Како да се анулира преговарачката рамка?

Потребен е само еден чекор – ДА СЕ ОТКАЖЕ ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ СО БУГАРИЈА! Тука лежи нашата шанса за излез од ќор-сокакот, без претерана директна конфронтација со „меѓународната заедница“, и нејзината уцена за почитување на силеџиски наметнатите, срамни и за нас навредливи договори со соседите. Ако се анулира тоа историско зло за македонскиот народ, автоматски паѓа во вода безумната преговарачка рамка и апсурдниот ултиматум да се менува Уставот!

1,304

Прво и основно што мора да знаеме, и да немаме никакви дилеми, е дека со сегашната преговарачка рамка, подметната од Софија, во договор со Брисел и Вашингтон, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Согласност за рамката имаат дадено „нашите“ предавници, иако таа не е формално прифатена. Рамката е намерно така срочена, за да биде Софија клучна во понатамошното попречување на патот на Македонија, кон ЕУ.

Преговарачката рамка е катастрофална. Таа речиси целосно се базира на вториот протокол со Бугарија, потпишан од Б. Османи. Нема да цитираме детали од нив, меѓутоа, кристално е јасно дека напредокот на Македонија кон Брисел ќе се мери единствено според резултатите на историската комисија. Нема ли да има наши отстапки за Гоце Делчев, и за се’ друго – секогаш ќе следува бугарско вето. И така постојано, и до бескрај. Софија не брза, а дека не сака Македонци во ЕУ, сите знаеме. И не само таа. Тоа веќе не е никаква тајна.






Свесни за цајтнотот во којшто нѐ доведоа, нашите „драги западни пријатели“, дури и „партнери“, ни ги дупнаа ушите со пораки и уцени дека мораме да ги почитуваме и спроведуваме договорите за (не)пријателство со Бугарија, и од Нивици, и дека рамката е непроменлива. Така е – за да се разнебитат Македонците и да се затвори вековното „Македонско прашање“, што е нивна главна цел, по распадот на СФРЈ.

Меѓутоа, тие не можат да го спомнуваат и да нѐ уценуваат со овој протокол, бидејќи би биле смешни. Тој е записник од средба на делегации на Македонија и Бугарија, со кој сме се согласиле да – капитулираме! Апсурдно и бесмислено е Вашингтон, којшто е главен, и Брисел којшто слепо го следи, да се повикуваат на некаков записник! Минорен документ! Надвор е од умот, пак, таков документ да биде и дел од преговарачка рамка. Тој не е никаде ратификуван, и затоа никој од нашите „пријатели“ не труби дека мора да го почитуваме. Значи, имаме чист простор да се повлечеме од протоколот и ситуацијата да ја промениме во наша корист.

Потребен е само еден чекор – ДА СЕ ОТКАЖЕ ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ СО БУГАРИЈА! Тука лежи нашата шанса за излез од ќор-сокакот, без претерана директна конфронтација со „меѓународната заедница“, и нејзината уцена за почитување на силеџиски наметнатите, срамни и за нас навредливи договори со соседите. Ако се анулира тоа историско зло за македонскиот народ, автоматски паѓа во вода безумната преговарачка рамка и апсурдниот ултиматум да се менува Уставот! Тоа е можно, ама и нужно, само ако се има спремност и решителност да се обезбеди опстанокот на македонскиот народ. Во спротивно…

До кога, ќе видиме ама, барем засега, ќе ги послушаме, и ќе ги спроведуваме договорите! Меѓутоа, ќе тераме и по свое!

Откако ќе паднат во вода преговарачката рамка и ултиматумот за менување Уставот, нема да има потреба од нови преговори ниту со Брисел, уште помалку со сите членки на ЕУ. Самите ќе треба да подготват нова рамка, којашто ќе мора да биде коректна и нормална, како и за сите други членки и кандидати. Не смееме да дозволиме било кој да ја меша нашата историја со членството во Унијата, ниту да се бара бесмислена промена на нашиот Устав.

Промената на Уставот, пак, воопшто не е предвидена во договорот за (не)пријателство. Таа е измислица на национал – шовинистот Румен Радев, откако му пропадна заблудата дека ние веднаш ќе прифатиме дека до 1944 сме биле бугарчиња. Веројатно, тоа и не е само негова недоделканост бидејќи „нашите“ забегани политичари тоа и го прифатиле со овој протокол. И јавно, нели, Заев зборуваше дека сме с’шти народ! Како велат старите –една будалетинка што може да растури, сто нормални не можат да средат.

Ова е единствениот и најбезболен излез од нашите сегашни парадокси. Нашите западни „пријатели“, сето тоа ќе го дочекаат на нож, бидејќи им се попречуваат намерите и плановите, ама друг излез немаме, ако сакаме да успееме. А, за Македонците, прашањето е да се биде или не. Затоа, ние сме на потег.

