КАКО КЕНАН ЦРНКИЌ СТАНА ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА СВОЈОТ ЖИВОТ? Не е важно да успееш во животот, важно e животот да ти успее

Одблизу со најголемиот мотивациски говорник во регионот и автор на 3 бестеселери кој одговори на нашите прашања за неговиот животен пат и за тоа како се случила неговата огромна трансформација од успешен раководител со мултимилионски корпорации и фондации, во автор на мотивациски книги кои забележаа рекордна продажба не само во неговата родна Босна и Херцеговина, туку и пошироко, во регионот, но и во светот.

1,549

„Неодамна направив нова визит-карта за себе. На неа пишува:
Кенан Црнкиќ, извршен директор на неговиот живот.
Зошто ваква визит-карта?
Покрај моите докторати по менаџмент и лидерство, јас сум извршен директор и сопственик на бизнис повеќе од една деценија, исто како што се моментално многу мои коучинг клиенти.
Сите кои некогаш поминале низ тој процес знаат дека назначувањето на директорската позиција е без ограничување во однос на одговорноста, но и овластувањето.
Вашиот живот радикално ќе се промени кога ќе ја преземете улогата на извршен директор на вашиот живот.
Престанете да ги слушате вашите и туѓите изговори.
Никогаш не прифаќајте да ја играте улогата на жртва
Преземете ја одговорноста за сè што ви се случува, а особено за тоа како реагирате на сето она што ви се случува.
Наместо да слушате зошто не можете да направите нешто, запрашајте се – што треба да направам за да го постигнам тоа?
И секако, прифатете го тоа дека имате неограничени овластувања.
Поминете време, наградувајте, промовирајте, пуштете ги во вашиот живот и исфрлете ги (да, со клоца) луѓето од вашиот живот исклучиво и исклучиво според заслугите и резултатите.
Станете извршен директор на вашиот живот и вашиот живот никогаш нема да биде ист!“, порачува Кенан Црнкиќ, доктор по економски науки, професор на повеќе високорангирани странски универзитети, познат светски и најпознат мотивациски говорник во регионот, автор на три бестселери со мотивациска содржина, од кои едниот беше промовиран неодамна и во Скопје, на македонски јазик и во издание на „Топер“.

Станува збор за неговата книга за среќата „Внимавај кој волк го храниш“. Црнкиќ одговори на нашите прашања за неговиот животен пат и за тоа како се случила неговата огромна трансформација од успешен раководител со мултимилионски корпорации и фондации, во автор на мотивациски книги кои забележаа рекордна продажба не само во неговата родна Босна и Херцеговина, туку и пошироко, а кои се преведени и на повеќе странски јазици…






На социјалните мрежи објавите на д-р Кенан Црнкиќ секојдневно ги следат повеќе од 300 илјади лица низ светот. Тој е човекот кој до својата 35 година постигнал успех и одлично заработувал, но се запоставил себеси и преживеал срцев удар. За неговата трансформација од успешен раководител со мултимилионски корпорации и фондации, во автор на мотивациски книги кои забележаа рекордна продажба не само во неговата родна Босна и Херцеговина, туку и пошироко, во регионот, но и во светот, г.Кенан Црнкиќ одговараше на нашите прашања:

Господине Црнкиќ, можете ли прво да ни кажете како и кога станавте животен тренер, имајќи предвид дека сте сè уште релативно млади?

Кенан Црнкиќ: Искрено, не се сметам себеси за животен тренер, тој термин исто како и мотивацијата е премногу експлоатиран во општеството и има некаква негативна конотација, можеби поради фактот што секој денес си зема за право да се занимава со тоа, а можеби и поради тоа што е во прашање површна материја.

Велат дека мотивацијата не трае, исто како и туширањето, затоа се препорачува редовно. Меѓутоа кога ќе погледнеме подлабоко мотивацијата семантички потекнува од зборот МОТИВ + АКЦИЈА па мотивот е на прво место (т.е., што е она наше зошто?). Токму затоа јас се занимавам со трансформациски коучинг во кој доминантна улога има препознавањето и јасното дефинирање на тоа наше зошто – своевидна мисија или цел на живеењето. Кој има јасен одговор на ЗОШТО, ќе излезе на крај со кое било КАКО. А самата поента на животот од секогаш била живот со цел.

Како, со кого и со што го започнавте, како што велите, второто полувреме од својот живот?

К.Ц.: Како што знаете, долги години сум многу успешен во водењето големи бизниси, за што ми беше доделена титулата „Деловно лице и менаџер на годината и деценијата“, предавав на Државниот универзитет во Сараево, но и на најпрестижните меѓународни универзитети и по сите општоприфатени критериуми, бев успешен. Сепак, јас чувствував огромен притисок и некоја празнина.Тогаш некако спонтано настана мојата позната реченица „Не е важно што ти успева во животот, важно е да ти успее животот“.

Моето второ полувреме и главниот поттик за личната трансформација беше токму процесот на саморефлексија, кој детално го опишав во мојата книга „Гледај кој волк го храниш“ и поглавјето е наречено „77 прашања што треба да си ги поставувате себеси на секои 7 дена“. Десетици илјади луѓе ми пишаа и раскажуваа како едноставното одговарање на тие 77 прашања целосно им го изменило животот. Ги повикувам сите читатели да се обидат со истото.

