Нов урбан станбен комплекс ќе никне близу центарот на градот и ќе ја трансформира локацијата на поранешната фабрика „Треска“ во модерна населба.
Комплексот е предвиден со ниски станбени згради со висококвалитетна архитектура која ќе биде впечатлива во околината, уредено зеленило, модерна урбана опрема, внатрешни меѓублоковски паркови и спортски игралишта. Станбените единици распоредени со блиска катност во модерен дизајн ќе понудат впечатлив топол израз на целиот простор.
Со внимателно испланирано соодветно сообраќајно решение, плански подземен паркинг, пешачки патеки и тротоари со модерни канделабри и друга урбана опрема се планира да се обезбеди непречено пристапување до домовите на новите жители.
Сето ова надополнето со ниско грмушесто и високо стеблесто зеленило ќе го разубави ликот пред самите станбени единици и ќе обезбеди пријатно домување и уживање во секојдневието.
Во внатрешноста на блоковите се предвидува уредено ниско и високо стеблесто декоративно зеленило кое ќе му даде свежина и уникатен лик на просторот, пешачки патеки, урбана опрема со модерни лед светилки, клупи за одмор и разговори со соседите, канти за отпадоци вклопени со околните елементи.
Овие внатрешни меѓублоковски делови на комплексот ќе нудат идеални услови за дружење и релаксација, безбедна игра без сообраќај и катчиња за социјализација на децата и на жителите. Комплексот е надополнет и со поголем парк и градинка која ќе ги задоволи капацитетите на новите жители и блиската околина.
За модерната инфраструктура на комплексот зборува и кратката визуелизација во прилог. Погледнете го видеото од новиот современ простор кој нуди нова свежина и претставува комплетно нова слика од некогашната депонија и урнатини од распаднатите бараки на „Треска“ кои беа жаришта на пожари и дувло на бездомници.