Како ли би звучело: да ја направиме Македонија повторно голема?!
Насловот е само парафраза на предизборната парола на Трамп „Make America great again“, и ништо повеќе. Ништо спектакуларно, ништо субверзивно…, само што кај нас никој, во ниту една прилика, не се осмелува така отворено тоа да го каже. Зошто?
Се разбира дека насловот е само парафраза на предизборната парола на Трамп „Make America great again“, и ништо повеќе. Ништо спектакуларно, ништо субверзивно…, само што кај нас никој, во ниту една прилика, не се осмелува така отворено тоа да го каже. Зошто?
Затоа што, прво, тие кои би сакале, одамна се етикетирани како националисти па веројатно не сакаат уште една слична „лепенка“. Второ, парафразата од насловот има длабоки историски релации односно референци, па некој ако поверува во веродостојноста на исказот, неизбежна е нова светска војна. (Подобро да не објаснувам зошто и како, заради т.н Преспански договор!). Трето, Америка го нема тој проблем. Таа ионака е голема (во секоја смисла) а никогаш и не била поголема. Што ќе рече дека паролата на Трамп повеќе има „внатрешна звучност“, а помалку надворешна. Нашата прво би имала надворешна, па потоа сето останато. Но сепак, замислете, колку и да е тоа неверојатно, некој отворено да почне да говори за тоа? Без оглед што такво нешто ниту во најдобриот научно-фантастичен филм не би можело да се случи.
Како и да е, таа неверојатно продорна парола на Доналд Трамп му донесе два претседателски мандати! И никој во неговата Америка не се осмели да го нарече – националист. А го нарекуваа секако, дури и фашист (кутрана Харис), ставајќи нѐ во недоумица што е пострашно: да се биде фашист или националист?
Нам многу побенигни пароли ни донесоа само огромни неволји и понекоја солза, два катастрофални договори и една потценувачка „рамка“, но и многу, премногу грди ликови кои глумат независни адвокати на Брисел и Вашингтон и делат националистички етикети на сѐ што дури и малку „замирисува“ на посилно патриотско односно национално чувство. И веднаш кодошат, не само кај газдите, туку и јавно, иако де факто не разбираат ни „н“ од она што би значело – национализам. А, меѓу другото, говореа сешто и за Трамп – го нарекоа дури и „непристоен“! – ама повторно: ниту еден од „стручњациве“ немаше „три чисти“ јавно да го нарече националист. А сега, по неговата победа, веќе се скриени во глувчја дупка од којашто нема бргу да излезат!
Но ние и по тоа сме единствената држава во светот: ние – поточно тие – национализмот го препознаваат само во нивната земја, не и кај другите! Другите, особено оние од еу, се – идеални. Оттука и нивната стручност допира само до границите на Македонија, никако понатаму. А сакаа(т) да мислат дека се „пристојни“ како онаа празна Камала или дека се дел од некакви „ добронамерни толерантни луѓе со универзитетски дипломи“ кои звучат еднакво шупливо како и нивната кандидатка.
Но тоа е таква примитивна група луѓе која веќе изградила „кариери“ со кодошењето, со „одбрана“ на правата на Брисел и Вашингтон да нѐ малтретираат и нарекуваат со секакви имиња не само нас туку и државата, а згора се сметаат себеси за некакви „тешкаши“ во политиката – или попрво во политикантството? – па држеа секакви директорски и професорски места со оној страотен фонд на лично незнаење и неукост но со силна поддршка од газдите. И каде сѐ не го видоа тој некаков „македонски национализам“: во отпорот против двата налудничави договори со соседите, во неприфаќањето на „француската рамка“, премолчувањето на срамната придавка „Северна“…, па дури се осилија да ја етикетираат изборната победа на актуелната коалицијата како „горчлив национализам“ итн. А безобразието отиде дотаму што своите неуки пелтечења ги нарекуваа(т) дури и – анализи!
А всушност, ако во светот има пример на држава која, едноставно, не може(ла) да „одгледува“ сериозен, длабок национализам – немала ни толку ниту пак такво квалитетно време, а немала ни зошто – тоа е Македонија. Па дури ни во оној Манифест од 1903 година, каде со право можел да се пројави некаков остар национализам, тоа го нема. Го нема ни против повеќевековниот османлиски окупатор, уште помалку против другите националности што живееле (и живеат) во Македонија. Некакви „симптоми“ можеби има во оние изблици на антибугарштина, во оној отпор против бугарскиот фашизам во текот на окупацијата 1941-1944 година, но тоа е само логична консеквенца, резултат на целосното негирање на македонската националност од страна на тој окупатор! Но тука веќе доаѓаме до значително мешање на национализмот со патриотизмом – уште еден поим целосно (дали и намерно?) заборавен во современиот македонски (политички) вокабулар.
