Како да натераш Јавен обвинител да си замине?

Интерпелација? Ах, тоа е како да му кажеш: „Еј, мислам дека е време да одиш“, а тој само ќе се насмее, ќе се намести поудобно и ќе праша: „Кафето е одлично, а имате ли нешто благо?“.

270

Во Република Македонија, ситуацијата со јавниот обвинител е истата како кога соседот дошол „само на кафе“, а веќе трета година ти го испива кафето и ти го држи далечинското. Интерпелација? Ах, тоа е како да му кажеш: „Еј, мислам дека е време да одиш“, а тој само ќе се насмее, ќе се намести поудобно и ќе праша: „Кафето е одлично, а имате ли нешто благо?“.

Човекот чека Советот на јавни обвинители да го разреши. А Советот, пак, е како јавен автобус во недела навечер – теоретски постои возен ред, ама никој не е сигурен кога ќе дојде, или дали воопшто ќе дојде.






Што можеме да направиме ние, простите граѓани? Прво, да му пратиме календар на кој сите датуми се означени со „Време е за оставка“. Второ, да му купиме часовник што секогаш покажува „5 минути до заминување“ и трето, да му испратиме покана за свеченото отворање на сопствената врата, за кога конечно ќе реши да ја премине.

Дали е срамно? Не, ова одамна го надмина срамот. Ова е како да гледаш сапуница што трае 20 сезони, каде главниот лик одамна требало да излезе од приказната, ама сценаристите и продуцентите се сериозно вљубени во него.

Во секоја нормална држава, интерпелација значи: „Веќе не ви веруваме, време е да си одите“. Кај нас, тоа значи: „Веќе не ви веруваме… ама ако може, останете уште малку додека не се договориме со сите пријатели од Советот на обвинители, Владата и Парламентарниот дом“.

И така, народот ќе чека. Чекањето е, всушност, новата национална спортска дисциплина. Кутрите ние, постојано чекаме, чекаме правда, чекаме чесност, чекаме и малку совест да се појави некаде меѓу параграфите. А јавниот обвинител? Тој само седи, гледа од фотелјата и си мисли: „Што да брзам, времето е на моја страна…“

Од законски аспект разрешувањето на јавниот обвинител е јасно уредена постапка. А во пракса тоа е невозможна мисија. Тоа е како да испраќаш писмо со гулаб кон Советот на јавни обвинители и да чекаш да се врати со потпис, печат и, по можност, траги од мозочна активност.

Врз основа на досегашните случувања слободно можам да заклучам дека Владата го предлага, Собранието го гласа, а кога ќе дојде време да го тргнеме заради многуте пропусти во работењето, изведуваме цела правна кореографија каде: интерпелацијата е уводен танц, Советот на обвинители е бавен валцер, а јавниот обвинител е соло изведувач што одбива да ја напушти сцената додека не го добие и аплаузот наменет лично нему.

Така, наместо правна држава, добиваме правна сапуница со бесконечни епизоди.

Сè додека Советот не се „разбуди од надо-будниот сон“, останува да уживаме во оваа македонска верзија на шоуто „Кој сака да биде Јавен обвинител?“, каде главната награда е доживотна фотелја, бесплатна доза политичка заштита и неизмерно трпение на народот.

Овој краток прирачник не е само збирка од политички фантазии и имагинации, туку и огледало на нашата стварност, смешно и горко во исто време. Читајќи го, човек сфаќа дека најтешко е не да натераш јавен обвинител да си замине, туку да ја натераш правната држава да пристигне.

Поврзани содржини