КАКО ИЗРАЕЛ МОЖЕ ДА ГО КЛЕКНЕ ИРАН НА КОЛЕНА? „Нуклеарните постројки први на удар!“

Анализата на Џерусалим пост (Jerusalem Post) покажува како израелските сили би можеле да се обидат да ги неутрализираат воените капацитети на Иран.

2,979

Израел би можел со десетици авиони Ф-16 да елиминира неколку нуклеарни постројки на одбраната на Иран, како одговор за нападот со дронови од неделата. Вака анализира Џерусалим пост (Jerusalem Post), според чии информации Ф16-ките би требало летаат и 2.000 километри далеку од еврејската држава за да ја постигнат целта. Но, САД сакаат да избегнат каква било поголема контраофанзива.

По двочасовниот состанок на воениот кабинет на Израел, одлука за контранапaд сѐ уште нема.






Владетелите на Израел се решени да одговорат, но допрвин треба да одлучат за времето и текот на акцијата, а официјалниот претставник рече дека војската имала задача да излезе со дополнителни опции за одговор, особено бидејќи САД наводно му кажале на Нетанјаху „да ја олади ситуацијата“, објави српски Мондо.

– Во последните 2 часа ги одобривме оперативните планови и за офанзивните и за одбранбените дејствија – рече и портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари.

На итниот состанок на Обединетите нации (ОН), Иран се повика на правото на самоодбрана, наведувајќи дека „нема избор“.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, рече дека Техеран „не се грижи за ништо поврзано со исламот или со муслиманите“ и дека Иран „мора да биде запрен пред да го доведе светот до точка од која нема враќање, до регионална војна која може да ескалира во светска војна“.

Потенцијално разорен напад за Израел

Американскиот претседател Џо Бајден наводно сака да избегне каква било контраофанзива против Техеран која би можела да привлече американски војници. Американските власти рекоа дека иранскиот напад би можел да биде навистина разорен доколку проектилите не биле пресретнати и веројатно би довел до регионална војна, а и дека најтензичниот момент на нападот се случил кога Иран лансирал 100 балистички ракети, способни да стигнат до Израел за неколку минути, за краток временски период.

Речиси сите, наводно, биле соборени од израелскиот противракетен одбранбен систем „Ероу“ (Arrow), додека пресретнувачите истрелани од американските разурнувачи во источниот Медитеран, „USS Arleigh Burke“ и „USS Carney“, погодиле меѓу 4 и 10 балистички ракети. Американска батерија за воздушна одбрана „Патриот“ во близина на Ербил, Ирак, собори 1 од проектилите.

Иран лансираше повеќе од 30 копнени крстосувачки ракети и повеќе од 150 дронови. Некои балистички ракети ја оштетија воздухопловната база Неватим во јужната пустина Негев, призна во неделата портпаролот на израелските одбранбени сили.

„Иран на колена“

Анализата на Џерусалим пост покажува како израелските сили би можеле да се обидат да ги неутрализираат воените капацитети на Иран.

Некои од авионите би можеле да летаат по границата меѓу Сирија и Турција, а потоа да преминат во Ирак. Други авиони можат да летаат низ воздушниот простор на Саудиска Арабија и на Персискиот Залив.

Примарната цел на првиот бран Ф-35 би била да се елиминира иранската воздушна одбрана која штити десетици ирански нуклеарни постројки. По првата етапа спроведена со Ф-35, ќе има посебен бран израелски Ф-15, Ф-16, но и други Ф-35 натоварени со американски бомби ГБУ-72 тешки над 2 тона за да погодат тешко утврдени цели.

Анализата покажува дека потоа би можеле да следат дополнителни бранови кои ќе помогнат во уништувањето на најважните ирански нуклеарни постројки во Фордо и Нетенз.

Израел може да користи и значителен број балистички ракети, како и беспилотни летала за напади и за собирање разузнавачки информации. Сепак, уништувањето бункери ќе биде вистински предизвик.

