КАКО ДА СИ СИМНЕТЕ КОД ЗА ВАКЦИНАЦИЈА? Упатство за секој чекор за вакцинираните и за инспекторите
Две апликации мк волет и мк верифај се достапни за Андроид и за ИОС телефони, со што се очекува да се избегне фалсификување на сертификатите.
На утрешната владина седница се очекува да се донесе одлуката за новите ковид-мерки со кои вработените во јавниот сектор на работа ќе можат да одат со вакцинација (примени две дози), ПЦР тест на нивен трошок или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, а од 15 ноември истото веќе важи и за влез во секаков вид објекти од отворен и од затворен тип.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна промовираше две електронски алатки преку кои може да се преземат европските сертификати на сите видови паметни телефони. Постои апликација којашто го покажува соодветниот КјуАр код, како и апликација која ја контролира валидноста на тој КјуАр код.
– Тие две апликации се мк волет и мк верифај кои се достапни за Андроид и ИОС телефони, а со тоа ќе се избегне фалсификувањето на сертификатите. Ова е една мерка со којашто значајно ќе се зголеми бројот на вакцинирани лица – рече Филипче.
Двете апликации се достапни преку интернет страната vakcinacija.mk. Со нивно преземање ќе им се олесни движењето на лицата кои се вакцинирале против коронавирусот, како и на оние кои на едноставен начин ќе можат да проверат дали сертификатот за вакцинација е валиден или не, притоа користејќи го дигиталниот ЕУ ковид сертификат.
MK Wallet
Оваа апликација им е потребна на сите граѓани кои сакаат својот ЕУ дигитален ковид сертификат за вакцинација да го зачуваат на својот мобилен телефон. Поради тоа ќе ви објасниме како да го сторите тоа и како ќе можете да ја користите апликацијата и ЕУ дигиталниот сертификат при влез во многу земји, но и во објектите кај нас за каде е потребна ваквата потврда.
Чекор 1
Најавете се на вашиот профил на vakcinacija.mk и преземете го ЕУ дигиталниот ковид сертификат (EU Digital Covid certificate).
Чекор 2
Преземете ја MK Wallet, мобилна апликација за чување на ЕУ дигиталниот ковид сертификат, на Google Play Store или на Apple App Store
Чекор 3
Откако ќе ја преземете апликацијата и ќе ги прифатите условите за користење, притиснете го копчето „Scan Code“.
Чекор 4
Скенирајте го КјуАр кодот што се наоѓа на сертификатот преземен од vakcinacija.mk.
Чекор 5
Внесете го TAN кодот кој се наоѓа на сертификатот преземен од vakcinacija.mk
Чекор 6
Проверете ги вашите лични податоци и податоците за вакцината којашто ја имате примено. Доколку сè е во ред притиснете „Save“.
Чекор 7
Вашиот сертификат е успешно додаден во листата на сертификати.
Чекор 8
Со кликнување на некој сертификат од листата на сертификати се отвораат деталите за него.
MK Verifier
Оваа апликација им е потребна на сите институции кои скенираат/валидираат сертификати за вакцина, прележан или негативен тест (ресторани, настани, спортски сали, трговски центри, итн.). Затоа ќе се обидеме на едноставен начин да ви ги претставиме инструкциите за користење на MK Verifier.
Чекор 1
Преземете ја MK Verifier, мобилна апликација за скенирање и валидирање на ЕУ дигитални ковид сертификати на Google Play Store или на Apple App Store
Чекор 2
Откако ќе ја преземете апликацијата и ќе ги прифатите условите за користење, притиснете го копчето „Поставки“ (во горниот десен агол).
Чекор 3
Притиснете го копчето „Reload“ и почекајте да се освежат јавните клучеви на сертификатите па потоа притиснете на копчето за назад.
Чекор 4
Скенирајте ЕУ дигитален ковид сертификат.
Чекор 5
На екранот ќе ви се појави соодветна порака доколку сертификатот е валиден или не.
За потсетување од 15 ноември се дозволува влез во секаков вид објекти од отворен и затворен тип, угостителски објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителски објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензински станици, во казина и обложувалници, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се дозволува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители/гости/лица, со поседување и приложување на еден од следните документи потврда за ревакцинација.