КАКО ЌЕ МУ ЗАБРАНИТЕ НА ЗАНАЕТЧИЈА ДА НЕ РАБОТИ ВО НЕДЕЛА? Недела неработен ден финансиски ќе ги исцрпи занаетчиите
Занаетчиската комора алармира на неусогласеност на измените на законот за работни односи со кои се определува недела неработен ден и Законот за придонеси.
Занаетчиска комора Скопје смета дека во услови на пандемија и економска криза воведувањето на законско решение за недела како неработен ден воопшто не е поволно за одредени занаетчиски дејности, како и дека нема да можат да го издржат финансискиот товар од повисоките придонеси.
– Со измените и дополнувањата на Законот за работни односи (Сл. Весник бр.288/21) од 01 јануари 2022 година се воведе недела како неработен ден за работниците во целиот занаетчиски сектор. Во недела ќе можат да работат работниците во пекарниците, слаткарниците, печатниците и фотографите, сите останати се исклучени од можноста да работат во недела. Работодавачите од листата на дејности на кои што им е дозволено да работат во недела согласно измените на Законот за работни односи, на работниците треба да исплатат додаток на плата за работа во недела кој што изнесува 50 отсто за секој час поминат на работа. Работното време на Носителите на занаетчиските бизниси –занаетчиите се уредува согласно чл.6 од Законот за занаетчиство каде што стои дека Советот на општината го определува работното време на занаетчиските дејности во зависност од месните потреби и обичаи и немаат обврска го пријавуваат работното време во Централниот регистар – вели Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиска комора Скопје.
Од Комората велат и дека занаетчиите како самостојни вршители на дејност согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување плаќаат придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонес за задолжително здравствено осигурување и дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај на повреда и професионално заболување, а не се обврзани да исплаќаат плата за себе како самовработено лице, ниту да исплаќаат регрес за годишен одмор за себе, што значи дека не се третираат како работници.
Ваквите законски одредби, велат од Комората различно се толкуваат од инспекторите.
– Реално има услужни занаетчиски дејности и занаетчиско производство кои мора да функционираат и во недела кога мора да се испорача одредена услуга како фризура, шминка, цветен аранжман за свадба, нарачка за пекарски, слаткарски производи или кетеринг, и наједноставно како на еден занаетчија ќе му забраните да си го отвори својот дуќан во недела и да работи самиот тој сопственик на дуќан од дејностите кои не се предвидени во листата, без разлика за која дејност станува збор? Законското решение е селективно затоа што дозволува одредени дејности кои се во моловите да работат, а иста дејност со деловно седиште во деловен простор кој што не е во мол не може да работи реагираат членовите во Занаетчиската комора Скопје од најразлични сектори- вели Атанасовска.