КАКО ДА ГИ СПАСИМЕ НАШИТЕ ДЕЦА ОД ЗЛОБНИ ХЕЈТЕРИ? Случајот со Кика ги вознемири родителите во Македонија
„Натпреварот во глупости“ поради внимание е нешто што трае и веројатно ќе потрае. Во еден пример, младите во САД на ТикТок се тркаа кој ќе успее да лапне поголема таблета од прашок за перење, иако можеби и самите знаат дека тие се отровни. Според Будиноска, единствениот начин ова да сопре е самите родители преку разумен разговор да им укажуваат на децата на последиците од нивната расеаност. Kaj некои деца проблем е тоа што отсуствува базичното домашно воспитувањ
Самоубиството на 21-годишната српска јутјуберка, гејмерка и инфлуенсерка Кристина Кика Ѓукиќ во изнајмен стан во Белград подигна прашина во медиумите во соседна Србија, но ги загрижи и замисли родителите кои имаат деца тинејџери и кај нас.
Над 75 отсто од младите меѓу 15 и 19 години во Македонија имаат профил на некоја од социјалните мрежи, а колку од нив биле сајбер-малтретирани, злоставувани или спамирани, не е јасно познато, иако случаите како „Јавна Соба“ и други случаи кои беа обелоденети во jaвноста се наоѓаат во архивите на полицијата.
Сепак, најголемиот дел од малтретирањето на корисниците на интернетот, се одвива секојдневно и далеку од очите на јавноста.
– Најчестите случаи се кај тинејџерските љубовни врски. Девојките ќе дојдат кај психологот и ќе кажат дека биле следени од своите поранешни момчиња. Дечкото им пишува на Фејсбук, по сите мрежи, но и физички се појавува во близина на нивното место на живеење. Ако пораките не успеат кај жртвата, тие ќе стигнат кај пријателите или пријателките, кај членови од најблиското семејство и други – вели Ангела Будиноска, психолог кој работи со млади луѓе.
Кој ќе им укаже на нашите деца да не објавуваат сè и сешто, во полетот да станат славни, влијателни и популарни на Јутјуб, Фејсбук, ТикТок, Инстаграм, Редит и Снапчат, на возраст кога уште не се полнолетни и свесни за товарот со кој треба да се справат? Задевањето и злоставувањето на интернет се чинат сè почести од малтретирањето лице в лице меѓу врсниците особено кога децата имаат онлајн-настава и кога целиот нивен социјален живот е негде таму во етерот.
Кика била навредувана од Бака Прасе, неговите видеа имале милионски прегледи
Додека се расчистува случајот со Кика Ѓукиќ, добро е да се знае дека таа била постојано малтретирана и следена на социјалните мрежи, од повеќе лица. Познатиот српски јутјубер Бака Прасе со денови ја навредувал неа, а потоа и нејзината мајка. Во октомври 2019 година, по расправија со Кика, јутјуберот ја направил песната „Je l te nije blam“ во која најмногу ги навредуваше неа и нејзината мајка. Песната има речиси осум милиони прегледи. Дали е притисокот од јавноста тој што го предизвика хаосот?
Богдан Илиќ, вистинското име на Бака Прасе, ја навредувал и поради нејзиниот физички изглед, а лажел и дека таа е болна и дека оди на хемотерапија.
Само родителите можат да ги вразумат младите, а фали и домашно воспитание
„Натпреварот во глупости“ поради внимание е нешто што трае и веројатно ќе потрае. Во еден пример, младите во САД на ТикТок се тркаа кој ќе успее да лапне поголема таблета од прашок за перење, иако можеби и самите знаат дека тие се отровни. Според Будиноска, единствениот начин ова да сопре е самите родители преку разумен разговор да им укажуваат на децата на последиците од нивната расеаност. Kaj некои деца проблем е и тоа што отсуствува базичното домашно воспитување.
