор меѓу илјадници субјекти од кои повеќе стотини, ако не и илјади, опстојувале единствено на сметка на кршење на законските прописи.

Ова го покажала и контролата, која е сѐ уште во тек, во Министерството за транспорт и врски и одземените близу 500 лиценци до сега.

Дивеењето во секторот игри на среќа е исто така резултат на регулаторната гилотина која овозможи метастаза на канцерот со коцкањето на секој чекор во земјава, но тоа е тема за во друга пригода.

Мора да направиме чекор назад со дерегулацијата во секторите каде се најочигледни негативните последици за здравјето и животите на нашите граѓани. Ваквиот потег ние економистите го нарекуваме ререгулација. Надлежните нека го означат процесот со какво име сакаат, но мора да делуваат брзо, смело и одговорно, без одлагање.

Поврзани содржини