Како да му пристапите на човек кој одбива да стави маска? Кажете му дека работите во болница!

Од психолошки аспект, неносењето маска во време на пандемија претставува механизам за одбрана, односно за негација на реалноста, објаснува психологот Катина Павловска за Плусинфо.

1,369

Кога јас се обраќам некому кој не носи маска и се турка во мене во затворена просторија, учтиво го замолувам да ја стави маската. Но, обично добивам одговор дека коронавирусот не постои или со други зборови, да си бркам работа. Во таков случај најлесно е да излезете од таа просторија без да се расправате, но јас не го правам тоа, туку му велам на несовесниот граѓанин дека работам во болница со заразени пациенти и дека е подобро за него тој да се чува од мене. Можам да ви кажам дека ваквиот пристап секогаш функционира.

Ова за Плусинфо го раскажа психологот Катина Павловска, откако ја прашавме како треба да им пристапиме на луѓето кои одбиваат да стават маска во продавница, на пример. На социјалните мрежи деновиве имаше неколку реакции од луѓе кои се жалат дека биле навредувани и пцуени откако некого замолиле да стави маска во затворена просторија.






Заштитните маски веќе станаа дел од нашето секојдневие, односно дел од нашата облека. Но, некои луѓе не можат толку лесно да ја прифатат таа промена.

Катина Павловска Психолог

– Некои луѓе колку и да веруваат во теорија на заговор, факт е дека многу луѓе од земјава и од светот се разболуваат од ковид-19 и умираат. За среќа, во последно време забележувам дека сè повеќе луѓе носат маски. Едно од решенијата, според мене, е да има високи казни за несовесните граѓани, а исто така сметам дека најдобро е повторно да се вратат редарите пред продавниците кои ќе имаат задача да ги опоменуваат луѓето да си ги дезинфицираат рацете и да ја стават маската на лицето. Од психолошки аспект, пак, неносењето маска во време на пандемија претставува механизам за одбрана, односно за негација на реалноста – објаснува Павловска.

Таа посочува дека кај оние што се свесни за опасноста од коронавирусот, носењето заштитна маска дава дополнителна психолошка сигурност.

– Заштитните маски веќе станаа дел од нашето секојдневие, односно дел од нашата облека. Но, некои луѓе не можат толку лесно да ја прифатат таа промена. Еве, ќе ви дадам еден најобичен пример. Ако влезете во продавница и забележите дека врвката од патиката на некој човек е одврзана, вие учтиво ќе му пријдете и ќе му речете: „Господине, врвката ви е одврзана, внимавајте да не паднете“. Тој на тоа ќе ви се заблагодари и веднаш ќе ја врзе патиката. Но, ако истиот тој човек не носи маска на лицето, а вие со истиот тој учтив пристап му пријдете и го замолите да ја стави маската поради тоа што постои опасност да се зарази од ковид-19, голема е веројатноста дека човекот ќе биде навреден и дека ќе се налути. Затоа, потребна е едукација на населението преку медиумите, а и поголемо казнување – објаснува Павловска.

Сличен став дели и Д-р Кристен Вајнс, психолог од Северна Каролина, која вели дека изборот на некои луѓе да не носат маски лежи во човековата природа.

Таа посочува дека човекот не може толку лесно да се навикне на маската и дека се чувствува ограничен од носењето маска.

– Дури и пред пандемијата со коронавирусот, едно од етичките правила гласеше дека треба да се биде внимателен во однос на своето и на туѓото здравје. Затоа и внимаваме на нашата уста кога киваме, бидејќи сакаме да бидеме културни, но и да го заштитиме здравјето на другите луѓе. Многу е важно да го почитуваме другиот човек без оглед на нашето лично убедување. Кога некој ќе забележи човек без маска во продавница, обично оди подалеку од таа личност или излегува од продавницата. Но, тоа не е вистинскиот пристап. Културно е да се пристапи на личноста и да се посочи дека е важно да се носи заштитна маска. Ако тој се согласи, тогаш супер. Ако не се согласи, тогаш е во ред. Нема да стигнеме далеку ако се објаснуваме со тие луѓе, оти нема никогаш да ги убедиме дека грешат – објаснува Вајнс.

Поврзани содржини