Како да престанеме да го допираме лицето?
Лекарите советуваат дека никако не е допро да го допираме лицето со рацете. Иако е многу тешко да се прекине таа навика, не е невозможно.
Зошто го допираме лицето?
Нашата ДНК нѐ условува да го допираме лицето, па оттука и вродената потреба за тоа. Уште како фетуси во матката, луѓето го прават тоа. Поради ова, секој пат кога ќе си речеме себеси „не го допирај лицето“, ние всушност одиме против нашата природа.
Кога го допираме лицето, тогаш се смируваме. Со притискање на одредени точки, активираме некои делови од парасимпатетичкиот систем.
Проблемот е во тоа што кога сме под стрес, нашиот мозок знае колку ни годи допирањето на лицето, па токму тогаш најмногу нѐ „принудува“ да го правиме тоа.
Децата често ги имитираат своите родители. Ако тие го допираат лицето кога се шокирани, исплашени или лути, поголема е веројатноста дека децата ќе го направат истото.
Како да престанеме да го допираме?
За нас е речиси невозможно да престанеме целосно да го допираме лицето. Меѓутоа, можно е да се минимизира оваа навика со нашето однесување.
На пример, можете да носите очила наместо леќи, или да носите помалку шминка за да не мора да ја поправате во текот на денот.
Наместо постојано да „објаснувате“ со рацете кога зборувате и да ги држите околу главата, можеби е подобро да ги преклопите и да ги ставите во скут. Значи, кога ќе имате потреба да го допрете лицето, ќе бидете повеќе свесни за тоа што правите и ќе се сетите дека тоа не е добра идеја.