КАКО БИ ИЗГЛЕДАЛА ЗАПЛЕНА НА ИРАНСКИОТ УРАНИУМ? Koпањето под Исфахан е „неостварлива мисија“ за САД
САД разгледуваат сложена копнена операција за запленување на ирански ураниум од подземните објекти под постројките Исфахан и Натанц. Планот вклучува специјални сили, тешка опрема и висок ризик од воена ескалација.
Администрацијата на Доналд Трамп разгледува ризична копнена операција во Иран. Планот предвидува испраќање специјални сили за запленување на високо збогатен ураниум.
Според „Вашингтон пост“, мисијата би можела да трае со недели или месеци и да биде една од најсложените во модерната воена историја.
Иран, според податоци на Меѓународната агенција за атомска енергија, располага со околу 440 килограми ураниум збогатен до 60 проценти, што е блиску до нивото потребно за нуклеарно оружје.
Бетонот бара механизација, тешки слоеви
Повеќе од половина од материјалот се наоѓа во тунели длабоки над 90 метри во близина на Исфахан. Остатокот е складиран во Натанц и на други локации. Пристапот до дел од објектите е дополнително отежнат по претходни бомбардирања, додека сателитските снимки укажуваат на можно преместување на резервоари пред нападите
Планот вклучува пробивање бетонски и оловни заштитни слоеви, извлекување на материјалот и негов транспорт со авиони. За тоа ќе биде потребна тешка механизација и инженерски единици.
Едни ќе чуваат, други ќе се пробиваат под земја
Операцијата би започнала со напади врз иранската одбрана за да се отвори пат за копнените сили. Потоа следи влез на единици кои ќе обезбедат периметар околу нуклеарните објекти.
Една од опциите вклучува ангажирање на елитни единици како 82-та воздушно-десантна дивизија и „Ренџерс“, кои би влегле длабоко во непријателска територија под ризик од ракети, артилерија и беспилотни летала.
Одела против радијација, опрема за дишење и сензори
Во подземните комплекси би делувале специјални единици како „Делта Форс“ или „Морнаричките СЕАЛ“, кои би морале да пробиваат пречки и да го извлекуваат материјалот под екстремни услови.
Секој чекор носи ризик од радијација. Војниците би користеле заштитни одела, опрема за дишење и сензори за откривање на зрачење.
Цела база, механичари, возачи, експерти
Поради обемот, мисијата би личела на воспоставување привремена воена база. Би биле потребни механичари, возачи, логистика и нуклеарни експерти од Министерството за енергетика.
Снабдувањето со храна, вода и гориво би било постојано, додека целата операција би се одвивала под закана од напад. Поранешни воени лица предупредуваат дека ваквата акција е бавна, детална и потенцијално смртоносна, со реален ризик од жртви.
Одлука сè уште нема
Од Белата куќа велат дека се разгледуваат повеќе сценарија. Конечна одлука не е донесена. Целта е да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Копнена операција би значела нова фаза на ескалација во конфликтот.