Како да се разликува непотизмот од семејната традиција?

Некои го мешаат поимот непотизам со семејната традиција, што е погрешно. Постојат семејства кои со генерации се успешни бизнисмени, дипломати, адвокати, доктори, архитекти, музичари, па на тапет ни криви ни должни често ќе се најдат нивните деца, без разлика дали се талентирани, едуцирани, едноставно осудени се дека го носат истото презиме и јавноста често ќе ги квалификува како неспособни татини и мамини синови, деца кои не виделе мака во живот, а таа омраза оди до таму што хејтерите на социјалните мрежи им посакуваат смрт.

5,673

Колку е непотизмот присутен во нашето општество и како се толкува? Што значи овој негативен политички феномен? Од политиколошка гледна точка, било да е дискретен или отворен, непотизмот е присутен во сите демократски и авторитарни општества. Непотизмот претставува фаворизирање роднини или пријатели при доделување на функции и почести без притоа да се води сметка за стручноста.

Терминот потекнува од латинскиот збор nepos, nepotis. Непотизмот името го добил според практиката на црквата во средновековието, кога во Католичката црква некои папи и владици, кои според црковните закони немале право да стапат во брак, и затоа обично немале свои потомци, но на своите роднини им доделувале привилегирани позиции и титули како кардинал. Често, ваквите назначувања биле начин за продолжување на папската династија.






Непотизмот претставува често користено обвинување во политиката, кога роднина на моќна политичка фигура се искачува на значајна позиција без соодветни квалификации. Во антиката, непотизмот бил присутен меѓу римските династии, додека во епохата на Наполеон, секој брат или сестра на императорот добивал по една златна круна.

Бројните примери од минатото и современоста потикнуваат да констатираме дека непотизмот значи и корумпирање. Овој феномен во современите општества се трансформитра во вид генетско искушение. Бројни се примерите за непотизам на сите меридијани вклучувајки ги Европа и Америка, сè до народите на Балканот.

Во Северна Кореја, династијата на Ким Ил Сунг веке повеќе од половина век владее со државата. Во Фрација од Жискар и Ле Пен, преку Саркози, до Ксавиер Бертран или Патрик Балкани, аферите на непотизам и корупција завршија со судски епилог. И во Белгија во пораст се критиките на јавноста кои се резултат на формирање политички династии. Феноменот се манифестира со фактот што истакнати членови на партиите го контролираат рангирањето на кандидатите на партиските изборни листи. Како оправдување за оваа појава се спомнува препознавањето на името на кандидатите за да се добијат повеќе гласови.

На Балканот е честа појавата лидерите дирекно или индиректно да ги протежираат сопствените роднини.

Сепак, најзначајна димензија на оваа негативна појава е да се разликува непотизмот од традицијата. Познато е дека во докторските, уметничките, професорските фели, како и во бизнисот, синовите и ќерките настојуваат да го заменат родителот, така што е препорачливо да се прават одредени разликувања од политичкиот живот.

Кај јужниот сосед, Јоргос Папандреу, грчкиот премиер, прво бил избран за пратеник на ПАСОК, партија која ја предводел неговиот татко Андреас Папандреу, во 1981 година. Оттогаш зазема значајни функции во владите на неговиот татко или на Костас Симитис. И Костас Караманлис, поранешниот премиер на Грција (2004-2009), е внук на Константин Караманлис, основач на партијата Нова Демократија и во повеќе наврати премиер на Грција. Дора Бакојани, поранешниот министер за надворешни работи на Грција (2004-2009) е ќерка на поранешниот премиер на Грција Константин Мицотакис. Нејзиниот брат Киријакос Мицотакис е член на грчкиот парламент.

