КАКО ЛЕГИЈА ГИ МИНУВА ЗАТВОРСКИТЕ ДЕНОВИ? Одбива да јаде, не излегува од ќелијата и не прима посети (ФОТО)
На Улемек му е дозволено почесто да се гледа со членовите на своето семејство, а тоа е едно од проширените права кои ги одобрува управникот на затворот во согласност со судот, тврдат од Управата за извршување санкции во Србија.
Поранешниот командант на Единицата за специјални операции, Милорад Улемек Легија, веќе четири дена ја одбива храната што се подготвува во затворот и со денови одбива да ја напушти својата ќелија, а го одбива и правото на посета, пишуваат српските медиуми.
Управата за извршување кривични санкции во Србија потврди дека Улемек одбива да јаде.
– Точно е дека осуденото лице Милорад Улемек Легија ја одбива храната што се подготвува во затворот. Нагласуваме дека Управата за извршување кривични санкции постапува во потполност според законите и должна е да го почитува Правилникот за куќен ред во Посебното одделение во затворот – велат оттаму.
Од Управата објаснуваат дека Улемек има право на посети од свои блиски роднини (сопруга, деца, родители, браќа, сестри) и адвокати, како и други лица кои не му се блиски роднини на осудениот.
– На Улемек му е дозволено почесто да се гледа со членовите на своето семејство, а тоа е едно од проширените права кои ги одобрува управникот на затворот во согласност со судот – велат од Управата.
Адвокатот на Легија пред неколку денови изјавил дека неговиот клиент решил да штрајкува со глад поради тоа што скоро 18 години се наоѓа во притвор и дека му е скратено правото на ресоцијализација и напредок во текот на издржувањето на затворската казна.
Сепак, од Управата за извршување на санкции велат дека според законите е предвидено осудениците да имаат право на посета еднаш месечно во траење од еден час и дека Легија го користел ова право дури и неколку пати месечно.
– Улемек веќе неколку години наназад има посети три до четири пати месечно и тие траат двојно подолго – околу два часа без физички препреки. Кога станува збор за телефонирањето, осуденото лице има право на телефонски разговор со блиски роднини најмногу два пати месечно во траење од 15 минути. Во случајот со осуденикот Милорад Улемек, нему му е дозволено да телефонира четири пати месечно, што е уште едно од проширените права кои му се одобрени. Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, на сите лица во затворот, вклучително и на Улемек, дозволено им е да телефонираат двојно повеќе, односно осум пати месечно. Тоа значи дека имаат право да телефонираат цели два часа месечно – изјавиле од Управата.
Адвокатот на Милорад Улемек рекол дека неговиот клиент има ускратено право на ресоцијализација и напредок во текот на издржувањето на затворската казна, меѓутоа, од Управата тврдат дека не е точно дека Улемек живее во самоизолација.
– Наведуваме дека ваквите наводи се неосновани и неточно. Со години наназад на Улемек му е овозможено да излегува три пати дневно од својата ќелија и тоа – по два часа надвор, два часа во вежбалница и два часа на друштвено-спортски активности. Тоа значи дека тој поминува шест часа дневно надвор од ќелијата. Секое негово излегување надвор од ќелијата го поминува во друштво на еден, двајца или тројца осуденици – изјавиле од Управата, пренесе Мондо.