КАКО ДА СЕ ЗАДРЖАТ РАБОТНИЦИТЕ? Половина од компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила

Појавата е посебно изразена кај техничките работни места за кои е потребно практично искуство, како и во угостителско-туристичкиот сектор.

907

Ако порано зборувавме за креирање на работни места, сега говориме како истите да ги задржиме. Како резултат на миграциите во и надвор од земјата, повеќе од половина од компаниите во Македонија се соочуваат со проблем на задржување на работната сила на подолг временски период, посебно на помладите, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска на денешниот консултативен состанок во Струга.

Трајкоска вели дека оваа појава е посебно изразена кај техничките работни места за кои е потребно практично искуство, како и во угостителско-туристичкиот сектор.






– Предлагаме да се изврши редуцирање на гимназиските и општествените смерови, на сметка на техничките и стручните смерови во средните училишта, а во високото образование да се предвидат критериуми за оценка дали студиските програми имаат општествена оправданост – рече таа.

Претставниците на асоцијацијата на котелиерите (ХОТАМ)побараа да се поедностави  моделот на пријавување на работниците и намалување на трошоците што ги имаат работодавачите за вработените во овој сектор, чиј број од година во година се повеќе се намалува.

– ХОТАМ започнаа со спроведување на активностите од пилот-проектот во охридско – струшкиот регион кои се во насока на олеснување на условите за пријавување на работниците во туристичко-угостителскиот сектор преку преземање на административните активности за пријавување на работниците и покривање на придонесите за вработените кои се ангажирани преку проектот, како и организирање на бесплатни обуки за работниците. На основа на искуствата и резултатите од овој пилот-проект ќе се изготват конкретни предлози за измена на законската регулатива кои ќе бидат доставени до Владата – рече претседателот на ХОТАМ  Крсте Блажевски.

 

Поврзани содржини