И тука повторно ќе се вратам на Трамп: во неговата парола „Make America great again“, не само неговите поддржувачи туку и најголемиот дел политички коментатори гледаат само патриотизам и никако национализам! Или, кога сме веќе во Америка: зошто никој од нашава булумента „прогресивни“ мегафони не ги нарече националисти Американците што го истакнуваат дури и военото знаме на Конфедерациските сили (од времето на Граѓанската војна) пред домот? Но за таква навреда во Америка тие би добиле (најмалку) сочен шамар. Ако не и нешто посилно! Тогаш зошто, кога тоа го прави некој во Македонија, веднаш ја добива националистичката етикета? Па дури и активирање на некакви ригидни државни механизми како крвична пријава и сл.? Сетете се на не така дамнешниот случај со знамето во Охрид. Или проблем беше неговата големина? Што ќе рече: ако вееш големо знаме, тогаш си националист; ако вееш мало знаме, тогаш си патриот? Не би ме зачудило локалнава „интелектуална“ банда да смисли и такво објаснување.
Како и да е, етикетите од тој тип станаа некаков современ „фолклор“, се вкоренија во јавниот дискурс – поточно: полуписменине „прогресивци“ и нивните еднакви приколки ги „легализираа“ во јавниот говор – така што речиси и да немате „опозициски“ текст, медиумска дебата, квазиекспертска „анализа“ којашто барем би се обидела да го прескокне, ако не и целосно да ја заборави хроничната злоупотреба на овој поим. Таквата пак (зло)употреба другото мислење веднаш и некритички да се осуди односно етикетира како национализам толку многу го релативизираше овој поим што денес веќе никој и не реагира на тоа. Што ќе рече: свикнавме ли да бидеме – националисти?
Се разбира, тоа не е и не може да биде така. И повторно: ако во македонската јавност, во принцип либерална, толерантна и без примеси на такво радикално однесување, се појавуваат националистички реакции и злоупотреби, тие се по правило само реакција на искричењата во актуелните политики односно состојби. Тие, ако ги има, секако заслужуваат одмерена осуда. Но останиува нејасно – или не? – инсистирањето на одредени (политикантски и „интелектуални“) кругови кон предимензионирање на состојбите, прикажување на (дел од) македонската нација како ретроградна и националистичка и создавање атмосфера на националистичка хистерија. Тоа не е и не може да биде метод на политичка борба бидејќи е измислен, накалемен, злонамерен… и не одговара на реалните состојби.
Впрочем, токму таа злонамерност во барањето национализам по секоја цена конструираше обиди дури и укинувањето на онаа монструозна алатка викана „балансер“ да се прогласи за – национализам. Или „откривањето“ и инсистирањето на измислената темна страна на националните чувства треба само да биде параван за прикривање на некои други состојби, оние најпримитивните и провинциските како онаа во Дубаи, или длабоката криминално-коруптивна мрежа како наследство од претходната власт, на барањето одговорност од носителите на истата итн.?
Или, ако веќе одамна се етаблираа обидите за „откривање“ на некаков македонски национализам, зошто „просветената“ македонска квази-интелектуална клиентела не го таргетира истиот проблем и во соседството – Бугарија и Грција, на пример – при што фокусот на интерес може да се поместува и пошироко од регионот, кон Италија, Австријам Германија, Франција…, кадешто еу национализмите одамна инклинираат кон неофашизам? Во одредени средини, во самото срце на Европа, национализмот (веќе) отворено се пројавува како државна политика, но кај нас и за тоа се – молчи.
Не мислам дека тоа е пример што треба да се следи, како што има уште многу други што не доликуваат на една цивилизирана средина токму во таа Европа но ние избираме да не ги гледаме.
Или нашиве „стручњаци“, во нивното провинциско слепило, за национализам би го прогласиле и оној смел чин на отпор на сенаторката (од Абориџинско потекло) Лидиа Торп која му влепи онаков цивилизациски шамар на оној смешен Чарлс?