На пример, главната област во Фордо е закопана околу 80 метри под земја – на длабочина до која можат да пробијат 13-тонските бомби „бункер-бастер“ во американскиот арсенал. Сепак, дури и под администрацијата на Трамп, САД наводно одбиле да му дадат на Израел такви бомби.

За потсетување, црвената линија на 1 април беше помината со напад врз иранскиот конзулат во Дамаск кој му се припишува на Израел.

Историски гледано, Израел покажува нулта толеранција доколку неговата територија е нападната од друга земја, нагласуваат западните експерти кои сметаат дека Бенјамин Нетанјаху не може да не реагира. Од друга страна, пак, доколку Израел одговори премногу агресивно, конфликтот веројатно ќе ескалира, а се смета дека не е во интерес на Израел да отвори нов директен фронт со Иран додека е во војна со Хамас во Појасот Газа.

Кои се резултатите од иранскиот напад врз Израел?

Пред иранскиот напад, експертските медиуми шпекулираа дека Техеран би можел да ги користи ракетите Сејџил, Хорамшахр 4 (Каибар), Емад, Шахаб 3, Кадр-110, Павех, Хаибаршекан или Фатах 2.

Иран конечно бил принуден да нападне, барем морално, по неколкудневни закани дека ќе му се одмазди на Израел за бомбардирањето на конзулатот во Сирија.

Дали Техеран навистина го известил Вашингтон за времето и целите на нападот, сепак останува во доменот на шпекулации.

Над 300 проектили беа лансирани кон Израел, вклучувајќи 170-185 УАВ, 30-36 крстосувачки ракети и 110-120 балистички ракети. Нападот траеше вкупно околу 5 часа.

Според западни извори, Иранците користеле УАВ Шахид 139, од 30 крстосувачки ракети најмногу истрелале Абу Махди (Сумар, копија на руски Х, Кх-55) и од 120 балистички ракети – Сејџил на цврсто гориво, среден дострел од 2.000-2.500 километри, со боева глава од 500 до 1.500 килограми и/или истрелале рајету МРБМ Емад, со среден дострел од 1.700 километрим на течно гориво.

Според други податоци, без оглед на тврдењата на Техеран дека ќе користи само постари системи, барем уште неколку модерни балистички ракети со среден дострел на цврсто гориво, Кеибаршекан-4 со боева глава од 500 килограми, опсег од 1.450 км и брзина од 4-5 маха (развиени во 2022 година), ги погодиле аеродромите или, пак, паднале на нив.

Американските ловци и бродови од источниот Медитеран (делумно од Велика Британија и од Јордан) соборија 70 проектили УАВ и 3 балистички проектили пред да стигнат до воздушниот простор на Израел. Според официјалните податоци, со споменатата американска помош, израелските системи „Ајдрон доум“ (Iron Dome) и Ероу 2 и 3 (Arrow 2, 3) собориле дури 99% од иранските летечки објекти.

Потврдено е дека биле погодени израелските бази Рамон и Невратим. Наводно, 7 ракети паднале врз базата Рамон (Basis Hayil-HaAvir Ramon) во пустината Негрев. Тука се сместени израелските ескадрили 113, 119, 190, 201 и 253, кои користат ловци „F-16l Sufa“ и хеликоптери „AH-64D Apache Longbow Saraf“ и „AH-64A Apache Peten“. Покрај нив, и специјалната единица „Скај рајдер“ и бригадата „Дејвидс слинг“ ја користат базата.

Воздухопловната база Неватим (Воздухопловна база 28) е седиште на 103-та, 116-та, 117-та, 120-та, 122-та, 131-та и 140-та ескадрила, како и на 5.700-те специјални сили (YAC). Од декември 2016 година, 116, 117 и 140 ескадрили имаат најсовремени ловци F35l Adir. Според досегашните информации, двете бази се малку оштетени и сѐ уште се во функција.

Поврзани содржини