Како изгледале двата часа во кои е спасен животот на Алексеј Навални?
Руската редакција на Би-би-си ги реконстурираше двата драматични часа пред труењето и по тоа, врз основа на изјавите на авионската посада, патниците и на лекарите.
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е во кома во берлинска болница, а Германија потврди дека бил отруен со нервниот отров од групата Новичок.
Нему му се слоши по полетувањето од Сибир кон Москва и авионот принудно слета во Омск. Два дена по тоа руските власти дозволија тој да биде пренесен на лекување во Германија.
Руската редакција на Би-би-си ги реконстурираше двата драматични часа пред труењето и по тоа, врз основа на изјавите на авионската посада, патниците и на лекарите.
Фотографијата ја снимил соработникот на Навални, Илја Агеев, веднаш пред полетувањето од Томск
Како почна утрото
На 20 август, Алексеј Навални требаше да лета со летот S7 од Томск кон Москва. Тој не јадел ниту пиел ништо цело утро, освен шолја чај која ја купил на аеродромот „Богашево“ во Томск, според изјавата на неговата портпролка Кира Јармиш.
Патникот од авионот, Илја Агеев, го видел Навални како пие чај околу еден час пред полетувањето. Критичарот на Крмљ се смеел и се шегувал со неговите сопатници кои го препознале.
Томск, време 08:01
За време на првите триесет минути од летот Навални почнал да се чувствува лошо. Стјуардесите им делеле вода на патниците, но тој одбил. Тогаш станал и отишол во тоалет.
Томск, време 08:30
Друг патник сакал да оди во тоалет, но Навални бил таму веќе 20 минути. Почнал да се прави ред пред вратата од тоалетот.
Томск, време 08:50
До ова време сите четворица од авионската посада знаеле дека на еден патник не му е добро.
Томск, време 09:00
Неколку минути подоцна стјуардесата прашала дали има лекари во авионот. Потоа и патниците сфатиле дека ситуацијата е сериозна. Посадата го информирала пилотот и се обидела да му пружи прва помош на Навални. Неговиот помошник Илја Пакхомов одел низ авионот и барал медицинска помош. Жена која не е идентификувана, се пријавила дека е медицинска сестра. Во следниот час таа и стјуардесите се фокусирале на тоа да го одржат свесен Навални додека пилотот не слета итно, сведочат од S7 ерлајнс.
„Не зборуваше, само вриштеше“
Сергеј Неженец, адвокат, седел зад местото каде што му се пружала помош на Навални.
– Почнав да следам што се случува кога стјуардесата побара медицинска помош. По неколку минути пилотот соопшти дека ќе слетаме во Омск, поради тоа што на еден патник не му е добро. Сфатив дека станува збор за Навални откако слетавме, кога отворив Твитер и ја видов објавата на неговата портпаролка. Неколку минути по повикот да се јави лекар, Алексеј почна да стенка и да вриска. Беше јасно дека има болки. Лежеше на подот во делот од авионот наменет за посадата. Не зборуваше ништо, само вриштеше – изјави Неженец за Би-би-си.
Тогаш дошла медицинската сестра која се пријавила да понуди помош, додава тој.
– Не знам што правеа, не видов. Но слушнав како му велат: „Алексеј, пиј, пиј, Алексеј диши!“ Кога тој стенкаше, на сите ни беше подобро во смисла дека барем е жив – додава адвокатот, кој нагласува дека во тој момент не знаел дека станува збор за Навални.
Двајца од соработниците на Навални стоеле покрај него, една од нив била портпаролката Кира Јармиш.
– Таа беше многу нервозна. Сестрата ја праша што му се случило, а Кира рече: „Не знам, веројатно е отруен“ – рече Неженец.
Омск, време 08:20
Посадата на авионот побарала итно слетување во Омск кое им било веднаш дозволено, велат од компанијата. Биле потребни малку повеќе од 30 минути за авионот да слета откако на патниците им било соопштено дека ќе има итно слетување. Но, посадата постојано проверувала и се жалела дека поради густите облаци, било потребно подолго време да се приземји авионот, додека на Алексеј му било толку лошо.
Адвокатот слушнал звуци на гадење кога го терале Навални да пие.
Фотографијата ја снимил соработникот на Навални, Илја Агеев, по слетувањето во Омск
Дали му бил испумпан стомакот?
Лекарот од аеродромот во Омск, Василиј Сидорус, одби да го потврди или негира ова. Само рече: „Имаше сѐ.“
Бидејќи се сомневале на труење со храна, посадата веројатно се обидела да му го испразни стомакот, вели израелскиот експерт за интензивна нега Микаил Фремдерман.
– Но, тоа немаше да помогне во случај на труење со органофосфорни состојки, за кои известија германските власти – вели тој.
И ако храната и пијалокот на Навални биле отровни, повраќањето би ги ставило во ризик тие што му пружале прва помош, како и тие што потоа го чистеле тоалетот.
Омск, време 09:01
Во 09:01 слетал авионот во Омск.
Омск, време 09:03
Медицинските лица од аеродормот влеле во авионот само две минути по слетувањето. Откако го прегледале Навални, лекарите рекле: „Ова не е случај за нас, нему му треба интензивна нега“, сведочи Неженец.
Тој потоа слушнал како еден од лекарите се јавува и бара амбулантно возило со интензивна нега. Побарале да дојде точно пред авионот, велејќи дека патникот бил во сериозна состојба. Ја објасниле бојата на авионот и му кажале на возачот да застане веднаш до скалите.
– Чекавме уште 10 минути да дојде амбулантното возило. За тоа време лекарите му мереа притисок на Навални и му дадоа инфузија, но им беше јасно дека немаше корист од тоа – вели Неженец.
Д-р Сидорус вели дека не го третирал Навални лично, но дека неговите колеги направиле сѐ за да му го спасат животот.
– Беше тешко да се сфати што се случува, зашто тој не можеше да зборува. Тие сторија сѐ што можеа да му го спасат животот и да бидат сигурни дека ќе биде пренесен во соодветна болница – вели докторот.
Патниците со кои разговарала екипата на Би-би-си велат дека лекарите поминале 15-20 минути прегледувајќи го Навални во авионот.
Омск, време 09:37
Потоа Навални бил симнат од авионот и со амбулантско возило однесен во Ургентната болница во Омск. Авионот наполнил гориво и по половина час го продолжил летот кон Москва.
– Кога слетавме на аеродромот Домодедово во Москва неколку полицајци во униформа и во цивилна облека влегоа во авионот. Тие им рекоа на патниците што седеа најблиску до Алексеј да останат, а сите други ги пуштија да излезат од авионот. Алексеј седеше накеде во средината на авионот во 10-ти или 11-ти ред. Беше чудно што дојдоа полицајците. Во тоа време, случајот не изгледаше криминално – вели адвокатот Неженец.
Отруен со Новичок
Две дена болницата во Омск го држеше Навални во одделот за труење. Прво не дозволија да биде пренесен во Германија поради како што велеа неговата нестабилна состојба. Сепак, на 23 август тој беше пренесен во клиниката Шарите во Берлин и два дена потоа германските лекари изјавија дека тестовите покажале дека Навални бил отруен.
Лекарите во Омск, вклучувајќи го шефот на ургентната единица и шефот токсиколог, инсистираа на тоа дека не се најдени отровни супстанци во телото на Навални додека тој бил кај нив. Тие рекоа дека една од можните дијагнози е метаболичко нарушување.
Редакцијата на Би-би-си побарала од здравстевните власти во Омск коментар и увид во документацијата на Навални, но не добила одговор.