Традицијата на политичките наследства е присутна и во САД. Роберт Ф. Кенеди бил избран да биде државен обвинител од страна на неговиот брат, претседателот Џон Ф. Кенеди, во 1960-61, позиција која тој ја имал пред да биде избран за сенатор. Поранешната прва дама на САД, Хилари Родам Клинтон како неизбран член на администрацијата на Бил Клинтон, добила официјална калнцеларија во западното крило на Белата Куќа. Од позиција на прва дама на САД била одговорна за назначување на најмалку 11 функционери на високи позиции во администрацијата на нејзиниот сопруг.

Хуан Антонио Самаранч Салисач, син на Хуан Антонио Самаранч (поранешен претседател на Меѓународниот олимписки комитет во периодот од 1980 до 2001), е член на Меѓународниот олимписки комитет од 2001 година. Ќерката на Хуан Антонио Самаранч, Марија Тереза ​​Самаранч Салисач, е претседател на шпанската Федерацијата за спортови на мраз од 2005 година.

Како во светот, така и во нашата држава, познати се безброј примери на непотизам. Најчест пример за тоа е поставувањето на највисоки државни функции на блиски роднини, братучеди, баџанаци, внуци, кумови, љубовници, комшии, деловни ортаци и ред други поврзани по разноразни основи. Не би сакал да наведам конкретни примери, затоа што живееме во мала држава и тие секако ни се добро познати на сите, а секако и самите ќе се препознаат кога ќе прочитаат. За жал од погоре посочените примери, можеме да заклучиме дека и во многу пософистицирани и подемократски општества од нашето, овој феномен е присутен.

Сепак, на ова место би сакал да истакнам дека и во оваа сфера мошне присутни се fake news, кои ги лансираат опозициските кругови или хејтерите на социјалните мержи.

Некои го мешаат поимот непотизам со семејната традиција, што е погрешно. Постојат семејства кои со генерации се успешни бизнисмени, дипломати, адвокати, доктори, архитекти, музичари, па на тапет ни криви ни должни често ќе се најдат нивните деца, без разлика дали се талентирани, едуцирани, едноставно осудени се дека го носат истото презиме и јавноста често ќе ги квалификува како неспособни татини и мамини синови, деца кои не виделе мака во живот, а таа омраза оди до таму што хејтерите на социјалните мрежи им посакуваат смрт.

Така што не можеме никого да обвиниме што потекнува од познато семејство, никој не избирал во кое семсјство ќе се роди, кои ќе му бидат родители. Во Македонија, важи едно општо мислење, а тоа дека секој успешен и реализиран лик, морал самиот да почне од нула и да нема никаква семејна поддршка, за јавноста да го вреднува и величи.

Кога сме кај привилегираните категории, да истакнеме и дека нивниот исфорсиран ангажман често креира и огромен револт и бес, во средината од која другите се соочиле со неправда што не добиле ништо, а очекувале или им биле дадени лажни ветувања. Тоа најчесто се случува во партиите, но и во администрацијата.

Македончето во принцип е навикнато да ги премолчува неправдите, да не се замерува со лидерот, директорот или со претпоставениот, кој фаворизира одредени индивидуи. Некои похрабри личности реагираат и пожестоко. Епилогот може да биде различен. Некогаш нивниот револт се исплаќа, и можат да добијат подобри позиции од останатите кои мудро и кукавички молчат и се задоволуваат со кикиритки. Меѓутоа не е редок случајот најгласните „да ги исече сабјата“. Не е залудна, онаа народната, „кај што има сила, не барај правдина“.

За жал непотизмот многу вистински талентирани луѓе протера од многу институции, партии, па некои дури ја напуштија и државата, барајќи место под сонцето во некои поправедни држави од нашата. Да не заборавиме, дека во изминативе 15 години, најголем дел од младите кои ја напуштиле државата, покрај економскиот фактор, навеле дека биле разочарани од неправедноста на системот.

Останува да се увериме дали новата влада преку државниот апарат ќе ги редуцира таквите појави, затоа што ниту една власт никогаш нема да може целосно да ги елиминира, сепак сме на Балканот.

(Авторот е член на ЛДП)

Поврзани содржини