– Младите се невнимателни и родителите се тие кои треба да им обрнат внимание за тоа што прават онлајн. Сум имала неколку случаи на сајбер-булинг. Денес е многу лесно да се згреши. Знаеме што се објавува на Инстаграм, Тик Ток, какви глупости се прават на Фејсбук и многу е битно младите од дома да имаат поголема соработка. Родителите почесто да ги потсетуваат децата дека не треба да си играат играчки и за тоа да зборуваат секој ден – вели таа.

Интернетот им дава слобода на децата, но треба да се знаат границите
Колку и да изгледа непродуктивно во тие „бунтовнички“ години, разговорот меѓу родителот и детето, постојаното укажување можат да бидат клучни во неговото правилно насочување.
– Родителите можат да им посочат со примери на децата за тоа колку е опасно изложувањето на нивните информации – смета Будиноска.
Учењето преку примери е добра пракса. А, најдобар пример се приватните информации, слики или видеа кои толку лесно се оддаваат во јавноста.
– Детето се чувствува слободно да објавува сè и сешто на Фејсбук, но треба да знае дека тоа има последици. Сами и доброволно ги објавуваат тие нешта и можат да бидат жртви на сајбер-следење. Но, тука многу врска има домашното образование – вели психологот.
Имаме одредница во законот, но се казнува ли сајбер-малтретирањето?
Во македонското законодавство не постои изразот „сајбер-булинг“. Затоа во законот нема одредба со која би можело директно да се влијае на овој вид насилство. Сепак во Кривичниот законик според членот 144, став 4 се вели дека за тој што по пат на информатички систем ќе се заканува дека ќе стори кривично дело се предвидува казна затвор од пет години.
– Од моето искуство што сум го имала со клиенти со сајбер-задевање и сајбер-злоставување, изложување на профили и слично, објавување на работи во нивно име, крадење слики, искуството е такво што кога ќе се обратат до полиција ништо не се преземало. Досега имало изрекувани забрани за приближување на одреденото лице кои ги вознемирува, но ништо повеќе од тоа. Така што мислам дека би било многу покоректно кога државата би била многу поинволвирана во сето тоа. Прашање е колку Законот има можности за вакво нешто – вели Будиноска.
Направете скриншот од малтретирачот за да може да го пронајдат
Имајќи предвид дека заканата сторена преку социјални мрежи е еднакво значајна како и секоја друга форма на закана истата не треба да се занемари и треба да се пријави во најблиската полициска станица. Пред да се пријави случајот во полиција жртвата треба да биде сигурна дека зачувала копија, т.н. скринштот од комуникацијата како и копија од профилот на осомничениот како доказ дека бил постоечки во моментот, во случај подоцна да го отстрани.
– Имало случаи кога сме пријавиле во полиција, но освен забрана за приближување полицијата не направи ништо во врска со тие случаи – вели Будиноска.
Сајбер-булингот е многу тешко да се забележи и да се докаже. Тенка е границата меѓу задевање, злостувавање, досаѓање и реална закана. Македонија забележува случаи кога луѓе добија пријави поради пишување на статуси на Фејсбук полни омраза кон некого или нешто или кога имало закана кон политичари и видни јавни личности, но прашање е како и колку се постапува во овие случаи.
Што по дефиниција е сајбер-малтретирањето?
Сајбер-малтретирањето е малтретирање што се случува преку дигитални уреди како што се мобилни телефони, компјутери и таблети. Сајбер-малтретирањето може да се случи преку СМС, текстуални пораки и апликации или преку интернет на социјалните медиуми, форуми или игри каде што луѓето можат да гледаат, учествуваат или споделуваат содржина.
Сајбер-малтретирањето вклучува испраќање, објавување или споделување негативна, штетна, лажна или злобна содржина за некој друг. Може да вклучи споделување лични или приватни информации за некој друг што предизвикува срам или понижување. Некои видови на сајбер-малтретирање ја преминуваат границата на незаконско или криминално однесување.