КАДЕ ЗАВРШУВААТ ДАВАЧКИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА? Институциите немаат увид за парите кои ги плаќаат граѓаните

Ревизорите посочуваат дека од анкетирани 34 општини, во 11 од нив јавните претпријатија немале обезбедено дозвола за користење на вода или биле одбиени поради некомплетна документација или воопшто не аплицирале за дозвола

103

Јавни претпријатија наплаќаат вода, а немаат дозвола за управување вода. Граѓаните и фирмите плаќале за регистрација на возила, но не се знае дали вистинските суми за даноци  биле уплатени на сметка на Министерството за животна средина, пишува Порталб.

Ревизорскиот извештај кој под лупа ги става даноците за животна средина во функција на политики за заштита на истата, открива серија на пропусти и слабости.






Граѓаните и фирмите плаќаат за регистрација на возила, односно за технички преглед, а Министерството за животна средина нема увид дали тие пари се правилно пресметани и дали завршувале на сметка на вистинската сметка. Ревизорите нотираат сериозни забелешки во овој сегмент и покрај тоа што со законските измени фирмите за регистрација возила се обврзале најдоцна до 15 во месецот да достават извештај за бројот и видот на возилата кои се регистрирани како и износот на парите кои се наплатени. Но бидејќи Министерството за животна средина нема воспоставено соработка со МВР за да ги споредат податоците, останува сомнежот за веродостојност на податоците за возилата.

„Вака воспоставениот систем не дава уверување за целосноста и точноста на податоците и уплатените средства по овој основ“ – наведуваат ревизорите.

Големи пропусти се утврдени кај јавните комунални претпријатија кои управуваат со вода. Тие без да имаат лиценци ја наплаќале услугата од корисниците. Ревизорите посочуваат дека од анкетирани 34 општини, во 11 од нив јавните претпријатија немале обезбедено дозвола за користење на вода или биле одбиени поради некомплетна документација или воопшто не аплицирале за дозвола, што значи секое трето ЈП работело спротивно на законите и прописите.

„Ваквата состојба на голем број одбиени барања создава ризик да се користи водата без да се има дозвола за истото и без да се плаќа надоместок за искористувањето. И покрај немањето дозвола за управување со водниот ресурс јавно комуналните претпријатија ја фактурираат услугата за водата која ја зафаќаат и ја дистрибуираат, односно вршат испуст и ја загадуваат животната средина“, се наведува во извештајот.

Од 2020 година до моментот на ревизијата, вкупниот долг по основ на неплатени надоместоци за вода достигнал 1,6 милиони евра, од нив годинава биле наплатени 200.000 евра со што останува долг од уште 1,4 милиони евра. И покрај тоа што должниците постојано се опоменувани да ги платат давачките наплатат оди бавно.

Катастрофални се и податоците за недомаќинско управување со водата – онаа што се троши, а не се плаќа и онаа што се „губи“ поради дефекти, диви приклучоци.

„На ниво на државата процентот на неприходувана вода во 2021 година изнесува 60,46% и значително е повисок во споредба со просечното ниво во земјите на ЕУ каде изнесува 30%“, се наведува во извештајот.

Ревизорите посочуваат дека како последица на ненавремена или не спроведена наплата на давачката за интегрирана еколошка дозвола е оштетен буџетот. Фирми во земјава добивале ваква дозвола, но задоцнето или воопшто не ја платиле. Заклучно со крајот на 2021 година регистриран е долг од 153.000 евра и уште попроблематично отпишан е долг по основ на неплатени државни дозволи во износ од скоро 500.000 евра.

„51% од побарувањата се постари од 2019 година, а 49% потекнуваат од периодот опфатен со ревизијата од 2019 – 2021 година“, констатираат ревизорите.

Во 2019 биле отпишани 500.000 евра по основ на долг од две фирми кои завршиле во стечај. Кај едната побарувањата од Министерството за животна средина воопшто не биле признати за постоечки во тек на стечајната постапка зошто Министерството „не успеало“ да достави докази дека испратило решенија за наплата. Ревизорите забележуваат на начинот на кој се постапува за наплата на сумите што ги должат фирмите.

„Не беа доставени докази за навремено поткренување на постапки за присилна наплата на сите должници кои во редовен рок не го платиле надоместокот за поседување на интегрирана еколошка дозвола. Ваквата состојба упатува на несоодветно воспоставен систем за евидентирање и наплата на надоместоците за поседување на А интегрирана еколошка дозвола, а со тоа и ненавремена и нецелосна наплата на истите што е причина за помалку остварени приходи на сметката на Министерството“, посочуваат ревизорите.

Според нив, не постои интегриран пристап во решавање на проблемите со животната средина и дека не се почитува принципот „загадувачот плаќа“.

Поврзани содржини