Секоја претензија, дека Софија и Атина ќе се опаметат и ќе ни се смилуваат, е најобична будалштина. Нивните сегашни политики против Македонија се вековни и трајни и, што е најлошо, тие кореспондираат и со американските интереси.

Дека е тоа точно, ќе цитираме изјава од Денко Малески („Слободен печат“, од 24/6/2024). Тој, како МНР, заедно со претседателот Киро Глигоров, биле во посета на САД, во 1992 година. Имале средба во Белата куќа со советникот за национална безбедност, Брент Скокрофт, и со државниот секретар, Лоренс Иглбергер. Скокрофт ги уверувал дека повеќе држави ги менувале имињата, на што Малески реагирал – „ниту една тоа не го сторила против својата волја и тоа не е праведно“. Скокрофт заклучил – „праведно е ако од тој чин зависи самиот опстанок на државата“!?

Има ли подобар доказ од ова, кажано од еден од главните американски надворешно – политички стратези, уште во 1992 година, дека носител на нашето прекрстување, како и на сите наши голготи, од распадот на Југославија до денес – е токму Вашингтон? Пораката на Скокфорт е јасна и недвосмислена, и се сведува на ултиматум – прекрстување, а со тоа и бришење на македонскиот национален идентитет – мора да има! Или…

Настаните коишто следуваа, апсолутно потврдија кому пречат Македонците, и зошто треба да се бугаризаираат. Сегашниот симбол на тие безумни политики е внесувањето на Бугарите во Уставот, што мораме со сите сили да го спречиме.

Кај нас, доволно не се разбира дека сите блокади, уцени и ултиматуми против фундаменталните интереси на македонскиот народ, започнати веднаш по самостојноста на државата – се од дипломатски карактер. Подли се подметнувањата дека проблемот е во историјата. Таа е само алатка која се злоупотребува, за погрешно да се насочат нашата одбрана и политики и да се поткопа нашата позиција. Сите решенија за проблемите со коишто сме соочени, сега главно околу ЕУ и преговарачката рамка, мора да се бараат единствено преку дипломатската пракса и методи.

Никој нема право да очекува да продолжиме со спроведување на се’ што ни било силеџиски подметнато; што било прифатено од гарнитура што самите странци ја доведоа на власт; да бидеме нечии слуги; да се понижуваме како до сега; да исполнуваме туѓи интереси, заборавајќи ги своите… Како суверена држава, по сите меѓународни стандарди, ние сме должни да водиме сопствена политика и да ги браниме нашите универзални права, коишто се сериозно загрозени.

Досегашната владеачка гарнитура, со имбецилни, капитулантски и предавнички политики, ја донесе Македонија во тесен ќор-сокак и во темен тунел. Новата власт, доби огромно мнозинство, токму за да го промени сето тоа и државата да ја тргне од дното.

Нека и е со среќа на новата Влада. Не треба да им се завидува. Огромни се проблемите и предизвиците, со коишто се соочуваат веќе од првиот ден. Добар дел, изгледаат и непремостливи. Во принцип, за се’ има решение, иако за тоа ќе биде потребна исклучителна храброст и бескомпромисност.

За да ги промениме катастрофалните состојби, особено на надворешен план, ќе бидат потребни радикални промени. Откажувањето на вториот протокол мора да биде првиот чекор, по реализираните бескорисни контакти со Софија.

Приближување до ЕУ, мора да биде приоритет, бидејќи е клучно за побрз развој на земјата. Затоа, ќе мора да се сече. Не е возможно да не се менуваат и преговарачката рамка, и Уставот. Едното ќе мора, а изборот е наш. Само бришењето на вториот протокол го решава случајот. Без тоа, или ќе одат курбан Уставот, а по него и Македонците, или ќе останеме изолирани, без ЕУ перспективи. Или причината за ова дереџе ќе мора да се поништи, или последиците да се прифатат. Трето – нема. Договорите, на ред нека дојдат – подоцна.

Неспорен факт е дека, според СИТЕ индикатори, проширување на Унијата нема да има уште многу долго. Многу е веројатна и втора лига. Значи, имаме доволно време да ги решаваме проблемите и со соседите, и со меѓународниот фактор, и да се ангажираме околу реформите. Време не треба да се губи, тоа е интерес на сите граѓани.

Додека на надворешен план се конфронтираме со интересите на странците, коишто не кореспондираат со нашите, дома – се’ зависи од нас. Доколку сме одлучни, никој не може да ги спречи реформите. Така, државата најбрзо ќе напредува.

 

Поврзани содржини