Како менаџерски неуспех на ЕУ се претвори во вина на македонската влада

Државата никогаш не била ставена во позиција да одлучува, а сепак е посочена како одговорна. Ова не е само фактичка неточност. Ова е опасна замена на одговорност. Каде бил европскиот мониторинг кога менаџерскиот пропуст се случувал во реално време? Европската комисија е должна да ѝ се извини на Владата на Република Македонија за сериозниот пропуст и за неаргументираната и тенденциозна констатација во Извештајот за владеењето на правото за 2025 година.

484

Во Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото за 2025 година, меѓу другото, се нотира сериозна и загрижувачка констатација: „Во текот на 2025 година не е регрутирана нова генерација слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители“. Според Европската комисија, овој застој претставува дополнителен извор на загриженост за функционирањето на правосудниот систем и ризик за спроведувањето на Реформската агенда, која предвидува редовно пополнување на судските и на обвинителските капацитети. Ова е идентификувано како еден од клучните проблеми во правосудниот сектор. (Доказ: Извештај на Европската комисија за 2025 година, стр. 34 https://www.sobranie.mk/content/Dokumenti%20RM-EU/EU/Izveshtaj%20EK%202025%20godina.pdf)

На прв поглед, оваа забелешка на Европската комисија звучи оправдано. На втор поглед, таа е површна. А на трет, ептен погрешно насочена. Зошто? Затоа што во конкретниот случај проблемот не лежи во тоа што Владата, односно државата, не обезбедила финансиски средства, туку во тоа што тие средства воопшто не биле побарани навреме, согласно законските обврски и утврдените процедури.






Ако внимателно се прочита Записникот од 230-тата седница на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, одржана на 25 февруари 2025 година, особено Точка 2, јасно се констатира дека со Заклучок се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители да се обрати до Судскиот буџетски совет и Министерството за финансии на Република Северна Македонија со барање за информација за обезбедени финансиски средства за 2025 година за 9-тата генерација на почетна обука во Академијата. (Записник: https://jpacademy.gov.mk/wp-content/uploads/2025/04/Записник-од-230-седница-на-Управен-одбор-25.02.2025-година.pdf)

Од друга страна, согласно Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, директорката одговара за законитоста во работењето, управува со имотот, предлага годишен план и распоред на средствата. Финансиските средства се бараат од Министерството за финансии пред објавување на оглас, што е законски услов пред секој оглас за нова генерација слушатели. Доколку средствата не се реализираат во тековната година, пред истекот на годината директорот има законска обврска да побара нивна обнова.

Барањето финансиски средства од Министерството за финансии за обука на нова генерација слушатели е задолжителен предуслов пред објавување на оглас. Тоа не е прашање на политичка волја, ниту на интерна согласност, туку стандардна административна обврска на раководното лице.

Директорката на Академијата стапува на функција во октомври 2024 година, токму во периодот кога институциите ги планираат и усогласуваат буџетските потреби за наредната година. Сепак, барањето финансиски средства за 2025 година не е иницирано ниту во октомври, ниту во ноември, ниту во декември 2024 година, ниту во јануари 2025 година туку по поминати повеќе од три месеци, речиси четири од стапувањето на должност. Дури на 25 февруари 2025 година, Управниот одбор на Академијата носи одлука со која ја задолжува директорката да се обрати до Министерството за финансии.

Фактот дека управниот орган морал формално да ја задолжи директорката да ја изврши својата законска надлежност е повеќе од индикативен, тој е алармантен.

Надзор без одговорност

Наместо Управниот одбор да побара отчет зошто законската постапка не е иницирана навреме, тој практично ја презема улогата на „иницијатор“, со што индивидуалната одговорност се разводнува и се претвора во институционална колективна сенка.

Со ова, управувачкиот пропуст не се именува како таков, туку се премолчува, а последиците се префрлаат на апстрактно ниво на: „владата“, „системот“, „буџетот“ ,,државата“. И токму тука настанува суштинскиот проблем.

Како интерен пропуст станува меѓународна критика

Во извештајот на Европската комисија, овој застој е третиран како недостаток на напредок во финансирањето и развојот на човечките ресурси во правосудството, со имплицитна порака дека државата не обезбедила услови за продолжување на обуката.

Но, во конкретниот случај: нема поднесено навремено барање за средства; нема одбивање од страна на Министерството за финансии; нема владина одлука со која би се блокирало финансирањето.

Со други зборови, државата никогаш не била ставена во позиција да одлучува, а сепак е посочена како одговорна. Ова не е само фактичка неточност. Ова е опасна замена на одговорност.

Академијата за судии и обвинители, европско дете со селективна амнезија

Дополнителна иронија е што Академијата за судии и јавни обвинители е институција создадена како дел од европските реформи во правосудството во нашата држава. Таа е под постојан мониторинг, со директна поддршка и внимание од Европската унија. Нејзината улога, законска рамка и организациска поставеност ѝ се добро познати на Европската комисија или пак би требало да им се одлично познати.

Токму затоа е легитимно да се постави и следното прашање: каде бил европскиот мониторинг кога менаџерскиот пропуст се случувал во реално време?

Ако Академијата е под континуиран надзор, тогаш тој надзор не смее да биде ретроспективен и декларативен, туку превентивен и суштински. Во спротивно, се добива парадоксална ситуација во која институција што е европски дизајнирана и европски надгледувана, произведува пропуст, а последиците ги сноси Владата односно државата.

Со должно почитување кон Европската комисија, но ова е повеќе од сериозно промашување на одговорноста на оние кои се виновни за целата оваа работа.

Прашањата што мора да се постават

Ако навистина сакаме напредок, вистинските прашања се: зошто директорката не ги побарала средствата навреме? Зошто Управниот одбор не побарал отчет, туку интервенирал наместо да врши надзор? И зошто европскиот мониторинг реагира дури откако штетата е направена, а Европската комисија ја лоцира одговорноста и вината на погрешно место?

Заклучок

Додека не се направи јасна разлика меѓу политичка одговорност, управувачка неспособност и надзорен пропуст, ќе продолжиме да плаќаме репутациска цена за туѓи грешки, и тоа на европско ниво. Вистината е едноставна: овој проблем не започна во Владата, ниту во Буџетот, ниту во Министерството за финансии. Тој започна во управувањето и во мониторирањето на Академијата за судии и јавни обвинители.

Како што може да се види од погоре изнесените факти, констатираното отсуство на напредок во финансирањето, регрутирањето и обуката на нови генерации во правосудниот систем на Република Македонија, во Извештајот на ЕК за 2025 година, кое е идентификувано како еден од клучните проблеми во секторот, не е вина на Владата, односно државата.

Затоа, Европската комисија е должна да ѝ се извини на Владата на Република Македонија за овој сериозен пропуст и за неаргументираната и тенденциозна констатација во Извештајот за владеењето на правото за 2025 година.

Поврзани содржини