КАДЕ ВИ Е ФАБРИКАТА ЗА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ? И по 235 дена на местото зјапа празна нива, потсетува Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ
Ковачевски и неговиот газда Ахмети сега треба да одговорат каде е фабриката? Каде се 890 работници? Каде се автомобилите произведени во Македонија – праша Стоилковски.
И по 235 дена од свеченото поставување камен-темелник нема фабрика за автомобили на електричен погон, како што беше помпезно најавувано, туку има само празна нива во Тетово посеана со лагите од ДУИ и СДСМ – обвини денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на прес конференција од самата локација на најавената фабрика.
– Зад мене е местото наменето за фабриката за електричен автомобил целосно произведен во Македонија за чијашто градба свечена церемонија се одржа на 13 август, пред точно 235 дена.
Потпишаа договор за фабрика- инвестиција со фирма на бизнисмен близок до ДУИ. На денот на Рамковниот. И по 235 дена, ова е резултатот. Апсолутно ништо! Фрлија лопата, направија реклама и толку! Нема ништо, празна нива посеана со лаги. СДС и ДУИ се церемонијал-мајстори за промоција на проекти и инвестиции што потоа никаде ги нема. Ковачевски и неговиот газда Ахмети сега треба да одговорат каде е фабриката? Каде се 890 работници? Каде се автомобилите произведени во Македонија?
Дали и колку ја чини Македонија овој скап пи-ар, ако учеството во инвестицијата, државната помош била договорена на 45 милиони евра? Дали државата исплатила дел од 45 милиони евра кон фирмата блиска до ДУИ? Дали и ова ќе заврши само како метод за испумпување на пари, а инвестиции воопшто да нема – праша Стоилковски.
Тој го цитираше Ковачевски од свеченото поставување камен темелник лани во август.
– Велеа дека ова е „инвестиција што носи промени животот во локалната заедница, и дека ќе даде силен стимул на економијата и значајна референца за државата во привлекување на странски инвестиции”! Е оваа празна нива, наместо фабрика по 235 дена, е вистината за владеењето на ДУИ и СДС, ова е сликата за иднината со нив, скапи церемонии и свечености, фирми блиски до ДУИ и СДС, и празни плацеви, наместо фабрики – рече Стоилковски.
