КАДЕ ЗАВРШИЛЕ 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА ШТО ГИ ИСПЛАТИЛ ФИЛИПЧЕ? Арсовски обвинува дека завршиле како провизии
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Венко Филипче искористил вакуум период и ѝ исплатил на грчката компанија „Интракат“, која го гради Клиничкиот Центар во Штип, 2,5 милиони евра.
Кога СДСМ конечно ќе го заврши Клиничкиот Центар во Штип? Најпрвин велеа 2019, па 2020, па 2021, па сега велат во 2022, а абер ќе нема уште неколку години, бидејќи сега да отидеме таму сигурно нема ниту еден мајстор кој работи на Клиничкиот центар, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој потсетува дека Венко Филипче искористил вакуум период и ѝ исплатил на грчката компанија „Интракат“, која го гради Клиничкиот Центар во Штип, 2,5 милиони евра.
– Од Клиничкиот Центар во Штип нема ни траг ни глас дека ќе се заврши. Веќе петта година СДСМ како Влада го прави и го завршува, а повеќе од 2 години, замислете, нема ниту мајстори и не е поместена ниту една цигла, не е закована ниту една шајка. Е сега, откако ЕБРД го раскинува договорот со „Интракат“ заради незавршени обврски за кои се заложиле во врска со изградбата и буквално никој, ама никој тука кај нас во владава не го интересира до каде е изградбата на Клиничкиот, Венко Филипче на неколку недели пред заминување од функцијата министер за здравство, префрла 2,5 милиони евра за проект кој е незавршен и нема најава дека ќе биде завршен во блиска иднина. Иако компанијата „Интракат“ била блокирана од судот во Македонија, можевме да прочитаме во медиумите дека Граѓанскиот суд, токму оној кој ја блокирал сметката на фирмата за неподмирени долгови на над 600 македонски компании, веднаш по локалните избори кога била извесна оставката на Заев и на Филипче, ја одблокирал сметката на 90 дена на оваа фирма и токму во тие 90 дена Филипче исплатил од парите на граѓаните 2,5 милиони евра и потоа си заминал од функцијата – рече Арсовски.
Тој вели дека фирмата „Интракат“ наместо да ги подмири обврските или да ги употреби овие пари за работа на клиничкиот центар, таа ги испумпала надвор од државата.
– Прашуваме, дали Бојан Маричиќ како министер и дел од оваа цела операција која што се завршила во рок од 90 дена, ургирал и интервенирал во Граѓанскиот суд да се одблокира сметката на фирмата која го прави клинички? Дали Венко Филипче свесно ги исплатил парите за кои не знае каде завршиле? Или дали завршиле во изградба на клиничкиот центар Штип, или пак дали завршиле кај оние 600 компании кои имаат побарувања кон оваа фирма? Дали овие пари ќе завршат како провизии кон македонските политичари од власта? Кој инаку би ризикувал да исплаќа пари на фирма која нема шанса да го заврши клиничкиот центар во догледно време? – прашува Арсовски.
Според него, очигледно е дека 2,5 милиони евра ќе ги остават штипјани без клинички и ќе завршат во нечии џебови како провизии.