КАКО ГРАЃАНИТЕ ДА ГО КОНТРОЛИРААТ ГОВОРОТ, АКО ПАРТИСКИТЕ ЛИДЕРИ ГИ ИНСПИРИРААТ ДА НАВРЕДУВААТ? Сиљановска Давкова очекува мирни локални избори

Претседателката порача дека лидерите на партиите имаат просветителска мисија и оти не може да се очекува од граѓаните да го контролираат својот говор на социјалните мрежи ако се инспирирани од оние кои треба да бидат носители на дијалог.

78

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова очекува претстојните локални избори да поминат во мирна атмосфера која ќе им овозможи на граѓаните да се определат како што сакаат, но укажува дека според реториката во кампањата многу е тешко да направи разлика за какви избори се работи.

Сиљановска Давкова денеска на новинарско прашање оцени дека и на овие избори се зборува за профилот на личноста, а не за активностите и решенијата, укажувајќи дека културата во говорот е најважната работа особено кога се во прашање лидерите.






– Ова е многу тешко прашање, бидејќи јас како што гледате, се обидувам од страна да ги гледам работите бидејќи сум претседателка на сите граѓани и не сакам да имам политичко влијание. Прво, во прашање се локални избори. Локалните избори треба да водат кон избор на вистински личности спремни да ги решаваат локалните проблеми. Многу тешко ми е искрено да направам разлика за какви избори навистина се работи. Второ, не сакам да поверувам дека Државната изборна комисија со целиот систем на општински изборни комиси, Градска изборна комисија, избирачки одбори, после 30 години нема капацитет да спроведе фер и демокатски избори или добро да ги спроведе изборите. Очекувам изборите да поминат во мирна атмосфера која ќе им овозможи на граѓаните да се определат така како што сакаат – изјави Сиљановска Давкова, по учество на настан по повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, организиран од Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје.

Претседателката на државата дополни дека и по 30 години не може да го разбере говорот, кој, нагласи, „за жал, и на овие избори, не од сите, многу пати е ад хоминем, а не ад рем, се бави со профилот на личноста, а не со активностите и решенијата“.

Таа порача дека лидерите на партиите имаат просветителска мисија и оти не може да се очекува од граѓаните да го контролираат својот говор на социјалните мрежи ако се инспирирани од оние кои треба да бидат носители на дијалог.

– Тоа е недозволиво. Јас знам дека има страст на изборите. Каде што се партиите секогаш има страст, меѓутоа, мислам дека културата во говорот особено кога се лидерите во прашање е најважната работа. Тие имаат просветителска мисија, не можете да очекувате од граѓаните потоа да го контролираат својот говор на мрежите, ако се инспирирани, ама инспирацијата не е бенигна туку е малигна, од оние кои треба да бидат носители на дијалог. Истово го повторувам и за портпаролите на партиите. Во светот портпаролите и на институциите и на партииите се промотори на мировен дијалог, а не на навреди. Мораме да го надминеме тоа, ако сакаме навистина да бидеме пристојна европска демократска држава – рече Сиљановска Давкова.

Во тек на кампањата наведе дека слушнала и невидени тврдења, издвојувајќи го како пример ветувањето од еден кандидат дека ќе прогласи вондредна состојба и оти за тоа немало реакција.

– Како може градоначалник да прогласи вонредна состојба? Вонредна состојба прогласува Собранието, а ако не може да се состане тогаш прогласува претседателот на државата. Јас сум голем критичар на воведување вонредни состојби бидејќи во вонредните состојби се најзагрозени слободите и правата на човекот и граѓанинот, ама ваков феудален говор навистина мора да се ограничи или барем да се предупредат бидејќи полно луѓе мислат дека тоа било најхраброто нешто што го чуле – изјави претседателката Сиљановска Давкова.

 

Поврзани содржини