КАДЕ СЕ МВР, ВЛАДАТА И НЕВЛАДИНИТЕ ДА РЕАГИРААТ!? Стоилковски прозива во врска со заканите кон Мицкоски
Закани кон лидер на опозицијата и неговото семејство се недозволиви. МВР мора да реагира, Оливер Спасовски не смее да се сокрива како и досега во случаи на закани, а гласност бараме и од граѓанските организации – рече портпаролот Стоилковски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски добива закани по животот на децата, и тоа во ситуација кога тој посочува на криминали и притисоци, а МВР на Оливер Спасовски молчи, како што молчат и невладините организации, а претставниците на владата никаде ги нема – изјави денеска на прес конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Закани кон лидер на опозицијата и неговото семејство се недозволиви. МВР мора да реагира, Оливер Спасовски не смее да се сокрива како и досега во случаи на закани, а гласност бараме и од граѓанските организации, коишто беа гласни за правото и правдата и борбата со криминалот и насилството. Ова мора да има крај – истакна Стоилковски.
Тој рече дека во СДСМ се исплашени и нервозни, зашто ја губат поддршката кај јавноста, притиснати од скандали, па применуваат кон закани и заплашувања, но тие закани, како што рече Стоилковски, ниту ќе го исплашат ВМРО-ДПМНЕ, ниту ќе го замолкнат, а уште помалку ќе го поколебаат.
Одговарајќи на новинарско прашање за денешните убиства и грабежи, Стоилковски рече дека Спасовски ја претворил државата во „мафијашки полигон“, и дека за тоа мора да има одговорност.
– Само во последните 12 часа се случува убиство во скопски Капиштец, тежок грабеж во скопски Аеродром, и двата настани се во близина на центарот на Скопје, а според информации, обезглавено тело е најдено во близина на Скопје, на патот кон ГП Блаце. Македонија, почитувани, ја претворија во мафијашки полигон, а сето тоа е резултат на состојбите за коишто подолго време укажуваме. Оливер Спасовски мора да си поднесе оставка! Одговорност мора да има – порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Стоилковски.