Да одвојат време да седнат во мир и тишина и да почнат да одговараат на прашањата што ги донесов во книгата. Сигурен сум дека ова ќе биде прв и можеби и најважен чекор кон нивната лична трансформација, но и кон постигнување на голем успех и вистинска среќа која произлегува од исполнетиот и лесен живот.

 

Дали во тоа време сè уште бевте на функција, имавте сопствен бизнис или нешто слично, па само ставивте точка и свртевте нов лист или се случуваше полека, чекор по чекор?

К.Ц.: Одлично прашање! Иако луѓето можеби претпочитаат да замислат филмски момент во кој имало промена, голема е вистината дека трансформацијата е секогаш процес, а никогаш чин и дека се одвива чекор по чекор. Знаците се секогаш тука. Дали знаеме како да ги препознаваме и дали имаме храброст да ги следиме. Патувањето започнува со саморефлексија (затоа на почетокот на мојата прва книга „7 тајни на успехот“ е огледало во кое се гледаме себеси како личност одговорна за нашиот успех и среќа), а можеме да го забрзаме работејќи со вистинскиот тренер (коуч). Личност која веќе го поминала тој пат и која ги поседува потребните теоретски знаења и практични вештини и која зад себе има многу јасен и долг регистар на успеси.

Како дојдовте до идеја да ја напишете својата прва книга, дали вие имавте ваш животен тренер во животот и дали го имавте во првото полувреме од животот или дури во второто, кога решивте да го промените текот на вашиот живот?

 

К.Ц.: Искрено, никогаш не мислев дека ќе бидам писател. Мислам дека моето поранешно опкружување многу би се насмеало на самата помисла на тоа. Мојот живот го промени д-р Џон К Максвел, највлијателниот американски говорник и експерт за лидерство, чија лиценца гордо ја носам и со чија методологија работам. Работејќи со него ја разбрав моќта на вистинскиот коучинг, но и фактот дека нашите таленти се закопани длабоко во нас и на некој начин постојано се анестезирани од општеството и околината. Тогаш повторно спонтано настана една моја друга реченица. „Каде што ти е отпорот, тука ти е решението“. Моите коучинг клиенти многу добро ја знаат илуминирачката моќ на таа реченица, а еве ги повикувам и вашите читатели да размислат за неа.

Што мислите, зошто во последните години дојде до ваква експанзија на коучингот, генерално, во светски рамки?

К.Ц.: Неодамнешните студии покажуваат дека живееме во време кога нивото на информации се зголемува за 900%, а нивото на промени за 300% секоја година.Во мојата трета книга „Да се надживее животот“ напишав цело поглавје на темата за промените наречено „Само несигурноста е сигурна.

Луѓето чувствуваат дека го губат тлото под нозете, станува се потешко и потешко и тие легитимно бараат помош. Коучингот е индустрија во развој и во современото општество да се има свој тренер се смета за еден вид цивилизациска норма.

Мило ми е што овој тренд се чувствува во нашиот регион и со ова ги повикувам сите конечно да поверуваат во себе, да инвестираат во себе, да се стават себеси во центарот, како што велам јас на шега, „Да си дојдат при себе додека уште имаат кај кого“.

 

Како би му објасниле на некој од минатиот век, што всушност правите, дали можете да го споредите тоа со нешто што би го разбрале луѓето кои живееле во време кога го немавме овој збор – life coach, во нашиот речник?

К.Ц.: Како што знаете, во моите книги можеби токму заради тоа доминираат приказни. Велат, приказните се раскажуваат за да се заспијат децата и да се разбудат возрасните.

„Еден многу мудар и познат учител подучуваше, меѓу другото, преку игра и забава.

Според една од легендите, еден ден сакајќи да го растовари своето предавање со игра и смеа, почнал да се качува на висока круша. Кога се искачил на самиот врв, наеднаш паднал и силно удрил на земјата.

Неговите ученици од страв и грижа истрчале да го повикаат докторот.

Учителот рекол:

Не ми викајте доктор, викнете некој што паднал од круша.

Само тој знае како се чувствувам сега и како да ми стане подобро.

Токму тоа е моја работа, да им го скратам патот на луѓето, да ја забрзам нивната промена за да ги постигнат своите резултати не само брзо туку и елегантно.

Дали сте имале некој пример во својата кариера на трансформациски коучинг?

К.Ц.: Навистина ја имав привилегијата да работам и да настапувам заедно со речиси сите големи имиња во оваа индустрија како Брајан Трејси, Тони Робинс, Роберт Кијосаки итн. но за мене тоа беше, како што кажав и претходно, мојот ментор Џон Максвел.

 

Дали очекувавте дека вашите книги ќе станат бестселери и дали планирате уште некоја по овие три?

К.Ц.: Искрено, не размислував за тоа, моите книги ги пишував само со цел да ја исполнам мојата мисија (цел на постоење) – односно да им помогнам на луѓето да водат поуспешен, посреќен и поисполнет живот. Пишував искрено и со срце , а велат дека оној што пишува со срце вечно останува во душите на оние кои читаат. „Мило ми е што се бестселери и особено ми е драго што знам дека луѓето си ги подаруваат затоа што среќата се множи кога се споделува.

Со овие три книги комплетирав една едиција на „живот, среќа, успех“, а моментално работам на нешто ново за кое сум сигурен дека ќе ги израдува читателите.

Поврзани содржини